• среда, 27 ноември 2024
МИА Радио флеш

26 ноември 2024

Скопје - На 70. годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО, која се одржува од 22 до 25 ноември 2024 година во Монтреал, Канада, учествува Делегација од Собранието на Република Северна Македонија во состав Драган Ковачки, шеф на Делегација и пратениците Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на Делегацијата, информира собраниската прес-служба.

На пленарната седница и претходело одржување на постојаните комитети на ова Собрание, на чиј дневен ред се разгледувале повеќе извештаи и предлог-декларации, за усвојување на седницата.

Парламентарците ја потврдиле нивната силна поддршка на Украина и потребата за воена, финансиска и хуманитарна помош, како и правото за легитимна само-одбрана, согласно принципите на Обединетите нации. Истовремено, била поддржана актуелната адаптација на НАТО согласно новите стратешки предизвици, со апел до земјите да ги зголемат трошоците до одбраната над 2% од БДП за подобар придонес кон колективната одбрана.

Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествува на Пленарен состанок на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува од денеска до 29 ноември во Парагвај, кој е посветен на глобалната имплементација на меѓународните стандарди за даночна транспарентност и напредок на земјите, како и на предизвиците со кои се соочуваат земјите при имплементација на стандардите. Министерката учествува на Форумот во придружба на државниот секретар во Министерството за финансии Андриана Матлиоска.

Како што информираат од Министерството, Димитриеска-Кочоска на панел-дискусија ќе се осврне на приоритетите, искуството и предизвиците во имплементација на Стандардот за автоматска размена на информации (AEOI) којшто е клучна алатка за јурисдикциите, односно државите, во борбата против даночното затајување и заштита на интегритетот на нивните даночни системи.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчера и денеска, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, е во работна посета на Рим каде учествуваше на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог“ и се обрати на панелот „Нова Европска комисија, стари европски приоритети“, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

„Медитерански дијалог“, појаснуваат оттаму, е годишна конференција на високо ниво за медитеранска геополитика, организирана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка и ISPI (Италијански институт за меѓународни политички студии). Нејзината цел е да се преиспитаат традиционалните пристапи кон медитеранската област и да се адресираат заедничките предизвици на регионално и меѓународно ниво.

Скопје - Шестмина специјалисти предводени од директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер од вчера до четврток престојуваат во Скопје. Во рамки на нивниот престој, денеска тие ќе го посетат Скупи, а потоа, во текот на денот ќе биде потпишан и меморандум за соработка меѓу Германскиот археолошки институт и Музејот на Град Скопје.

Како што брифираат за МИА од Музејот на Град Скопје, меморандумот претставува прв чекор во воспоставување на соработката што ќе биде на државно ниво меѓу Министерството за култура и Германскиот археолошки институт.

Во текот на утрешниот ден, претставниците од Германскиот археолошки институт ќе остварат средба со претставници од Министерството за култура на Северна Македонија.

Охрид – Со заупокоена утринска Света архиерејска литургија што од изутринава се отслужува во Храмот на Свети Пантелејмон на Плаошник, верниците од дебарско-кичевската епархија денеска се простуваат од упокоениот владика Тимотеј.

Со литургијата чиноначалствува викарниот епископ на Дебарско-кичевската епархија, неговото преосвештенство епископот Антаниски господин Партениј во сослужение на бројни свештеници од Епархијата.

Посмртните останки на Митрополитот Тимотеј на проштално збогум ќе бидат изложени во храмот на Плаошник се до крајот на вечерната служба.

Скопје - Во текот на изминатата недела мобилни тимови и царински службеници на граничните премини спречија обиди за криумчарење на поголема количина облека, цигари, нови екрани за мобилни телефони, но и употребувани хардверски делови. Спречен е и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне откриени при контрола на товарни моторни возила пријавени за увозно царинење, информираат од Царинската управа. 

Сараево - Во зградата каде што се наоѓаат Кантоналниот суд во Сараево и Општинскиот суд Сараево, утрово е пријавено дека е поставена бомба.

Според информациите, припадниците на Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон се на терен и вршат детален преглед, а во тек е евакуација на зградата.

Поради дојавата за бомба, одложени се сите рочишта во кантоналниот и општинскиот суд. Меѓу поважните рочишта што требаше да се одржат денеска се завршните зборови на Обвинителството на БиХ во врска со убиството на сараевските полицајци, како и случајот против Ибрахим Хаџибајриќ.

Дојавите за поставени бомби во зградата каде што се сместени двата суда зачестија во последните месеци, но засега сите беа лажни.

Нови Сад - Поранешниот српски министер за градежништво Горан Весиќ, кој е во притвор и штрајкува со глад поради нагло влошување на здравствената состојба, утринава е префрлен во Институтот во Сремска Каменица, јавија белградските медиуми.
По преглед од страна на специјалист, Весиќ со одобрение на судија за претходна постапка е задржан на одделението за коронарна интензивна нега во таа болница.

Српскиот парламент вчера ги констатираше оставките на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ и министерот за трговија, Томислав Момировиќ, со што им заврши мандатот на таа функција.

Весиќ и Момировиќ поднесоа оставки по несреќата што се случи на 1 ноември во Нови Сад, кога се урна бетонска настрешни на железничката станица и загинаа 15 лица, а две се тешко повредени. 

Белград - Во Специјалниот суд во Белград денеска треба да почне судењето на 20 членови на организираната криминална група позната во јавноста како „Балкански картел“, осомничени за меѓународна трговија со околу седум тони кокаин.
На денешното судење одбраната треба да ја дадат обвинетите, додека на прелиминарното рочиште кусо се изјаснија за обвиненијата и ја негираа вината, јавија белградските медиуми

Тие беа обвинети дека сториле кривични дела здружување заради сторени кривични дела, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и недозволено производство, држење, носење и продавање на оружје и распрскувачки материјали.

Загреб - Управата за сузбивање корупција и организиран криминал во Хрватска - УСКОК- спроведува акција при што според загрепски медиуми - во тек се апсења во пет окрузи.

Апсењата и спроведувањето на итни доказни дејствија се резултат на кривична истрага спроведена од Службата за кибер-безбедност при Управата за криминалистичка полиција и Сплитско-Далматинската полициска управа по налог на УСКОК,.

„Наведените дејствија се спроведуваат во Хрватска на подрачјето на повеќе полициски управи (Сплит-Далмација, Загреб, Приморје-Горски Котар, Пожега-Славонија и Истра) во врска со повеќе лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против интелектуална сопственост и кривични дела против компјутерски системи, програми и податоци“, наведуваат од УСКОК. 

Букурешт - Независниот кандидат за претседател на Романија, Калин Георгеску, кој изненадувачки победи во првиот круг од претседателските избори во неделата, ги негираше обвинувањата дека е екстремист, наведувајќи дека е само „Романец кој ја сака својата земја.

- Обвинет сум за екстремизам – тоа е не е вистина, целосна невистина. Јас сум целосно посветен, со сето свое срце и со својот живот, на романскиот народ,“ изјави Георгеску на синоќешниот пренос во живо на својот YouTube канал.

Крајнодесничарскиот политичар Георгеску(63) освои 22,94 отсто од гласовите во првиот круг, додека десноцентристичката кандидатка Елена Ласкони, лидерка на опозицискиот Сојуз за спас на Романија, е втора со 19,18 отсто. Левичарскиот премиер Марчел Чолаку, кој според анкетите беше фаворит, заврши на третото место со 19,15 отсто, по што поднесе оставка како лидер на Социјалдемократската партија, но ќе остане премиер до парламентарните избори на 1 декември.

Никозија – Теоретските и практичните аспекти на планот за евентуално членство на Република Кипар во НАТО, кога тоа ќе го дозволат политичките услови, му ги претставил кипарскиот претседател Никос Христодулидис на неговиот американски колега Џо Бајден на нивната средба минатиот месец, пишува весникот „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Според информациите на весникот, кипарскиот план е „детален, добро осмислен, и долгорочен, составен од многу меѓузависни фази и е веќе прифатен од Вашингтон“, а главната цел е институционализирање на односите на Кипар со НАТО.

Рим - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска го повика Израел да го поддржи предложениот договор за прекин на огнот во Либан, истакнувајќи дека истиот нуди безбедносни гаранции за Израел.

Говорејќи на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7, Борел нагласи дека нема изговор за да не се спроведе договорот со либанската милитантна група Хезболах. Тој побара да се изврши притисок врз Израел за денеска да го одобри договорот.

Според неименуван израелски функционер, Израел веројатно ќе го поддржи американскиот план за прекин на огнот. Безбедносниот кабинет на Израел ќе одржи состанок во седиштето на Израелските одбранбени сили (ИДФ) во Тел Авив.

Лондон - Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами изјави дека неговата државанема да испрати војници во Украина, откако одрфедени медиуми сугерираа дека Британија и Франција ја разгледуваат таа опција, пренесе ДПА.

Тензиите меѓу Русија и Западот значително ескалираа во последните денови, откако американскиот претседател Џо Бајден ја овласти Украина да користи ракети со гомел дострел доставени од САД за да нападне цели во Русија.

„Монд“ вчера објави дека Франција и Велика Британија „не ја исклучуваат“ можноста за испраќање војници и приватни одбранбени компании во Украина, повикувајќи се на неименувани извори.

Монтреал - Членките на Северноатлантската алијанса треба да ја забрзаат процедурата за Украина да стане полноправна членка на НАТО што е можно поскоро, се наведува во резолуцијата усвоена на пленарната седница на Парламентарното собрание на НАТО.

„Собранието ги повикува владите и парламентите на членките на Алијансата да ги интензивираат политичките и практичните напори за Украина да добие покана и да стане 33. членка на НАТО што е можно поскоро“, се вели во резолуцијата, пренесува Укринформ.

Во резолуцијата се повикува на зголемување на воената, финансиската и хуманитарната поддршка за Украина, како и навремено снабдување со муниција и современи оружени системи.

Остани поврзан