• недела, 06 октомври 2024
МИА Флеш

18 септември 2024 

-  Најновите услови во економијата овозможуваат да се почне со постепено претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика и е одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25  процентни поени, на нивото од 6,05 проценти, соопшти денеска Народната банка. 

Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20 проценти и 4,25 проценти, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

- Парите од заемот од Унгарија наменети за македонското стопанство треба да бидат пласирани преку домашните банки под истите услови под кои е земен заемот. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека намерата на Владата е тие средства да одат преку банките, а доколку тоа не се случи, тогаш ќе се бараат други начни да се пласираат овие средства. 

- Факт е дека тие пари ќе дојдат во Македонија и ќе бидат ставени на располагање на македонската економија и на македонското сопанство. Нашата намера е да биде преку комерцијалните банки бидејќи тие имаат повешти механизми за управување со овие средства и да биде под истите услови под кои го земаме заемот. Доколку тие услови не бидат исти, тогаш ќе се обидеме да најдеме друг начин - дали тоа ќе биде преку Македонската банка за развој или друг механизам, ќе видиме, изјави денеска Мицкоски при посетата на општина Аеродром.

-  Коалицијата „Сите за правично судење“ денеска во Скопје ги презентираше препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, изработени во рамки на проектот „Подобрување на учеството на засегнатите страни во процесот на реформи во правосудство“. Препораките и акцискиот план се оформени по спроведениот консултациски процес кои судиите и јавните обвинители ги посочиле во аспект на функционирањето на правосудниот систем.

-Почнавме процес преку кој сакавме да дадеме платформа преку која судиите и јавните обвинители ќе можат меѓусебно да се координираат, усогласат да изградат заеднички став во однос на оние битни проблеми и прашања кои ги сметаат за суштински и да се понудат препораки дадени изворно од нивната страна кои се однесуваат на извршната, законодавната но и на судската власт на самите судии и јавни обвинители и се во насока да се унапреди ефикасноста на брзината на кривичните постапки и секако владеењето на правото. Особено оние кривични постапки кои и јавноста најчесто ги следи и преку нив се информира за работата на судовите, изјави Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“.

- Премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на посетатата на Брисел посочи дека на дневен ред ќе биде Планот за раст,  а доколкку стане  збор за евроинтеграцискиот процес ќе ги брани и одбрани македонските национални интереси. Позицијата на Владата за уставните измени, како што рече, е јасна и сакаме да знаеме дека ако го отпочнеме, како што ни беше ветувано во 2018 година за три, четири, пет години максимум, ќе завршиме тој пат и е бидеме членка на ЕУ.

Одговарајќи на новинарски прашања Мицкоски рече дека Планот за раст е доставен до Европската комисија и во Скопје и во Брисел од страна на македонската Влада  која потенцираше дека подготвила фантастичен документ. 

- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Драган Алексоски, в.д. регионален директор на Меѓународната организација за миграција за Европа и Централна Азија.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова, било разговарано за соработката на македонските институции со Меѓународната организација за миграција и можностите за нејзино продлабочување, за областите во миграциската политика на кои треба да им се даде приоритет, како и за претстојните иницијативи и активности на организацијата предвидени за нашата земја.

- Во организација на ПС на НАТО и Сејмот и Сенатот на Република Полска, на 16 и 17 овој месец во Варшава се одржа 106-от Рос-Рот семинар на тема „Силна одбрана и демократска отпорност: Полска, адаптацијата на НАТО и идната европска безбедност”.

-На семинарот, на кој присуствуваа околу 200 учесници од парламенти на земјите членки и асоцијативните членки на НАТО, државите партнери, високи официјални претставници на меѓународните организации, невладиниот сектор, универзитети, владини и претставници на истражувачки институти, од Собранието учествуваа пратениците Драган Ковачки - шеф на делегацијата во ПС на НАТО, Беким Сали и Славјанка Петровска - членови на делегацијата. 

- Договорот за закуп за деловен простор склучен меѓу „Хеј“ ДООЕЛ и Државна лотарија, Владата не само што го раскина туку тој е и основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна туку дури и до три пати поголема од пазарната, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со раскинување на договорот меѓу „Хеј“ ДООЕЛ и Државна лотарија, меѓу другото напомена дека спротивно на законот биле издавани лиценци за приредување игри на среќа преку интернет, а предмет биле и друг тип на платформи, сето она кое што, како што посочи, претставува груба злоупотреба, кршење на законот и основа за кривична пријава.

- На следната владина седница треба да се најде предлогот за есенската потрошувачка кошница, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. 

Во изјава за медиумите Мицкоски рече дека е постигнат договор и дека предлогот на Министерството за економија и труд вчера бил доставен до Владата. - Имаше вчера предлог од страна на министерот за економија, кој е резултат на средбата што ја имаа надлежните со производителите и со трговците. Рековме дека работите ќе ги решаваме преку дијалог, беше постигнат договор и истиот ќе биде веќе на следната владина седница. Вчера не беше поради определени технички причини, но сакаме да ги помине и оние филтри како што се Генерален колегиум и Комисија за економски систем. Очекувам на следната владина седница во вторник да биде на дневен ред, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета во општина Аеродром. 

- Цените нема да се замрзнат, туку ќе се ограничи бруто профитната маржа на стотина основни прехранбени производи до 10 отсто, соопшти денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Како што информира Дурмиши, за оваа мерка Владата најверојатно ќе дискутира на следната седница идната недела. Со мерката ќе бидат опфатени лебот, пекарски и млечни производи, овошје, зеленчук,...-Оваа мерка ќе биде краткорочна и во сила еден месец. Праксата на нејзиното донесување ќе продолжи за новогодишните и сите следни празници, истакна министерот.

- Градење институционални капацитети кои ќе го поддржат развојот на бизнис ангелите во земјава и посебна правна рамка што целосно ќе го дефинира овој концепт, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Како што рече, бизнис ангелите не се само извори на финансирање, туку и катализатори за иновации и економски раст. Нудат "паметни пари", искуство, експертиза и обезбедуваат капитал за малите и средните претпријатија во клучните фази од нивниот развој, кога традиционалните финансиски институции често не сакаат да го сторат тоа.

- Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска во Скопје ќе учествува на конференција посветена на Европските денови на култруното наследство.

На конференцијата, како што соопшти Министерството  за европски прашања, свои обраќа ќе имаат и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, раководителот за соработка од Делегацијата на ЕУ во Скопје, Штефан Худолин, Мигел Џон Верслус, академик и професор на Лиден Универзитетот од Холандија, проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитет Скопје, како и други познати и признати имиња во областа на образованието, историјата и истражувањето на културното наследство од Европа и Западен Балкан.  

– Во 2023 година во земјите од Западниот Балкан е регистрирано зголемување на загадувањето од јаглен, како последица на одлуките на властите да продолжат со работа застарените термоцентрали на јаглен, се оценува во најновиот извештај на мрежата на невладини еколошки организации Бенквоч. 

Како резултат на ова, според мрежата, зголемено е загадувањето со сулфур диоксид, а над дозволените ниво биле и емисиите на прашина и азотни оксиди.  

- Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ му претстави на градоначалникот на Пула Филип Зоричиќ можен план за основање центар за обука на пилоти на авиони со ниско ниво на бучава, а не на воените авиони Рафал. Анушиќ истакна дека во градот нема да се основа воена база.

- Во Пула нема да има распоредување на Рафали, бидејќи обуката на пилоти се врши на школски авиони, во овој случај, тоа би бил Пилатус ПЦ-21, објасни Анушиќ. Тој додаде дека Пилатус ПЦ-21 е потивок од патничките авиони, а неговата бучава е занемарлива.

-Во борбите на југот од појасот Газа загинаа четворица израелски војници, соопштија Израелските одбранбени сили (ИДФ).

Во истото соопштение се наведува дека тројца војници се потешко повредени, а двајца имаат полесни повреди. 

- Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига денеска пристигна во Романија во прва посета на странство по преземањето на функцијата на 5 септември, објавија украинските медиуми.

-Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибига, започна разговори лице в лице со неговата романска колешка Луминика Одобеску во Букурешт за време на неговата прва меѓународна посета на Романија, напиша украинското Министерство за надворешни работи на Телеграм.

- Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска на својот Инстаграм профил се огласи каде реагираше за апсењето на актерот Сергеј Трифуновиќ во Хрватска и побара од државните органи на Република Србија да направат се за тој да биде ослободен и вратен во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ во видео-обраќање на својот Инстаграм профил изјави дека Трифуновиќ вчера бил приведен, уапсен и одведен од граничниот премин, а никој не разбира зошто.

- Одржувањето на европскиот начин на живот мора да се базира на подобрување на конкурентноста, за што е потребна поблиска соработка и интеграција меѓу европските земји, порача поранешниот италијански премиер и екс-претседател на Европската централна банка, Марио Драги при претставувањето пред европратениците на неговиот Извештај за иднината на европската конкурентност. 

- ЕУ треба да се фокусира на три клучни прашања: намалување на иновацискиот јаз со САД и Кина, развивање заеднички план за поврзување на целите за декарбонизација со зголемување на конкурентноста и зајакнување на безбедноста на Европа и намалување на нејзината зависност од странски економски сили, изјави Драги.

- Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел ја повика Грузија да го укине новиот закон што ги ограничува правата на ЛГБТ+ заедницата, истакнувајќи дека тој „ја оддалечува земјата од ЕУ“.

„Овој закон ќе ги поткопа основните права и ќе ја зголеми дискриминацијата и стигматизацијата“, напиша Борел на социјалната мрежа „Икс“.

- Министерството за одбрана на Јапонија соопшти дека кинески носач на авиони првпат навлегол во зоната околу нејзините води. Носачот, придружен од два разурнувачи, поминал помеѓу островите Јонагуни и Ириомоте.

Јапонската Влада ја изрази својата сериозна загриженост пред Пекинг, опишувајќи го настанот како „целосно неприфатлив“.

- Новоизбраната мексиканска претседателка, Клаудија Шејнбаум, најави дека има намера да води политика на немешање во надворешните работи и, во оваа смисла, да го продолжи курсот на претходниот шеф на државата, Андрес Мануел Лопез Обрадор. Затоа таа ја одби поканата од претседателот Володимир Зеленски да ја посети Украина по преземањето на функцијата на 1 октомври, објавија украинските медиуми.

-Нашата одговорност е тука. Ќе присуствуваме на некои меѓународни настани што ги сметаме за важни, но нема да патуваме многу. Нашата одговорност е тука, рече Шајнбаум, нагласувајќи дека приоритет на нејзината влада ќе биде решавање на домашните проблеми.

-Технолошкиот гигант „Мајкрософт“ објави дека руски агенти ја насочиле својата активност кон претседателската кампања на Камала Харис, кандидатката на Демократската партија за претседател на САД, јави ДПА.

„Во последните два месеца, забележавме значителна промена во тактиката на руските операции за влијание, што ја одразува променливата политичка клима во САД“, напиша генералниот менаџер на Центарот за анализа на закани при „Мајкрософт“, Клинт Ватс, во блог објавен на официјалната страница на компанијата.

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан