• среда, 20 ноември 2024
МИА Флеш

  18 ноември 2024

 

Скопје – Владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски пристигна во Приштина каде денеска заедничка седница имаат двете влади по што ќе бидат потпишани билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области. 

По официјалниот пречек, се одржа тет-а-тет средба на двајцата премиери, а во моментот се одржува меѓувладината седница, јави известувачот на МИА од Приштина.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски на денешната меѓувладина седница во Приштина истакна дека очекува следната година економската соработка меѓу двете земји да достигне половина милијарда евра.

- Следната година економската соработка ќе биде над половина милијарда евра, вклучително и трговската размена меѓу нашите две земји. Во следните години ќе работиме во насока на тоа економската соработка да биде уште поголема, бидејќи тоа ќе ни донесе придобивки за двете земји, рече Мицкоски, објави државната Радио телевизија на Косово (РТК).

Скопје - Перспективите за проширување на Европската унија и понатамошното зајакнување на стратешката соработка помеѓу Северна Македонија и Унгарија во рамките на пристапниот процес на Македонија кон ЕУ, беа главна тема на разговорот меѓу заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков со унгарскиот министер за европски работи, Јанош Бока.

Како што соопшти Министерството за европски прашања, на средбата Трајков и Бока ја истакнале значајната поддршка што Унгарија  ја дава на нашата земја, особено во поглед на европската агенда. 

Скопје - Мисирков не е само македонски лингвист, тој е и европски лингвист и е нашиот цивилизациски влог во развојот на филолошката, на лингвистичката мисла од тој период. Тој ни оставил национална програма како се сака и се почитува татковината и мајчиниот јазик. Афирмацијата на неговото дело и академски профил е потребна и денес особено кога од некои соседи, за жал, се уште се оспорува посебноста на македонскиот идентитет и јазик.

Ова беше истакнато по повод денешното одбележување на 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков со Тркалезна маса „Академскиот профил на Крсте Мисирков“ што се одржа на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во заедничка организација со Институт за национална историја, Институт за фолклор „Марко Цепенков“ и Институт за македонска литература. 

Скопје - Зајакнување на комуникацијата и соработката од областа на макроекономските движења и макроекономската рамка, размена на податоци, анализи и други релевантни материјали коишто се од заемен интерес, консултации и експертизи за проекти, пренос на стручни знаења и вештини, обуки и едукативни настани. Ова се придобивките коишто се содржани во Меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет, којшто го потпишаа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, соопшти денеска Народна банка.

Скопје – Интеракција на Државниот завод за ревизија (ДЗР) со невладините организации и продолжување на транспарентноста на ДЗР во процесот на подготвување на Годишната програма за работа за 2025 година е целта на работилницата на тема „Инклузија на граѓанските организации и медиумите во подготовка на Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2025 година” што денеска се одржува во Скопје.

Скопје - Полициски службеници  од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес вчера во 12.50 часот, го лишиле од слобода К.Р.(54) од Велес, соопштија денеска од МВР.

- При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Велес, биле пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја, пиротехнички средства и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. К.Р. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, се наведува во соопштението. 

Скопје - Амбасадата на Грција во Скопје организира специјален настап на „Мешаниот хор на Тесалоники“, на 25 ноември во малата концертна сала на Националната Филхармонија.

Репертоарот вклучува класична музика и современи грчки песни. Како солист на коцертот ќе настапи Александрос Сагурис, пијанист е Атанасиос Папаисиу, а диригент Мери Констандиниду.

Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади денеска соопшти дека, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07), 22 ноември 2024 година (петок), Ден на Албанската азбука, е неработен ден за граѓаните припадници на албанската заедница во Република Северна Македонија.

Министерството за социјална политика, демографија и млади  на граѓаните припадници на албанската заедница им го честита Денот на Албанската азбука. 

Скопје - Времето утре ќе биде стабилно со појава на магла по одделни котлини. Кон крајот на
денот и во текот на ноќта повремен локален дожд ќе има во западните делови, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Од среда до сабота под влијание на серија од влажни воздушни бранови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува засилен до силен ветер, над 70 километри на час.

Скопје - Успешно заврши снимањето на дебитантскиот краткометражен филмот „Мајка“, во режија на Ѓорѓи Лазов. Последната клапа падна вчера во општина Кисела Вода, завршувајќи го четиридневниот интензивен процес на снимање кој се одвиваше на неколку локации во Скопје, соопшти продукциската куќа Скорпион филмс.

Скопје - Во текот на минатата седмица, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје изготви вкупно 22 едукативно-информативни записника за граѓани и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини во скопските општини Центар, Карпош, Гази Баба, Чаир и Бутел. 

ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно на терен ги активираше и интервентните еко-патроли коишто реализираат деноноќни дежурства на т.н. „црни точки“, односно локациите каде што е забележано континуирано непрописно одлагање отпад. 

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со генералниот директор на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија, Герт Јан Копман, јави дописникот на МИА од Белград.

„Добар и суштински важен разговор со генералниот директор на Директоратот за проширување за забрзување на европскиот пат на Србија“, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“.

Вучиќ изјави дека во разговорот истакнал дека целта на Србија е до 2027 година да ги заврши реформските процеси и усогласувањето со законодавството на ЕУ.

Белград - Пепко го повлекува од српскиот пазар производот PLU 607141 „Art&Craft“ 26 парчиња печати за деца: серија 202403 поради не исполнување на безбедносните стандарди, јави дописникот на МИА од Белград.

Резултатите од анализата утврдија дека производот не ги исполнува барањата на Регулативата (ЕК) 1907/2006 од 18 декември 2006 година за регистрација, евалуација, одобрение и ограничување на хемикалии (REACH) поради надминување на содржината на фталати, соопштија од Пепко.

Белград - По повод трагичната смрт на Ања Радоњиќ, општина Параќин прогласи тридневна жалост. Ања Радоњиќ беше тешко повредена во несреќата по паѓањето на повеќетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, јави дописникот на МИА од Белград.

Дваесет и четиригодишната Радоњиќ почина вчера во Клиничкиот центар во Војводина (КЦВ), и таа е петнаесеттата жртва во несреќата во Нови Сад.

Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган планира да го предложи својот план за ставање крај на војната на состанокот на лидерите на Г20 во Рио де Жанеиро, пишува Блумберг, наведувајќи дека Ердоган ќе му предложи Зеленски да се согласи да ги одложи разговорите за влез во НАТО за најмалку 10 години како отстапка за Русија.

Турскиот план предвидува создавање демилитаризирана зона во Донбас, а како што дознава Блумберг, Ердоган предлага да се вети испорака на оружје за Украина како компензација за тоа што ќе се согласи да не влезе во НАТО.

Париз - Француските земјоделци денеска протестираат на улиците во знак на осуда на предлогот за договор за слободна трговија со земјите членки на Меркосур, а францускиот претседател Емануел Макрон при посетата на Јужна Америка изјави дека е против предлогот и дека Франција нема да го потпише договорот „во сегашната форма“.

„Му реков на претседателот на Аргентина дека Франција нема да го потпише пристапниот договор за Меркосур како што е сега“, рече Макрон на маргините на посетата на Аргентина, пренесува БФМ ТВ.

Брисел - САД донесоа важна одлука во врска со воената поддршка на Украина, изјави денеска шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, нагласувајќи дека тоа не е промена на стратегијата на Западот. 

Администрацијата на претседателот Џозеф Бајден и дозволи на Украина да користи оружје од американско производство за напади длабоко во руската територија, потврдија за Ројтерс двајца неименувани американски официјални лица запознаени со одлуката. 

Сухуми - Абхазиската опозиција бара оставка од целата влада, вклучително и шефовите на агенциите за спроведување на законот, изјави денеска еден од лидерите на опозицијата Леван Мика. 

„Целиот министерски кабинет мора да поднесе оставка, а потоа да се именуваат новите лидери. Оставањето на актуелните министри да го водат безбедносниот блок, како што бара (претседателот на Абхазија) Аслан Бжанија, е неприфатлив услов за нас“, изјави Мика за руските медиуми. 

Манила - Најмалку осум лица загинаа на Филипините во тајфунот Ман-Ји, шестата голема тропска бура што го погоди архипелагот за еден месец, соопштија денеска официјални претставници.

Метеоролошкиот завод соопшти дека Ман-Ји, првично категоризиран како супер тајфун, ослабнал и станал силна тропска бура со максимални ветрови од 110 километри на час и налети до 135 километри на час, додека се оддалечила од Филипините.

Брисел - Советот на ЕУ денеска го назначи поранешниот португалски министер за надворешни работи Жоао Гомеш Кравињо за нов специјален претставник на Европската Унија за регионот на Сахел, позиција на која ќе ја наследи Емануела Клаудија Дел Ре. 

Како што соопшти Советот, Кравињо ќе има задача активно да придонесе во регионалните и меѓународните напори за постигнување траен мир, безбедност, стабилност и одржлив развој во овој африкански регион, кој ги опфаќа Буркина Фасо, Мавританија, Мали, Нигер и Чад. 

Коломбо - Владата на премиерката Харини Амарасури денеска положи заклетва пред претседателот на Шри Ланка, Анура Кумара Дисанајаке, откако коалицијата предводена од неговата марксистичка Партија на националната народна моќ (НПП) извојува убедлива победа на минатонеделните избори.

Амарасури првпат беше назначена за премиер во септември, откако Дисанајаке победи на претседателските избори, со што стана првата жена на чело на владата во последните 24 години.

 

 

Тагови

Остани поврзан