• вторник, 12 ноември 2024
МИА Радио флеш

17 септември 2024

- Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало вкупно 1.704 повици на  Единствениот број за итни случаи 112.

- Од нив „реални“ повици биле 61 отсто, а 39 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 62 отсто, кон Итната медицинска помош 35 отсто, кон пожарникарите 2 отсто, а кон АМСМ 0,36 отсто од реалните повици кон 112, соопшти ЦУК. Во последното деноноќие имало четири пријавени пожари на отворено, покрај пожари во урбани средини и населени места, на територијата на државата.

- Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ во четврток заминува на балканска турнеја чие мото е „ТАНЕЦ - 75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ КОД“!  Во рамки на турнејата „Танец“ ќе има концерти во Подгорица, Љубљана, Загреб и Бања Лука.

-Публиката во регионот, секогаш знаела да ја цени извонредноста на Танец и со сигурност нестрпливо ги очекува овие уникатни музичко-сценски спектакли, што секогаш ги премостуваат културните разлики и сведочат за обединувачката моќ на раскошниот  македонски музички фолклор. На претстојните концерти во Подгорица (20.9.2024), Љубљана (22.9.2024), Загреб (24.9.2024) и Бања Лука (27.9.2024), на големите сцени на КИЦ „Будо Томовиќ“, „Цанкарјев дом“, „Ватрослав Лисински“ и салата „Борик“, ќе биде изведена раскошна музичко-сценска програма од различни периоди на ансамблот, во која ќе бидат одиграни изворните ора „Тешкото“, „Женско Чамче“ и „Копачка“, како и дел од богатиот кореографски опус на Танец – спектакуларните кореографии „Жетварка“, „Мариовска тресеница“, „Малешевка“ и „Радовишки собор“, се вели во денешното соопштение од „Танец“.

 - Во периодот од 9 до 15 септември во земјава се регистрирани 57 нови случаи на SARS-CoV-2, пријавени се четири починати лица - две во Скопје и по еден во Битола и Тетово, сите над 70-годишна возраст и невакцинирани, се посочува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје. 

Од 9 до 15 септември тестирани се вкупно 285 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 36,5 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 57 нови позитивни случаи, со намалување од 48,6 отсто во однос на минатата недела.

- На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска и утре е пријавувањето во вториот рок за упис во прва година додипломски студии за учебната 2024/2025 година. По првиот уписен рок на 29 и 30 август, слободни места има на речиси сите факултети во состав на Скопскиот универзитет.

Според информациите од УКИМ, на Архитектонскиот факултет во првиот уписен рок се пополнети сите слободни места, додека на Градежен факултет се слободни 233, од кои 123 се наменети за  редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет, а 110 за редовни студенти со школарина. На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) за редовни студенти во државна квота се слободни 194 места, а за тие што ќе ги кофинансираат студиите слободни се 99 места.

- Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судиите Татјана Васиќ-Бозаџиева и Фатмир Скендер одржале работна средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал.

На средбата, како што соопштија од Уставниот суд, било констатирано успешното спроведување на активностите на Судот поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и предвидени со Меморандумот за разбирање кој беше склучен во февруари 2024 година, како што е организирањето на Меѓународна конференција по повод 60 години постоење на Уставен суд и обуките кои претстојат, а се во насока на зајакнување на капацитетите на Судот. 

- Се бара решение за есенската потрошувачка кошница со кое ќе им се помогне на граѓаните, но нема да бидат оштетени ниту производителите, ниту трговците. Од Министерството за економија велат дека министерот веќе имал средби и дека ќе бидат слушнати предлозите од сите страни.

Предлозите од Министерството за економија ќе бидат доставени до Владата и разгледани на некоја од наредните седници. 

Вчера и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не сакаат на сила да донесат ништо и ако е потребно за да се усогласат ставовите, можеби ќе се причека и една недела.

– Над осум од девет Грци односно 85 отсто од анкетираните оценуваат дека цените на основните производи се зголемуваат, додека пак 48 проценти сметаат дека мерките што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги соопшти од Меѓународниот саем во Солун, воопшто нема да помогнат, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Алко“ за грчката телевизија „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

На политичката сцена, Нова демократија и понатаму е на првата позиција, овој пат ПАСОК е втора политичка сила во земјата, а СИРИЗА паѓа на четвртото место зад радикално-десничарската Грчко решение.

- Во Брисел денеска ќе се одржи нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на ниво на главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бисљими.

На средбата во Брисел ќе се разговара за напредокот во имплементацијата на Охридскиот договор и други прашања кои влијаат на нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, изјави портпаролот на Европската унија, Петер Стано.

- Најмалку 15 луѓе загинаа во шумските пожари ширум Перу, изјави министерот за здравство Сезар Васкез.Во Перу годинава регистрирани се 222 шумски пожари, од кои 51 сè уште се активни.

Претседателката на Перу, Дина Болуарте вчера отпатува во регионот Амазон за да ги координира акциите со локалните власти и другите институции. Генералната дирекција за управување со ризици од катастрофи мобилизира 65 здравствени работници, 59 бригади за интервенција и 25 возила на брзата помош во најзагрозените подрачја од пожарите.

- Вооружениот напаѓач Рајан Весли Рут (58) се криел во грмушки речиси 12 часа пред да биде фатен додека целел на Доналд Трамп во голф клуб во Флорида. Тоа беше втор неуспешен обид за атентат врз поранешен претседател на САД за два месеци.

- Додека Трамп играл, еден од неговите чувари забележал пушка како излегува од грмушките во близина на шестата дупка. Трамп, кој беше евакуиран неповреден, вчера вечерта изјави дека слушнал „најверојатно четири или пет“ истрели кои одекнале во непосредна близина.

- Новото, обновено осветлување на храмот на Посејдон, што се наоѓа во Сунио, во близина на Атина, доцна синоќа беше свечено презентирано во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, претседателот на Парламентот Константинос Тасулас и министерката за култура Лина Мендони, јави дописничката на МИА од Атина.

Претходното осветлување беше од 2004 година, а од синоќа, храмот стар околу 2.500 години на ’ртот Сунио, што е и една од главните туристички атракции во Атина, доби ново светло, за кое Мицотакис рече дека е „модерен систем за осветлување, кој буквално ќе му овозможи да блесне уште посилно“.

– Во главниот град на Мали, Бомако утрово се слушнале истрели. Според очевидци пукање од огнено оружје имало во близина на аеродромот, но други тврдат дека престрелка има кај седиштето на жандармеријата.

Неименуван претставник на безбедносните служби изјави дека во неколку квартови на Бомако, вклучително и во регионот на аеродромот се слушаат истрели. 

- Франција ја засили контролата на дел од границата со Германија поради Африканската свинска чума (АСК) што се шири помеѓу дивите свињи во поголемиот дел од Европа.

Зголемениот надзор се воведува поради загриженоста за можното внесување на болеста во Франција, што може да има катастрофални ефекти врз свинската индустрија во земјата и потенцијално да ги наруши синџирите за снабдување со храна.

- Руски сили нападнаа енергетска инфраструктура во североисточниот украински регион Суми, предизвикувајќи прекини на електричната енергија во некои окрузи и принудувајќи ги властите да се префрлат на резервни енергетски системи, соопштија денеска локалните власти.

Нападот предизвикал штети во окрузите Конотоп, Охтирка и Суми, при што критичните инфраструктурни објекти користеле резервни системи за напојување, објавија регионалните власти преку апликацијата Телеграм.

 

Остани поврзан