• вторник, 12 ноември 2024
МИА Радио флеш

30 август 2024 

- Со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултираше со политички хаос, недоверба, дилеми. Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, незнам и неможам да знам и нема да коментирам, вели во интервју за МИА претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски. 

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, а е оформен од 2019 година.

Свесни сме, како што вели, за јавниот интерес и за можните последици доколку Судот одлучи да го укине или да го остави во примена овој Закон или да интервенира во одредени одредби, можно е да има незадоволни.

- Во касарната „Илинден“ во Скопје, денеска, во 10:30 часот, ќе се изврши примопредавање на донација на опрема од Република Турција за потребите на Армијата.

На настанот свое обраќање ќе имаат министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Сашко Лафчиски и амбасадорот на Турција, Фатих Улусој.

 - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за дневникот на МРТ запрашан за присуството на нелегално оружје по улиците на Скопје и државата, истакна дека полицијата е силно посветена за справување со овој проблем.

-Во текот само на 2024 година се запленети 104 парчиња оружје од страна на МВР, од кои девет автоматски пушки, 39 пиштоли, 35 ловни пушки итн. Криминал имало, има и ќе има. Прашањето е како безбедносните служби, како МВР ќе одговори на тој криминал. Дали ќе биде соучесник како претходно многу пати или ќе одговори соодветно и ќе даде максимум од себе и за два часа ќе ги уапси сторителите кои што го сториле убиството како примерот кај трговскиот центар Мавровка, истакна министерот Тошковски.

- Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска е во работна посета на општина Гевгелија. Николоски, како што е најавено, ќе присуствува на отворање нов пазар во Миравци, каде ќе даде и изјава за медиумите.

- Министерството за јавна администрација (МЈА), со поддршка на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска во Скопје организира јавна дискусија за предлог законите во рамките на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација” со учество на општинската администрација.

Како што е најавено, јавната дебата со свои воведни обраќања ќе ја отворат министерот за јавна администрација Горан Минчев, министерот за локална самоуправа Златко Перински и Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.

- Во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 22 пожари на отворен простор ширум државава. Од нив, активен е еден, еден е ставен под контрола, изгаснати се 20, соопштија утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Како што појаснија, активен е пожарот на територија на општина Штип, меѓу селата Едеклерци и Хаџи-Хамзали, префрлен на армискиот полигон „Криволак“. Таму, се додава во соопштението, горат нискостеблеста шума и сува трева.

-  Помошникот генерален секретар на НАТО задолжен за операции, Томас Гофус изјави дека некоординираните дејства на Владата на Косово, особено на северот на земјата, населен со мнозинство Срби, може да го зголемат ризикот од насилство, што ја загрозува безбедноста на сите луѓе во земјата и ги загрозува војниците на КФОР, јави дописникот на МИА од Приштина.

Гофус во синоќешното интервју за косовската јавна телевизија РТК, по вчерашните средби во Приштина со претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, порача дека НАТО останува посветен на безбедноста на Косово и на Балканот.

- Францускиот претседател Емануел Макрон ја бранеше својата одлука да му даде специјално државјанство по брза постапка на извршниот директор на апликацијата за пораки Телеграм, Павел Дуров, кој се соочува со прелиминарни обвиненија во Франција за наводна криминална активност на неговата популарна платформа.

Макрон, исто така, рече дека не знаел дека Дуров ќе пристигне во Франција пред неговото ненадејно апсење викендов и оти не планирал да се сретне со него.

- Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека се подготвува за нова „студена војна“ против Украина, со цел да ги „смрзне луѓето“.

Во последните недели и месеци особено е нападната инфраструктурата за снабдување со топлина и вода, изјави таа на консултациите со колегите во Брисел, пренесе Тагесшау.

- Руската армија денеска соопшти дека во текот на ноќта нејзините системи за противвоздушна одбрана пресретнале и уништиле 18 украински беспилотни летала над регионите Крим, Брјанск, Калушка и Белгород.

Министерството прецизирано дека 11 беспилотни летала се соборени над територијата на регионот Брјанск, четири над регионот Калушка, два дрона се уништени над Крим и еден над регионот Белгород, пренесуваат руските медиуми.

-Кандидатката на демократите Камала Харис води пред републиканецот Доналд Трамп со 45 отсто наспроти 41 отсто во анкетата на Ројтерс/Ипсос.

Предноста од четири процентни поени меѓу регистрираните гласачи е поголема од предноста од еден поен на Харис пред поранешниот претседател во анкетата на Ројтерс/Ипсос кон крајот на јули. Новата анкета, која била спроведена во текот на осум дена до средата и има маргина на грешка од два процентни поени, покажа дека Харис добива поголема поддршка меѓу жените и хиспаноамериканците.

- Кралот на новозеландскиот домороден народ Маори, Тухаитија Паки, почина утринава на 70-годишна возраст, соопшти неговиот портпарол. 

Тој рече дека кралот бил во болница и се опоравувал од операцијата на срцето само неколку дена по прославата на 18-годишнината од неговото крунисување, пренесе Си-Ен-Ен. Телевизиската мрежа соопшти дека кралот на Маорите има рак и дијабетес. 

- Врховниот суд на Бразил ги блокираше банкарските сметки на интернет компанијата Старлинк на милијардерот Илон Маск, а неговата социјална мрежа Х е на работ на затворање во јужноамериканската земја.

Старлинк е сателитска интернет услуга на технолошката компанија Спејс Икс (SpaceX) - дел од растечката деловна империја на Маск, која го вклучува и гигантот за електрични автомобили „Тесла“.

- Американската потпретседателка и демократска претседателска кандидатка, Камала Харис, изјави дека мора да се постигне договор за прекин на огнот во Појасот Газа, истовремено нагласувајќи го правото на Израел да се брани и дека палестинскиот народ претрпе премногу во овој конфликт.

 Во интервју за Си-Ен-Ен, прво по прифаќањето на демократската номинација, Харис оцени дека администрацијата на американскиот претседател Бајден успеала да ги намали илегалните премини на мексиканско-американската граница во последните месеци, како и да ја „закрепне економијата“ по пандемијата на коронавирусот, вклучително и намалување на стапката на невработеност.

- Демократската претседателска кандидатка Камала Харис има еден процент предност пред републиканскиот ривал Доналд Трамп пред изборите во ноември, покажува најновата анкета на весниокот „Волстрит Џурнал“.

Според анкетата, Харис има поддршка од 48 отсто од гласачите, додека Трамп го поддржуваат 47 отсто.

- Израел им соопшти на Соединетите Американски Држави дека прелиминарната истрага покажала дека пукале во возило на Светската програма за храна (WFP) во Појасот Газа по „грешка во комуникацијата“, изјави заменик американскиот претставник во Обединетите нации, Роберт Вуд.

„Ги повикавме итно да ги поправат проблемите во нивниот систем“, рече Вуд на состанокот на Советот за безбедност на ОН за Газа.

- Две лица загинаа, а десет се повредени како последица на истекување гас во центарот на Иранската револуционерна гарда, јави денеска државната иранска телевизија. Истекувањето на гас се случило во работилница која е дел од гардата во провинцијата Исфахан, а повредените се пренесени во болница.

Во соопштението на Револуционерната гарда од Исфахан се објавени имињата на загинатите, но не се прецизира дали двајцата високи офицери загинале од задушување со гас или истекувањето гас предизвикало експлозија. Не е прецизирано ниту како се повредени другите лица.

- Во судар на автобус и камион вчера во центарот на Мали загинаа 14 лица, а 29 се повредени, од кои девет се во тешка состојба, соопшти Министерството за транспорт.

Според Министерството, несреќата се случила околу 6 часот по локално време во општината Фана, при што е причинета голема материјална штета.

- Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин го одобри барањето за обезбедување дополнителна воена поддршка на Тајната служба за претседателските и потпретседателските кандидати за претстојните избори, соопштија вчера одделно Пентагон и Тајната служба.

Портпаролката на Пентагон Сабрина Синг не даде детали за видот на поддршката што ќе биде обезбедена, но рече дека Остин и наредил на американската северна команда да планира и да обезбеди поддршка на Тајната служба на различни локации за време на изборите.

- Најмалку 16 лица се убиени во големата израелска воена операција во северниот дел на Западниот Брег, пренесе ДПА повикувајќи се на палестински и израелски извештаи. Според палестинските извештаи, повеќето од жртвите биле милитанти.

Тие се убиени од почетокот на операцијата во Џенин, Тубас и Тулкарем, соопшти Министерството за здравство на Хамас во Рамала.

 

Остани поврзан