МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

12 март 2025
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува морална одговорност од петте члена на Судскиот Совет, на кои вчера им беше изгласана недоверба од страна на Собранието. Мицкоски, како што денеска изјави, очекува тие да ги напуштат позициите, затоа што, како што рече, немаат кредибилитет да бидат на тие места.
-Јас очекувам нивна морална одговорност и да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места, изјави Мицкоски, кој денеска беше на поставувањето камен - темелник на македонско - грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.
Ресен - Премиерот Христијан Мицкоски не очекува политичка криза во пресрет на локалните избори, но очекува, како што изјави денеска, заканите од страна на ДУИ да продолжат со несмален интензитет.
Според Мицкоски, на ДУИ и е најмалку дојдено до јазикот или уставните судии, исплашена е, како што рече, за својот „криминално стекнат капитал и за основаните сомневања за криминалот што се случувал изминатите години“.
Скопје – Овие луѓе кои правеле стотици милиони евра бизнис практично се богателе на грбот на граѓаните со тоа што користеле такви недозволиви средства би рекол согорувале таков тип на недозволиви материи со што го загрозувале животот на граѓаните, секој што се огрешил пред законот ќе одговара без разлика за кого станува збор, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го случајот со набавка на канцероген мазут.
Премиерот при денешната посета во Општина Ресен по повод свечено поставување на камен - темелник на македонско – грчкиот граничен премин „Маркова Нога“ истакна дека ги охрабрува ваквите акции против организираниот криминал.
Ресен - Нови 60 километри патишта на три различни локации се очекуваат да завршат до крајот на месецов, најави денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на граничниот премин „Маркова Нога“ на македонско-грчката граница.
Патишта во должина од 60 километри се градат и реконструираат помеѓу Гостивар-Букојчани, Прилеп-Битола и Тетово-Гостивар. Мицкоски соопшти дека се решени имотно-правните односи. Изградбата на патишта ќе овозможи подобра конекција помеѓу градовите и туристичките места.
Ресен – Постои интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија, во таа насока лидери на Европската Унија ќе го посетат Скопје во следните месеци, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас, по поставување камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.
-На ниво на ЕУ напорно работиме во тесна соработка со Владата на Северна Македонија да се надминат сите преостанати прашања пред да ги отвориме преговорите. Има интензивна дипломатска активност за решавање на ова прашање, високи претставници на ЕУ ќе го посетат Скопје во следниве два до три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред, рече Рокас во одговор на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ.
Скопје - Во Министерството за европски прашања денеска се одржала панел-дискусија на тема „Методологија за проширување: Размена на ставови за концептот на постепена интеграција“, организирана од Амбасадата на Француската Република во Република Северна Македонија и Институтот Жак Делор, во соработка со Министерството за европски прашања на Северна Македонија.
Панел - дискусијата била отворена со поздравни обраќања од министерот за европски прашања, Орхан Муртезани и францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер.
Скопје – Кодексот за етичко однесување на пратениците треба да биде етичка сила што ги води и насочува сите други институции, оти ние сме тие што ги претставуваме граѓаните. Нашата заложба ги одразува нивните интереси, а нашето однесување е примерот што ги претставува нив. Донесувањето на етичкиот кодекс е и моја лична заложба со цел подигнување на политичка култура и севкупно подобрување на меѓу - институционалната соработка.
Ова го истакна претседателот на Собранието Африм Гаши во своето обраќање со кое ја отвори Работилницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која се одржува во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОДИХР и НДИ а со која беше означен почетокот на процесот за донесување нов етички кодекс за пратениците. Тој се осврна на досегашната пракса на однесување во Собранието, која рече за жал не доликува на еден храм на демократијата.
Тетово - По повод една година од воспоставувањето јавно-приватно партнерство за стопанисување со отпадот во Тетово, општината и австриската компанија Саубермахер организираа форум за животна средина.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами рече дека е задоволен од едногодишната соработка со Саубермахер затоа што со тоа се решени повеќе проблеми кои го отежнуваа собирањето на отпадот низ градот.
Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска го посети Лешочкиот манастир во Тетовско, во чиј комплекс се наоѓаат црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“, при што најави дека до крајот на оваа година ќе заврши конзервацијата, реставрацијата, санацијата и ревитализацијата на Стариот конак кој претставува интегрален дел од црквата „Св. Богородица“.
Како што соопштија од Министерството за култура и туризам, Љутков за време на работна посета на Лешочкиот манастир се сретна со митрополито тетовско-гостивараски г. Јосиф.
Скопје - Комисијата за социјална политика останува блокирана, иако претседателот на Собранието Африм Гаши за претседавач ја назначи пратеничката од владејачката коалиција „Вреди“ Имрлије Сали Фетаи откако во понеделникот пратеникот Бејџан Иљас одби да ја извршува оваа функција.
Ни на Фетаи не ѝ успеа да го стави на гласање дневниот ред на седницата откако пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ побара дополнување на дневниот ред со Законот за бранителите. По ова, Фетаи ја затвори седницата на неопределено време.
Фетаи ѝ одговори на Тренчевска дека претседателот Гаши ја назначил да претседава со Комисијата само за Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Скопје - Советот на јавни обвинители денеска на седница донесе одлука за објавување на оглас за избор на 19 јавни обвинители низ повеќе Основни јавни обвинителства низ државата.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска рече дека според проекциите за 8-мата генерација на Академијата се објавува оглас за избор на по двајца јавни обвинители во ОЈО Куманово, ОЈО Прилеп и ОЈО Кичево, како и по еден јавен обвинител во ОЈО Скопје, ОЈО Крива Паланка, ОЈО Велес, ОЈО Битола, ОЈО Охрид, ОЈО Ресен, ОЈО Струга, ОЈО Гостивар, ОЈО Тетово, ОЈО Штип, ОЈО Радовиш, ОЈО Кочани и ОЈО Струмица.
Скопје - Велибор Манев, еден од обвинетите за убиството на Вања и Панче, денеска во Кривичниот суд рече дека грабнувањето на Вања се извршило при третиот обид, а првичниот план бил да грабнат жена на возраст од 38-40 години.
Претходно, Манев пред Судот рече дека грабнувањето на Жежовски во Велес го извршиле со намера да го искористат неговото возило за грабнување на жена во Скопје, а грабнатите да се чуваат во ископана дупка – „земуница“ во Велес сѐ до наплатата.
Скопје – Заменик-министерот за правда, Ален Деребан денеска во изјава за медиумите во Собрание истакна дека изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет значи дека тие немаат легитимитет да земат учество, а уште помалку да одлучуваат во рамки на Советот.
-Изгласаната интерпелација значи дека тие немаат легитимитет да земат учество, а уште помалку да одлучуваат во рамки на Советот. Судскиот совет мора да ја разгледа оваа интерпелација. Да закаже итна вонредна седница по однос на истото, а од нив очекувам да поднесат неотповикливи оставки. Прво, треба да разјасниме дека тие пет членови не се судии, туку се носители на јавни функции на кои се избрани од Собранието. Собранието согласно Уставот е надлежно да врши надзор над нивната работа. Интерпелацијата е уставна категорија и вчерашната интерпелација која им беше изгласана на овие пет члена на Судскиот совет избрани од Собранието е многу сериозна работа и мора да биде сфатена сериозно, затоа што со истата се утврдува дека овие пет члена имале значителен придонес во загрозување на независноста на угледот на судството и судската власт, но и значителен придонес за намалување на довербата на граѓаните во судството, рече заменик-министерот.
Скопје - Се воведуваат нови, иновативни лекови, наменети за спречување на прогресија на бубрежната болест. Се разговара за забрзување на процесот на трансплантација на бубрег, откако по коронавирусот имало прекин. Од Фондот за здравствено осигурување велат ќе направат напори да се извршат толку трансплантации колку што е потребно. За ова денеска информираа на настан за Светскиот ден на бубрегот, во организација на Здружението на бубрежно болни граѓани - „Нефрон“.
Доктор Галина Северова од Клиниката за нефрологија во изјава за медиуми рече дека утре ќе се празнува не само Денот на бубрегот, туку и 50 години од постоењето на оваа клиника.
Скопје - Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да поведе постапка за оспорените одредби од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година.
Како што соопштија од Судот, мнозинството судии оспорените одредби ги стави под сомнеж за нивната законитост а преку тоа и нивната уставност, бидејќи основано се појави сомнеж дали директорот на Државниот завод за статистика имал законски основ за донесување на оспорените одредби односно дали ги пречекорил своите овластувања и без законски основ во подзаконски акт уредувал (materia legis) законска материја.
Доколку во втората фаза, како што велат од Судот, се потврди сомнежот тоа би значело повреда на правната сигурност како фундаментален принцип на владеењето на правото и повреда на начелото на поделба на власта, бидејќи се ставил во улога на законодавец.
Атина – Грчката полиција разбила две криминални групи во Солун и Атина, кои на бензински пумпи инсталирале специјален софтвер со кој се точела помала количина на гориво, со што краделе бензин од граѓаните и дополнително го продавале, а според медиумите во Грција, уапсени се над 55 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду за телевизијата „Опен“ рече дека во предметите за двете криминални организации во Солун и Атина вклучени се над 55 лица и објасни дека на бензиските пумпи бил инсталиран специјален софтвер со чија помош за време на точењето гориво запирало мерењето со што потрошувачот добивал помала количина бензин, а плаќал регуларно, додека останато гориво било продавано „на црно“.
Анкара - Температурите во Турција за време на викендот ќе достигнат до 30 степени, а следната недела зимата ќе се врати во многу делови од земјата, пренесе турската телевизија Си-Ен-Ен-Турк, повикувајќи се на Метеоролошката служба.
Во меѓувреме, пустинската прашина од Сахара ќе покрие многу области во земјата. Пустинска прашина покри делови од метрополата Истанбул, а во текот на викендот се очекува пустинска прашина да има и над главниот град Анкара, како и во областите околу Егејското Море. Во понеделник се очекува намалување на негативните ефекти од пустинската прашина.
Брисел – ЕУ ќе реагира соодветно на евентуалното воведување реципрочни царини од страна на САД, кои би биле одговор на мерките што ги денеска ги презеде Унијата по стапувањето во сила на американските царини за увоз на челик и алуминиум, изјави портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил.
- Многу јасно ставивме до знаење дека ние ќе реагираме ако САД ги остварат своите закани за воведување царини на увозот на челик и алуминиум од ЕУ и реагиравме. Многу јасно кажуваме и дека САД треба да се воздржат од реципрочни царини, а доколку ги воведат ќе одговориме брзо и силно, како што направивме и денеска, рече Гил.
Брисел – Европската Унија и Европската комисија водат политика насочена кон мирот и кон воспоставување траен и праведен мир во Украина, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Ваквата куса изјава Пињо ја даде во одговор на новинарско прашање дали по вчерашните преговори меѓу американски и украински претставници во Саудиска Арабија, Европската Унија ќе ја промени својата воинствена политика кон Украина.
Рим - Италијанскaтa премиерка Џорџа Мелони и министерот за надворешни работи Антонио Тајани го поздравија резултатот од преговорите меѓу Вашингтон и Киев во Џеда, кои имаа за цел да се трасира патот кон прекин на војната во Украина, јави италијанската новинска агенција АНСА.
„Премиерката Џорџа Мелони со задоволство го поздравува резултатот од разговорите што се одржаа во Џеда меѓу САД и Украина, посветувајќи посебно внимание на предлогот за 30-дневен прекин на огнот и обновување на американската помош за Киев“, се вели во соопштението на Кабинетот на Мелони за медиумите.
Рим - Италијанските здравствени агенции забележаа пораст од 5,5 отсто во нападите врз лекари, медицински сестри и други здравствени работници во последните 12 месеци, соопшти денеска Федерацијата на здравствени и болнички агенции (Фијасо).
Фијасо посочи дека секоја локална здравствена управа регистрирала во просек по 116 епизоди на насилство годишно, што укажува на „широка делегитимизација на Националната здравствена служба“.
Се додава дека овој тренд продолжува во последниве години, што бележи зголемување на нападите врз медицинскиот персонал.
Тбилиси - Градскиот суд во Тбилиси денеска го прогласи за виновен поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили во случајот за проневера на државни средства и го осуди на девет години затвор, додавајќи три години на затворската казна што ја издржува во моментов.
Саакашвили, кој беше претседател од 2004 до 2013 година, претходно беше осуден на шест години затвор поради злоупотреба на службената положба по враќањето во Грузија во 2021 година, објави грузиска новинска агенција.
Даблин - Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека САД вчера разговарале со украинска делегација во Џеда за територијални отстапки на Киев и дека се надеваат на позитивен одговор од Русија за прекин на огнот.
„Ако Русија каже не, многу ќе ни стане појасно. Нема воено решение за овој конфликт. На Украина и се потребни доволно средства за одвраќање од идни напади“, им рече Рубио на новинарите на аеродромот Шенон на почетокот на посетата на Република Ирска.