• вторник, 26 ноември 2024
МИА Радио флеш

25 ноември 2024 

Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши со собраниска делегација денеска ќе престојува во еднодневна официјална посета на Република Косово.

Според Програмата за посетата, предвидени се средби на  Гаши и делегацијата со претседателите на Собранието и на Владатра на Косово, Глаук Коњуфца и Албин Курти, со претставници на Групата за соработка на парламентите на двете држави, како и со лидерите на политичките партии претставени во косовското Собрание. 

Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши ја предводи Делегацијата од Собранието во чиј состав се пратениците Имрлије Салиу-Фетаи, претседателка на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Косово и Тони Јаревски, член на Групата.

Скопје - Министерството за животна средина и просторно планирање остро реагира на изјавата на советничката на Град Скопје Ирена Витина, за обезбедувањето на 6-те еколошки автобуси и ја оценува како тендециозна, навредлива и со цел да се намали кредибилитетот на институцијата и на министерот Изет Меџити.

МЖСПП ја информира јавноста, а особено спомената советничка која не е доволно информирана, дека набавката на овие автобуси е само една активност од акциската ЕУ програма за еколошки стандарди и чист воздух и е дел од  целосната Програма за животна средина и климатска акација во рамки на ИПА 3 помошта од ЕУ.

Активностите од оваа Програма се испрограмирани на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање во координација со сите вклучени страни, меѓу кои е и Градот Скопје, одобрени од Владата РСМ и прифатени од страна на ЕУ Комисијата за финасирање.

Скопје - Обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска во случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски пред денешното рочиште изјавија дека има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо со двете убиства. 

- Има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо со убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски“, изјавија тие.

Во однос на тврдењето на обвинетиот Влатко Кешишов, кој го смени првичниот исказ и тврди дека Палевски не бил на местото на убиствата, туку спиел во партијата, обвинителките рекоа дека оваа изјава на Кешишов нема материјална вредност. 

-Оваа изјава нема доказна вредност, а обвинетите ќе имаат можност да дадат своја одбрана во текот на судењето, рече обвинителката Стојковиќ Димитровска.

Атина – Шест лица се полесно повредени во пожарот што синоќа избувна во кафуле во центарот на Атина, а беше предизвикан од свеќи на роденденска торта, кои ги запалија новогодишните украси, јави дописничката на МИА од Атина.

Инцидентот се случил додека келнерот ја доставувал роденденска торта на која имало поставени свеќи и пиротехника од кои се запалил дел од новогодишниот декор во внатрешноста на кафулето, како и елката поставена на таванот.

Атина – Над 18.000 случаи на семејно насилство биле регистрирани во Грција во првите 10 месеци од годинава, бројка што е речиси двојно поголема споредбено со лани, согласно податоците од полицијата што ги објави грчката новинска агенција АНА-МПА по повод Светскиот ден против насилството врз жените, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, во првите десет месеци од 2023 година биле регистрирани 9.860 случаи, додека во истиот период годинава 18.427, а паралелно зголемен е бројот и на уапсени лица, лани биле 6.453, а од јануари до октомври годинава се уапсени 11.308 лица.

АНА-МПА пишува дека податоците од полицијата покажуваат дека најголем дел од жртвите на семејно насилство се жени, а сторителите мажи.

Анкара - Поради обилни снежни врнежи и други неповолни временски услови, наставата во училиштата е прекината во 20 од 81 турска провинција, како и во одредени региони од уште пет провинции, пренесува Си-Ен-Ен Турк.

Училиштата денеска остануваат затворени во Самсун, Кајсери, Нигде, Невшехир, Болу, Гумушане, Бајбурт, Јозгат, Токат, Сивас, Кахраманмараш, Ерзинџан, Киршехир, Кастамону, Караман, Малатија и други области.

Во провинцијата Малатија, на истокот на земјата, од снежни наноси биле спасени 787 граѓани. Во округот Хекимхан, спасувачите извлекле пет овчари завеани на планина, но еден од нив подоцна починал во болница.

Работите на расчистување на патиштата и спасување на граѓаните продолжуваат.

Анкара - Моторот на руски патнички авион се запалил синоќа при слетување на аеродромот во Анталија, Јужна Турција, соопшти турското Министерство за транспорт.

Според информациите од Министерството кои ги пренесуваат денеска турските медиуми, слетувањата на аеродромот биле прекинати до 03:00 часот по локално време (01:00 часот по македонско време), додека надлежните не го отстраниле авионот од пистата.

Пилотот испратил итен повик веднаш по слетувањето во 21:34 часот по локално време, а спасувачките и противпожарните екипи брзо го изгаснале огнот, стои во соопштението од Министерството.

Сите 89 патници и шестмина членови на екипажот биле безбедно евакуирани од патничкиот авион „Сухој Суперџет 100“ на авиокомпанијата „Азимут ерлајнс“, кој летал од рускиот црноморски град Сочи, соопштија од Министерството.

Брисел – Гласањата за одобрување на новиот состав на Европската комисија и на Предлог-буџетот на ЕУ за 2025 години, и двете предвидени за в среда, се главни теми на овонеделната пленарна сесија на Европскиот парламент во Стразбур. 

Заседанието почнува доцна попладнево со дебата посветена на состојбата и новите трендови во борбата против насилството врз жените во рамките на ЕУ, но и на глобално ниво, во контекст на денешниот Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените. 

По оваа, ќе следи и расправа за резултатите од неодамнешниот самит на лидерите на Г-20, на кој меѓу другото се разговараше за очекувањата од идната американска администрација, за израелската воена операција во Газа и за војната во Украина. Во продолжение ќе се дискутира и за исходот од Конференцијата на ОН за биолошкиот диверзитет (КОП16) што се одржа во колумбискиот град Кали и за обидите за легитимирање на „незаконското еднострано прогласување независност на кипарскиот сецесионистички ентитет“ и потребата за потврдување европска солидарност со Република Кипар. 

Берлин - Министрите за одбрана на Германија, Франција, Полска, Италија и Велика Британија ќе се сретнат денеска  во Берлин за да разговараат за мерките за зајакнување на безбедноста и одбраната во Европа.

Руското таргетирање на Украина со нова ракета со среден дострел, за која се смета дека има импликации за цела Европа, најверојатно ќе одигра голема улога за време на дискусиите, јави ДПА.

По неодамнешното одобрение од Вашингтон, Украина почна да ги користи ракетите ATACMS од САД и британските крстосувачки ракети Storm Shadow за гаѓање воени локации во Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин потоа нареди ракетен напад врз украинскиот град Днепар кој има над милион жители, со нова ракета со среден дострел во четвртокот наутро. 

Брисел - Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, најави дека, во рамки на дијалогот во Брисел, следната средба на ниво на главните преговарачи на двете страни ќе се одржи во декември годинава.
Лајчак ова го објави на Фејсбук, мислејќи на „продуктивните и проникливи“ претходните две недели, во кои ги посети Женева, Тирана и Париз.

„Со моите соговорници во Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Кеј д’Орсеј и на други места, имав важни дискусии за дијалогот и за патот напред. Овие разговори се клучни за обликување на работата што ја врши мојот тим додека се подготвуваме за претстојниот состанок на главните преговарачи во декември. Со нетрпение го очекувам следниот период“, изјави Лајчак.

Тбилиси - Грузискиот парламент, избран на крајот од октомври, ја одржа својата конститутивна седница.

Опозицијата ги оспорува резултатите од изборите, тврдејќи дека се фалсификувани, а Уставниот суд сè уште не се изјаснил за валидноста на нивните тврдења.

Седницата започна во 12 часот, а полицијата ги блокираше улиците околу парламентот во Тбилиси.

Претседателката Саломе Зурабишвили, која има ограничени овластувања, ја прогласи седницата за „неуставна“.

Опозициските партии одржуваат протести во Тбилиси, а пред парламентот поставија камп.

На изборите победи проруската партија „Грузиски сон“ со 53,93 отсто од гласовите. 

Техеран - Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека против лидерите на Израел треба да се изрече смртна казна, наместо налози за апсење.

- Тие издадоа налог за апсење, но тоа не е доволно. Треба да се изрече смртна казна за овие криминални лидери, рече Хамнеи, мислејќи на израелските лидери.

Изјавата на Хамнеи доаѓа по објавата на Меѓународниот кривичен суд за налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, како и на еден од лидерите на Хамас, Ибрахим Ел Масри, за кого се верува дека е мртов.

Остани поврзан