МИА Радио флеш
- 23 декември 2024
23 декември 2024
Скопје - Централните банки преку преземените макропрудентни мерки, како што е на пример противцикличниот заштитен слој на капиталот, му помогнаа на банкарскиот систем да се справи со економските предизвици и имаа клучна улога во зачувувањето на финансиската стабилност во сложеното глобално окружување, полно со неизвесности.
Ова се дел од пораките што ги упатиле гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерот на Банката на Словенија, Боштјан Васле, на средбата во Народната банка. Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакнала дека во текот на кризите, не само што се задржа, туку и дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот систем, којшто во целиот овој период постојано обезбедува кредитна поддршка за економијата.
Никозија - Кипар воведе нови политики за привлекување квалификувани работници и странски студенти, со цел пополнување на работните места во клучни сектори, објави весникот „Катимерини“.
Министерот за труд, Јанис Панајоту, потпиша уредби кои олеснуваат вработување на висококвалификувани работници од надвор од ЕУ и овозможуваат странски студенти да работат со скратено работно време.
Анкара - Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган уште еднаш повика на усвојување на нов устав, јавуваат турските медиуми.
Тој ги повика особено опозициските партии да го поддржат предлогот на неговата Партија на правдата и развојот (АКП) за нов устав.
Букурешт - Претседателот на Романија Клаус Јоханис се очекува денеска да му го додели мандатот за формирање влада на Марчел Чолаку од Социјалдемократската партија (СДП), откако три проевропски партии постигнаа договор за парламентарно мнозинство.
Според договорот, СДП ќе раководи со осум министерства, вклучувајќи ги правосудство, транспорт, труд и одбрана. Повеќето од сегашните министри на партијата ќе ги задржат своите позиции. Центристичката Национално-либерална партија (НЛП) ќе има шест министерства, меѓу кои енергетика, внатрешни и надворешни работи, додека Демократската унија на Унгарците во Романија (ДУУР) ќе предводи две министерства, од кои едното за финансии.
Загреб - Во центарот на Загреб денеска ќе се одржи марш со цел да се зголеми безбедноста во училиштата, по нападот на 20 декември кога загина едно дете, а наставничката и неколку други деца беа тешко повредени.
Маршот, што ќе почне во 18 часот, е во организација на три училишни синдикати, кои ги повикаа граѓаните да им се придружат. Предвидено е маршот да биде одбележен со молк, без транспаренти.
Москва - Анализа на „The Moscow Times" покажува дека ChatGPT, развиен од американската компанија OpenAI, користи информации претежно од медиуми контролирани од Кремљ при генерирање на вести на руски јазик. Меѓу изворите на ChatGPT се РИА Новости, Комерсант, Газета.ру, РБК и други државни медиуми.
Новата функција за пребарување вести на ChatGPT, претставена како икона на глобус, овозможува пребарување на интернет исклучиво за вести. Една од најчесто користените опции од руско-јазичните корисници е „Вести од Русија и светот", за која ChatGPT обезбедува содржина само од медиуми под контрола на руските власти.
Хаг - Во операција на Европол против шверцување на кеш во земјите-членки на ЕУ откриени и запленети се 2,7 милиони евра во кеш.
Во акцијата претресени се над 300 патници на аеродромите, пристаништата, железничките станици и границите на ЕУ, како поштенските пратки, при што се запленети злато и накит, вклучително и 18 златни плочки во вредност од над 1,7 милиони евра.
Ереван - Преговорите за решавање на конфликтот во Нагорно-Карабах од неговиот почеток во 1994 година се поврзани со враќањето на Нагорно-Карабах под контрола на Азербејџан, изјави ерменскиот премиер Никол Пашинјан, пренесоа ерменските медиуми.
-Од 1994 година, односно по прекинот на огнот, преговарачкиот процес од самиот почеток беше за враќање на Нагорно-Карабах под контрола на Азербејџан. Преговарачкиот процес немаше друга намера, рече тој на социјалните мрежи.
Вашингтон - Доналд Трамп, кој ќе ја преземе функцијата претседател на САД на 20 јануари, најави серија контроверзни мерки. Говорејќи пред поддржувачи во Феникс, Аризона, тој изјави дека веднаш по инаугурацијата ќе потпише укази со кои ќе се забрани присуството на транссексуалци во војската и училиштата и ќе се ограничи пристапот до медицински процедури за промена на пол кај малолетници.
Трамп нагласи дека официјалната политика на САД ќе биде признавање на само два пола – машки и женски. Оваа тема предизвикува длабоки поделби во американското општество, особено во поглед на трансродовите права и нивниот пристап до спортови и јавни установи.
Москва - Кремљ објави дека претседателот Владимир Путин во моментов нема планови да се сретне со новоизбраниот претседател Доналд Трамп, и покрај се почестите разговори за можен мировен договор за ставање крај на руската војна против Украина.
Трамп на конзервативната конвенција на 22 декември рече дека Путин му рекол дека „сака да се сретне со мене што е можно поскоро“.
Пекинг - Кина достави информации и документи за заедничката истрага на двата оштетени подводни кабли во Балтичкото Море и ги повика Германија, Шведска, Финска и Данска да учествуваат во истрагата, соопшти Министерството за надворешни работи на Кина.
Портпаролката на министерството, Мао Нинг, изјави на прес-конференција дека Кина ги информирала сите засегнати страни и е подготвена да соработува.