МИА Радио флеш
- 14 октомври 2024
14 октомври 2024
Скопје - Младите претставуваат клучна демографска група во обликувањето на иднината на Европа. Вклучително и младите кои доаѓаат од земјите на Западен Балкан кои се со европски аспирации и географски припаѓаат на Европа. Токму овие прогресивни млади сили, нивните гласови, аспирации и предизвици мора да бидат поставени како приоритет во нашите политики, истакнал министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на Форумот за млади на земјите од Западен Балкан, организиран како дел од настаните во рамки на Берлинскиот процес на 13-ти и 14 октомври во Берлин, Сојузна Република Германија.
Лимани, како што информираат од Министерството за социјална политика, демографија и млади, заедно со министрите на Владите од шесте земји од Западен Балкан, како и на Франција и Германија и претставници на Регионалните канцеларии за младинска соработка – RYCO, учествувал на панел дискусијата „Европскиот проект низ призмата на младите“, како дел од конференцијата насловена: „Декада на влијание: Младите го зајакнуваат регионот во рамките на Европскиот проект“.
Скопје – Со сведочење на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, во Основен кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
На денешната расправа е предвидено да сведочат и роднини на велешанецот Жежовски, Ана Киркова и Тодор Кирков.
Во судот се присутни обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Обвинетите на изминатото рочиште пред Судот се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни за што дополнително нивната одбрана ќе достави докази.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Скопје - Во Народната банка, во рамки на соработката со Царинската управа, обучувачи од Дирекцијата за трезорско работење одржале обука за царински работници за препознавање сомнителни пари и за справување со нив.
- Преку постојано зајакнување на капацитетите на институциите, Народната банка го јакне системот за справување со фалсификуваните пари. Имајќи предвид дека јавните службеници, вршејќи ја својата должност, секојдневно доаѓаат во контакт со книжни и ковани пари и се првата бариера во заштитата на интегритетот на парите, нивното обучување за воочување сомнителни примероци, за нивно отстранување и за доставување до Народната банка е суштинско во борбата против фалсификатите, соопштија денеска од Народната банка.
Белград - Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан заедно со српскиот патријарх Порфириј се во посета на Нишката епархија, каде денеска на празникот Покров на Пресвета Богородица ќе отслужат света литургија во Богородичниот манастир во Ѓунис, јави дописникот на МИА од Белград.
Свечен пречек на патријархот Порфириј и архиепископот Стефан во Ниш беше организиран вчера во Соборниот храм „Слегувањето на Светиот Дух на апостолите“, а по тој повод во соборниот храм во Ниш се служеше свечен чин на доксологија.
Митрополитот Нишки г. Арсеније ја изрази својата голема радост затоа што првпат архиепископот Охридски и Македонски официјално ги посетува Ниш и Нишката епархија, донесувајќи го благословот на светите Климент и Наум Охридски, Гаврил Лесновски и Јоаким Осоговски, а воедно и братски љубовта на македонскиот народ.
Атина - Преку видео на социјалните мрежи, разрешениот лидер на СИРИЗА Стефанос Каселакис одговара на одлуката на Централниот комитет да ја блокира неговата кандидатура за претседател на партијата, потенцирајќи дека највисок орган е Конгресот, на кој како што посочува, ќе се одлучува за сè, јави дописничката на МИА од Атина.
Во саботата Централниот комитет со широко мнозинство одлучи Каселакис да не може да биде кандидат за лидер на изборите што ќе се одржат на крајот на ноември.
-Малцинство членови на еден орган му забрани на легално избраниот претседател на партијата повторно да се кандидира. Тоа е случај без преседан во историјата на земјата и е шокантен случај во историјата на левицата. Но, највисок орган на СИРИЗА е Конгресот. Тој ќе одлучи за сè. Нашиот глас е Конгресот. Знаете дека мала група луѓе се способни за сè. Ако видат дека не можат да победат на Конгресот, повторно ќе го одложат. Но, и механизмите имаат свои граници. И затоа барам од вас да станете голем бран на демократија што ќе ги збрише сите овие механизми, вели Каселакис во видеото.
Берлин - Во Берлин денеска почна средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан и претставници на Европската унија во рамките на Берлинскиот процес.
На самитот дојдоа премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски, на Србија Милош Вучевиќ, на Црна Гора Милојко Спајиќ, на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Албанија Еди Рама, на Косово Албин Курти, на Унгарија Виктор Орбан, претседателката на Советот на министри на БиХ Борјана Кришто, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Домаќин е германскиот канцелар Олаф Шолц.
Берлинскиот процес започна во 2014 година, на иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, како формат за регионална соработка и поддршка за приближување на регионот на ЕУ.
Канцеларот Шолц ќе разговара со учесниците на две работни средби, како и на работен ручек, а темите ќе бидат „Регионална соработка и единствен регионален пазар“, „Зелена агенда за Западен Балкан, поврзаност и енергија“, како и идни планови на Берлинскиот процес.
Берлин - Европската Унија е целосна само ако Западен Балкан е нејзин дел, а земјите од регионот треба да преземат дополнителни чекори кон заедничка иднина, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на отворањето на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан и претставници на Европската унија во рамките на Берлинскиот процес.
Шолц нагласи дека сите знаат колку регионот на Западен Балкан сè уште е обликуван од конфликтите од минатото и дека е време тие да се надминат и регионот да се насочи кон иднината.
- Затоа сакам да им порачам на нашите пријатели од Белград и Приштина да не дозволат минатото да ги врати назад од патот кон мирна и просперитетна иднина. Сè уште сум уверен дека таа иднина лежи во ЕУ, а единствениот пат до таму е целосната имплементација на постигнатите договори. Посветени сме на решавање на билатералните прашања во духот на соработка и со мирољубиви средства. Тоа е она за што се залага Берлинскиот процес, потенцираше Шолц.
Тој ја пофали и деблокадата на ЦЕФТА-договорот за слободна трговија, бидејќи тоа, како што рече, овозможува активирање на неколку други договори, како договорите за работни дозволи и патеките на е-трговија.
Луксембург - Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами денеска изјави дека неговата одлука да присуствува на состанокот на неговите колеги од Европската Унија во Луксембург претставува уште еден важен чекор во „ресетирањето на односите“ со ЕУ по Брегзит.
- Ова е историски момент што го означува рестартирањето на нашите односи со Европската Унија, рече Лами по пристигнувањето во Луксембург.
- Безбедноста на Британија и Европа е неделива, потенцираше тој.
Лами ќе се придружи на групата од 27 министри за надворешни работи на ЕУ на разговори во Луксембург за Блискиот Исток и војната во Украина, соопшти Форин Офисот во соопштението за печатот.
Севастопол - Жител на Севастопол, на црноморскиот полуостров Крим е осуден во Русија на 21 година затвор за „велепредавство“ во корист на Украина, соопштија денеска руските безбедносни служби (ФСБ).
Од почетокот на руската офанзива против Украина во февруари 2022 година, судењата за „саботажа“, „предавство“, „тероризам“ или „шпионажа“, кои генерално носат тешки казни, значително се зголемија, начин да се ограничи противењето на руската инвазија.
Осудениот, чие име не е објавено, бил регрутиран од Украинската специјална служба (СБУ) во 2022 година. Тоа лице е прогласено за виновно за пренесување информации на Украина за локацијата на руските воени единици во Севастопол, пристаниште на руската Црноморска флота, се вели во соопштението на регионалниот огранок на ФСБ.
Брисел - НАТО денеска ја започнува својата годишна нуклеарна вежба, во која во следните две недели ќе учествуваат околу 2.000 воени лица од осум воздушни бази, јави ДПА.
Вежбата Steadfast Noon ќе вклучи 60 авиони што ќе учествуваат во тренажни летови над Западна Европа. Тие вклучуваат борбени авиони способни да превезуваат американски нуклеарни бомби распоредени во Европа и бомбардери, како и авиони за надзор и полнење гориво.
Во вежбите нема да се користи борбено оружје, соопшти НАТО.
Овогодинешните вежби ќе се одржат во воздушните бази во Белгија и Холандија, како и во воздушниот простор над Велика Британија, Данска и Северното Море.
Брисел - Европската Унија изразува сериозна загриженост за нацрт-законот за Агенција на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНИРВА) што се разгледува во израелскиот Кнесет, бидејќи неговото усвојување ќе го укине договорот од 1967 година меѓу Израел и УНРВА, ќе ги запре сите нејзини операции и сериозно ќе го попречи обезбедувањето на здравствени, образовни и социјални услуги за Палестинците, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.
ЕУ силно го поддржува повикот на генералниот секретар на ОН за ова прашање и ја споделува загриженоста дека овој нацрт-закон, доколку биде усвоен, би имал катастрофални последици, спречувајќи ја Агенцијата на ОН да продолжи да ги обезбедува своите услуги и заштита на палестинските бегалци на окупираниот Западен Брег, како и во Источен Ерусалим и Газа, наведе Борел во изјавата по повод иницијативата за усвојување на закон за УНИРВА во Израел.
Вашингтон - Дваесетте најсиромашни земји во светот, дом на 40 отсто од најсиромашните луѓе, се најзадолжени од 2006 година и се поранливи на природните катастрофи и економските шокови, покажува новиот извештај на Светската банка.
Извештајот укажува дека овие земји денес, во просек, се посиромашни отколку пред пандемијата Ковид-19, иако остатокот од светот во голема мера се опорави.
Објавен една недела пред годишните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, извештајот ја нагласува сериозната пречка за напорите за искоренување на екстремната сиромаштија и ги истакнува напорите на Светската банка да собере 100 милијарди долари оваа година за да го надополни својот фонд за финансирање на најсиромашните земји – Меѓународната асоцијација за развој (ИДА).