• сабота, 29 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

10 март 2025 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги потпиша указите со кои се отповикуваат осум амбасадори од должноста бидејќи заминале на тие позиции без да ја исполнат законската обврска пред работното тело на Собранието.

Во согласност со донесените укази, се отповикуваат: Јакуп Реџепи од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Босна и Херцеговина, со седиште во Сараево, Џенк Сејфула од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Кралството Шведска, со седиште во Стокхолм, Методија Белевски од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Кралството Белгија и од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор за Големото Војводство Луксембург, со седиште во Брисел, Агнеза Руси Поповска од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Бугарија, со седиште во Софија, Емил Крстески од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Чешката Република, со седиште во Прага, Пајо Авировиќ од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор и шеф на Постојаната мисија при Меѓународните организации, со седиште во Виена, Зеќир Рамчиловиќ од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Црна Гора, со седиште во Подгорица и Катерина Ставреска од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со седиште во Лондон.

Скопје -  Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт денеска во Прага, пред најистакнатите чешки туристички агенции и туроператори ги презентираше туристичкиот потенцијал на Македонија и улогата на македонските аеродроми во туристичката индустрија, но ја отвори и темата за повторно воспоставување на авиолинијата Скопје - Прага.

На работилницата „Туристичкиот потенцијал на Македонија“ што се одржа утринава Курт нагласи дека сите чинители во воздухопловството, туристичката индустрија и дипломатијата мора да работат заедно за да се создаде побарувачка за авиокомпанија која би ја вовела оваа директна авиолинија.

Скопје - Во 2021 година разликата во поседувањето платежни сметки меѓу мажите и жените на светско ниво се намалила на 6 процентни поени, но сè уште има поголема веројатност дека жените ќе располагаат со неактивни сметки и ќе имаат помал пристап до финансиски услуги. Слична е состојбата и во земјава. Иако е забележано подобрување, родовиот јаз во пристапот до финансии сè уште постои. Според последните податоци, во 2021 година 79,9 отсто од жените и 90,6 проценти од мажите во Северна Македонија поседувале платежна сметка. Овој родов јаз од 10,7 процентни поени е значително поголем од просекот во Европа и Централна Азија каде што изнесува 3,2 процентни поена. Овие податоци не се само статистика, тие се јасен показател дека е неопходно да се преземат натамошни мерки за подобрување на финансиската вклученост на жените, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Во интервју за веб-порталот „Пари.мк“, Ангеловска-Бежоска нагласува дека пристапот до финансии е од големо значење за економската независност, за подобро управување со личните и семејните финансии, како и за создавање посигурна иднина.

Скопје -  Здружение на граѓани „Младите можат“ на 2 април годинава по петти пат ќе го организира проектот Social Day и ги повикува компаниите да се приклучат на оваа иницијатива. Како што соопштија од Здружението, станува збор за ден во годината кој младите од средните училишта го минуваат на волонтерска работа во компанија по нивен избор. За возврат, компаниите донираат една дневница во младински фонд со кој се поддржуваат иновативни проекти за млади, насочени кон унапредување на нивните можности и животни услови.

-Младите и компаниите ќе имаат можност да работат заедно и да придонесат во создавањето подобро општество. Преку оваа иницијатива, се создава синергија меѓу генерациите и се поттикнуваат младите да бидат активни, независни и ангажирани граѓани, способни да создаваат промени во својата заедница. Оваа активност претставува непроценливо искуство за младите затоа што добиваат можност да почувствуваат реална работна атмосфера. Токму затоа, со учество на Social Day, компаниите ќе ги поддржат младите и нивниот развој, но во исто време и ќе инвестираат во локалната заедница и развојот на нашето општество, велат во соопштението.

Атина - Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веројатно во следните денови ќе направи реконструкција на Владата, според информациите во новинарските кругови во Грција и во грчките медиуми, а промените се очекуваат во текот на оваа седмица, најдоцна до петок, односно по инаугурацијата на новиот претседател закажана за в четврток, јави дописничката на МИА од Атина.

Медиумите во Грција коментираат дека Мицотакис планира да направи „рестарт“ на неговата Влада, по масовните протести пред десет дена на двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи, но и откако Парламентот во петокот не го изгласа предлогот на четирите опозициски партии за недоверба на Владата.

Белград - Здружението за заштита на потрошувачите „Ефектива“ ги повика граѓаните во Србија да не купуваат во Лидл од денеска до 16 март, во знак на протест против високите цени, пред се на храната.

Минатата недела беа бојкотирани продавниците на Меркатор, а една недела пред тоа и супермаркетите кои работат како дел од трговскиот синџир Делез.

Брисел - Почнувајќи од следната година, граѓаните и жителите на Белгија ќе можат да бараат да им се издаде електронска лична карта, јавија локалните медиуми, повикувајќи се на министерот за внатрешни работи, Бернард Квентин.

Планирано е електронските картички да имаат иста важност како и пластичните. Издавањето електронска копија ќе биде бесплатно и незадолжително. Новите картички ќе бидат признати низ ЕУ и ќе се користат за проверка на идентитетот и електронско потпишување на документите.

Тирана - Да имаше првенство за странски затвореници во затворите во Велика Британија, Албанците ќе го освоеја првото место, констатира во објавената анализа весникот „Сандеј Телеграф“, додавајќи дека веќе седма година по ред Албанците се рангирани со најголем број затвореници од странска националност.

Според написот, околу 1.200 албански државјани во моментов издржуваат затворска казна во Англија и Велс и се на прво место, а следат државјаните на Полска, 911 и оние на Романија со 729 затвореници. Трошоците за странските затвореници, според Сандеј Телеграф, се проценуваат на 1,3 милиони фунти дневно, додека за секој затвореник годишен трошок е 55 илјади фунти, објави Топ чанел.

Брисел - Комитетот за јавно здравство на Европскиот парламент по повод Меѓународниот ден на жената - 8 март, започна анкета за истражување на состојбите со здравјето на жените.  

Како што соопшти денеска Прес-службата на Европарламентот, целта на оваа анкета е преку сослушување на искуства, предлози и мислења да се обезбедат материјали за идната работа на Комитетот за јавно здравство (САНТ) поврзана со здравјето на жените. 

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ја прекинал суспензијата на размената на разузнавачки информации со Украина и дека очекува добри резултати од претстојните разговори со украинските претставници во Саудиска Арабија.

-Само што ставивме крај на суспензијата на размена на разузнавачки информации со Украина, им рече Трамп на новинарите за време на летот на „Ер Форс“.

Брисел - Секој план за иднината на Газа мора да обезбеди кредибилни решенија за обнова, управување и безбедност, се наведува во реакцијата на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас на Планот за закрепнување и обнова на Газа предложен од Лигата на арапски држави. 

- Напорите за закрепнување и обнова мора да се засноваат на цврста политичка и безбедносна рамка прифатлива и за Израелците и за Палестинците, која ќе гарантира мир и безбедност за двете страни, се наведува во соопштението.

Тел Авив - Воената полиција на израелската армија започна истрага за најмалку шест случаи во кои израелски војници користеле Палестинци како жив штит во Појасот Газа, објави весникот „Хаарец“.

Весникот наведува дека за време на војната во Појасот Газа, имало неколку извештаи дека израелските војници испратиле заробени Палестинци да пребаруваат згради и подземни тунели на палестинската милитантна група Хамас пред војниците, а со тоа ги загрозиле животите на Палестинците, оибјави Тајмс оф Израел.

Остани поврзан