• четврток, 26 декември 2024
МИА Радиофлеш

25 март 2024 

- Мерките и активностите за развој на студентскиот стандард кои се преземаат од надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, соодветно сместување и исхрана и за  реализирање на проектите за реконструкција и проширувањето на капацитетите на државните студентски домови, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Ревизорите утврдиле дека верификацијата која треба да ја направи МОН пред започнувањето со работа на студентските домови до денот на извршување на ревизијата не е извршена за сите државни студентски домови и нема воспоставен регистар на студентски домови, што неповолно влијае врз спроведувањето на постапките за сместување на студентите и на реалноста на прикажаниот капацитет на домовите.

- Јавниот обвинител Башким Бесими е избран за нов член на Советот на јавните обвинители, од редот на јавните обвинители од подрачјето на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Од вкупно 12 јавни обвинители од републичкото Јавно обвинителство со право на глас на изборите одржани во петокот за Бесими гласале шест, додека останатите кандидати Наум Паноски добил четири и Ферат Елези два гласа.

Советот е составен од 11 члена, од кои по функција член е републичкиот Јавен обвинител, шест члена ги избираат јавните обвинители на непосредни избори и четворица членови ги избира Собранието.

- Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во интервју во утринската програма на Клан ТВ беше запрашан за тоа дали некој некого опструира во МВР.

„Знаете, со доаѓањето на техничката влада се створи слика дека претходно  Спасовски ништо не направил со тоа, се почнало со Панче Тошковски, тој го решил проблемот иако тој велеше дека нема магично стапче. Тоа беше една лажна вест која се пласираше во јавноста дека нема обрасци, дека има хаос, дека некој некого опструира. Ме критикуваа дека ги пречекав обрасците на граничен премин Богородица, ама има многу луѓе на кои им ја поништив лажната вест дека нема обрасци. Имаше и ќе има. Тендерот кој го спроведуваме од 2019 е направен токму од Спасовски, овие лични карти се први кои денес ги добиваме од новиот тендер исто така спроведен од Спасовски. Никој никого не опструира. Ова секаде го кажувам, ние со Спасовски како тим водевме грижа за секоја работа”, рече Бојмацалиев, појаснувајќи дека и салата Пролет и денес функционира како и порано.

 - Повредено е едно лице во сообраќајка што утрово се случи кај кавадаречкото село Дреново. Повредениот е извлечен со помош на пожарникари и со возило на брза помош транспортирано кон кавадаречката болница. 

- Во моментов се врши утврдување на повреди, потврди за МИА, доктор Ратко Грков, началник на кавадаречката Итна медицинска помош.  

- Депозитите се основен извор на финансирање на банките и следствено банките имаат разновидна понуда на депозитни производи којашто ги има предвид различните потреби на клиентите. Во финансискиот систем во земјава постепено се зголемува и понудата на нови инвестициски алтернативи. „Да имаме предвид дека финансискиот систем се развива, постепено се збогатува и се отвораат нови инвестициски алтернативи за граѓаните. Една од нив е граѓанската обврзница на државата, за којашто знаеме дека имаше интерес, што од своја страна ќе влијае и врз каматните стапки на депозитите на банките“, посочи главната економистка на Народната банка, Анета Крстевска, говорејќи на панел-дискусијата „Динамиката на економскиот раст и можности за штедење и инвестирање 2024“ во рамките на Женскиот економски форум, организиран од Здружението „Јас сум жена“ и Факултетот за туризам и бизнис-логистика – УГД Штип.

- Сообраќајна несреќа се случила утрово кај кавадаречкото село Дреново, возило излетало од патот и се превртело, потврдија за МИА од Итната медицинска помош, противпожарната служба и СВР Велес.  

Екипа на итната медицинска помош Кавадарци е на лице место, а увид врши и полициска екипа. Од СВР Велес информираа дека ќе следуваат повеќе детали во текот на денот. Оттаму појаснија дека сообраќајката е на локалниот пат од селото кон регионалниот пат за градот  Кавадарци. 

– Американскиот лендер без посада кој стана првото приватно вселенско летало на Месечината „засекогаш се исклучи“, соопшти компанијата што го изгради.

Intuitive Machines со седиште во Хјустон викендов соопшти дека вселенското летало, наречено Одисеј, не се пријавило дома минатата недела кога се предвидувало дека неговите соларни панели ќе добијат доволно сончева светлина за да го вклучат радиото.

Лендерот се спушти на Месечината под нестабилен агол на 22 февруари, но сепак успеа да заврши неколку тестови и да испрати фотографии пред да заврши неговата мисија една недела подоцна, затоа што влезе во повеќенеделна лунарна ноќ.

– Разговорите меѓу одговорните на железничките станици на денот на железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари 2023 година, објавени тогаш во грчките медиуми биле монтирани за, веројатно, да се зајакне тврдењето дека причината за судирот на двата воза е човечка грешка, објави весникот „То вима“, текст што предизвика низа реакции во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

Лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис побара од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да си поднесе оставка, додека пак преседателот на ПАСОК Никос Андрулакис ги повика опозициските партии да ја поддржат неговата иницијатива за доставување предлог за гласање недоверба на Владата. 

- Во украинското пристаниште Одеса прекинато е снабдувањето со електрична енергија откако руски воздушен напад оштети високонапонски постројка за електрична енергија, соопшти денеска најголемиот украински снабдувач со енергија ДТЕК.

- Ситуацијата е се уште тешка. За да се намали оптоварувањето на мрежата, денеска во градот нема да работи електричен транспорт, а ограничена е и индустриската потрошувачка, објавено е на каналот на Телеграм на ДТЕК, пренесува Укринформ.

- Популарен актер и евангелистички пастор вчера ја објавија својата кандидатура за претседателските избори во Венецуела на 28 јули, пренесува Бета.

Двајцата изјавија дека се противници на владата, иако има сомнижи дека му се сојузници на актуелниот претседател Николас Мадуро.

Уште осум кандидати, кои се дефинираат за опозициски, се пријавија на претседателските избори, но традиционалната опозиција смета дека тие се обидуваат да го нарушат единството и да го поделат електоратот за да ја гарантираат победата на Мадуро.

- Неколку силни експлозии одекнаа утрово, околу 10:30 часот по локално време, во Киев, за што јавија неколку домашни и странски медиуми.

На социјалните мрежи се појави видео на кое се слушаат сирени и експлозии додека деца од училиште трчаат кон засолниште.

Експлозиите се случиле во моментот кога се слушнале сирени кои предупредуваат за опасност од воздух, а по нив бил забележан чад на источниот брег на реката Дњепар во Киев.

- Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ѝ соопшти на својата партија Национално-либералното движење (ЛИКУД) дека нема да се откаже од нацрт-законот со кој на ултраортодоксните Евреи им се дава ослободување од регрутирање во израелските одбранбени сили.

Нетанјаху го најави ова поради најавата на членот на воениот кабинет Бени Ганц дека ќе ја напушти владата и дека неговата партија Национално единство ќе ја напушти коалицијата доколку законот биде усвоен, пишува „Џерусалим пост“.

- Во Брисел со посредство на ЕУ почна трилатералната средба на главните преговарачи во дијалогот меѓу Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бисљими, на која присуствуваат и експерти, јави дописникот на МИА од Белград.

Делегацијата од Белград, предводена од директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ и делегацијата од Приштина, предводена од Бесник Бисљими, започнаа разговори без претходни одвоени билатерални средби со европскиот посредник Мирослав Лајчак.

Тема на разговор треба да биде одлуката на Приштина за готовинските трансакции, оптекот, односно за забраната за користење динари на Косово.

Остани поврзан