2 јули 2024
Скопје - Поради дефект на приклучна цевка од Ф - цол на ул. „Солунска глава“ 8 во Драчево, прекинато водоснабдување ќе имаат дел од корисниците од улиците „Солунска глава“, „Сердарот“ и дел од село Драчево.
ЈП Водовод и канализација-Скопје информираат дека водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до санирање на дефектот.
Скопје - Во текот на изминатите неколку дена, ЈП „Комунална хигиена“ -Скопје реализираше вонредни активности за подигнување и транспорт на отпад од диви депонии на повеќе локации во Скопје.
Отстранети се приближно 330 кубни метри непрописно одложен кабаст, градинарски и мешан комунален отпад во близина на aрената Борис Трајковски и во населбата Трнодол во скопската општина Карпош, на улиците Никола Пушкаров, Христо Батанџиев и Лука Геров во општината Ѓорче Петров, на улиците Џон Кенеди, Вуковарска и Христијан Тодоровски-Карпош во општината Чаир, како и на улиците Февруарски поход, Коста Новаковиќ, Анастас Митрев и Васко Карангелевски во општината Аеродром. Повторно е интервенирано и на булеварот Никола Карев, во непосредна близина на Амбасадата на САД, информираа денеска од ЈП „Комунална хигиена“ Скопје.
Охрид - Со вечерна празнична богослужба во манастирскиот комплекс „Свети Наум“ денеска отпочнува славењето на православниот празник посветен на Свети Наум Охридски Чудотворец.
Илјадници православни верници вечерва и утре вообичаено како и секоја година ќе го посетат манастирскиот комплекс, за да се помолат за своето и за здравјето на нивните најблиски, обединети во верата и во вербата во чудесната исцелителна моќ на Светецот.
Манастирскиот комплекс „Св. Наум“ се наоѓа на најјужната точка на Охридското Езеро, на триесетина километри оддалеченост од Охрид, додека главната црква е изградена на високиот стрмен брег, во непосредна близина на изворите на Црн Дрим.
Струмица - За пет денови од објавувањето на Јавниот оглас на Општина Струмица за субвенционирање за купување нов велосипед поднесени се 82 барања од граѓаните.
Според информациите од локалната самоуправа, пристигнатите барања се разгледани од Комисијата за проведување на Јавниот повик за за купување на велосипед или велосипед со заштитна опрема (кацига, ракавици, штитници, велосипедско светло) за 2024 година.
Додаваат дека од планираниот буџет во Програмата за заштита на животната средина за оваа година се планирани 1.250.000 денари, а до сега се искористени 555.396 денари.
Инаку, средствата што Општина Струмица ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот или велосипед со заштитна опрема, но не повеќе од 10.000,00 денари по лице.
Јавниот повик е отворен до 25 овој месец.
Кочани - Четиринаесет невработени лица од Кочани се ангажирани преку проектот „Доверба“ за испорака на социјални услуги за различни групи граѓани преку програмата Општинско корисна работа.
Во наредниот деветмесечен период ќе работат пет негуватели во градинка, еден личен асистент, двајца посредници за донации, двајца олеснувачи за ромски деца, еден соработник за социјални прашања и тројца негуватели за лица со попреченост.
При потпишувањето на договорите за ангажман на лицата, градоначалникот Љупчо Папазов го истакна досегашното позитивно искуство и подготвеноста на Општина Кочани да учествува во финансирањето на социјалните услуги кон граѓаните.
Скопје - Поради уличен дефект од ф – 400 мм на ул. „1670“ во Ново Село, без вода ќе останат корисниците од ул. „Лука Геров“, како и корисниците од населбите Ново Село, Стопански Двор, Кисела Јабука, Волково, Орман и Никиштани, во општина Ѓорче Петров.
Како што информираат од РЦУК, прекинот во снабдувањето со вода ќе биде во периодот од 09:00 часот па се до отстранување на дефектот.
Скопје - ЈП Водовод и канализација – Скопје информира дека нивни екипи во изминатите денови и утрово на терен спроведуваат дополнителни акции за чистење на сливниците и шахтите, особено на критичните точки во Скопје, поради прогнозата за врнежи од дожд и засилен ветер.
Претпријатието соопшти дека покрај редовното одржување на атмосферската канализација, тимовите распределени по реони работат на рачно и машинско чистење на сливниците и шахтите за да се овозможи нејзина непречена функционалност.
-Апелираме до граѓаните, совесно и одговорно да се однесуваат кон канализациската линија, атмосферска и фекална, бидејќи таа не е депонија за одлагање на секаков тип отпад, кој пироднесува до затнување на линиите и при поголемо количество на вода дури и поплави, укажува ЈП Водовод и канализација – Скопје.