• вторник, 12 ноември 2024
МИА Општински пул

21 октомври 2024 

Делчево - Во Делчево денеска се спроведе симулациона вежба за евакуација и спасување при настанување на  пожар во училиштето „Методи Митевски - Брицо". Активноста се реализираше согласно Годишната програма за работа на делчевската гимназија.

Директорката на училиштето Дијана Цонева истакна дека оваа вежба е исклучително важен дел од  процедурите за безбедност на училиштето и претставува основа за тоа како треба установата да реагира во вонредни ситуации. 

-Нашата цел е да ја провериме нашата подготвеност и да се осигуриме дека сите ученици и вработени ги разбираат своите улоги и одговорности при евакуација. Како што сите знаеме ,безбедноста е наш приоритет. Во вистинска вонредна ситуација, одговорната и брза евакуација може да спаси животи. Затоа, сите  треба да учествуваме сериозно и активно во оваа вежба, рече Цонева. 

Тетово - Самка Ибраимовски, претседател на Партијата за Целосна Еманципација на Ромите (ПЦЕР) информира дека била фрлена експлозивна направа во нивниот партиски клуб што се наоѓа во Тетово. Во соопштението на ПЦЕР нема информации за повредени луѓе, а се вели дека има голема материјална штета.

-Би сакале да ја информираме јавноста дека на 21.10.2024 година беше фрлена експлозивна направа во клубот на ПЦЕР. Искршени се сите прозори и е направена значителна штета од сето ова. Најостро го осудуваме овој чин на нетолеранција и непочит кон нас и кон Ромите од овој град и од целата држава. Ги повикуваме надлежните институции од Република Северна Македонија да го истражат случајот и навремено да постапат, пишува Ибраимовски во соопштение до медиумите.

Клубот на ПЦЕР се наоѓа на улицата „Иво Лола Рибар“во Тетово. 

Куманово - Четири контејнери во Куманово биле опожарени, соопштија денеска  од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово. Територијалната противпожарна единица вчера интервенирала на пожар на три контејнери и напуштена гаража под пругата во месноста ,,Бавчи". Контејнер бил запален во текот на вчерашниот ден и во село Горно Којнаре. Пожарникарите гаселе и ѓубре во село Романовце.

Жителите на булеварот ,, Октомвриска револуција" постојано се жалат на неподнослива миризба и додаваат дека воздухот дополнително се загадува поради палењето.

Во текот на викендот несовесни граѓани ги фрлиле во река новопоставените садови за смет долж течението на реката Кумановка.

Кумановци бараат брза и навремена реакција од општинските и државните институции за спречување и казнување на несовесните граѓани кои ја уништуваат урбаната опрема. 

Битола - Општина Битола, доби владина поддршка од 230 милиони денари за 16 проекти аплицирани на јавниот повик за финансирање на инфраструктурни проекти.

За подобрување на инфраструктурата во урбаниот и руралниот дел на општината, како и за изградба и реконструкција на објекти од високоградба, локалната самоупрва обезбеди и буџетски средства со што бројот на проекти за реализација ќе биде зголемен, информираа од Општина Битола.

Средствата ќе бидат искористени за реконструкција на улично осветлување, коловози низ градот и населените места Буково, Троново, Магарево, Поешево и Логовоарди, реконструкција на водоводни линии, но и изградба на нова енергетски ефикасна фасада на ООУ „Стив Наумов“, како и паркинзи кај местата викани „Овчи Пзар“ и „Ат Пазар“.

Со владина поддршка и средства од општинскиот буџет ќе биде санирана јужната трибина од фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“ и изградба на десет нови спортски игралишта налик на игралиштето во основното училиште „Елпида Кааманди“ во Битола.

Скопје - Изминатите 24 часа на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112, регистрирани се вкупно 1.568 повици. Од нив, како реални повици биле категоризирани 961 или 61,29 проценти, а 607, односно 38,71 отсто - за други потреби на граѓаните што не биле итни, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Кон полицијата биле упатени 213 повици, односно 69,84 проценти, кон Итната медицинска помош - 63 или 20,66 отсто, кон пожарникарите - 21 или 6,89 проценти и кон ЦУК - осум повици или 2,62 отсто.

- Во текот на утрешниот ден, во периодот од 12 до 17 часот, стручниот тим на „Мактек дооел“ ќе изврши минирање за потребите на компанијата „Бехтел и Енкa“ на локалитетот Сладун во општина Прилеп, се додава во соопштението на ЦУК.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува сите жители на општината да учествуваат на буџетскиот форум за 2025 година, кој ќе почне вечер во ООУ „Ј.Х. Песталоци“ со почеток во 19 часот.

Како што посочуваат од Општина Центар, овој форум претставува можност граѓаните директно да влијаат врз креирањето на општинскиот буџет, предлагajќи проекти и идеи кои се приоритетни за нив.

На форумот општинските сектори ќе ги презентираат и капиталните проекти кои се планирани за следната година, но и резултатите од проектите реализирани во изминатите три години. Преку овие дискиусии ќе се овозможи на граѓаните да имаат увид во напредокот и да дадат свои предлози за понатамошни подобрувања. Општина Центар останува посветена на процесот на вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки, со цел да се обезбедат проекти што директно ќе ги подобрат условите за живот во населбите.

Скопје - Водата во Скопје е безбедна, резултатите од испитувањата  одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, соопшти ЈП Водовод и канализација – Скопје, објавувајќи го неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење во главниот град.

Како што информира претпријатието, анализите се спроведени од Секторот за санитарна контрола во  периодот од 14 до 18 октомври 2024.

За анализата биле земени 202 примерока за физичко-хемиска и 202 примерока за микробиолошка анализа на вода за пиење од 46 мерни места во Градот Скопје. хс/дма/

Скопје - Поради планирани прекини во електроснабдувањето, утре без електрична енергија ќе бидат корисници од општините Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош, Петровец и Сарај, соопштија утрово од Регионалниот центар за управување со кризи - Скопје.

Од осум до 15 часот, без струја ќе бидат корисниците од дел од улицата „Ѓорѓи Капчев“ во општина Аеродром.

Од девет до 15 часот, корисниците покрај пругата од лева страна накај обиколница во село Волково. Од 11 до 13:30 часот, корисниците од дел од село Волково, дел од улица „56“ во општина Ѓорче Петров.

Од девет до 14 часот, корисниците од дел од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, зграда број „72“ и улица „Атинска“, зграда број „12“ во општина Карпош.

Од 8:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од село Љубин. Од 13 до 14 часот, корисниците од дел од село Бојане, општина Сарај.

Од девет до 12 часот, корисниците од дел од село Катланово, општина Петровец.

Скопје - Поради дефект на затварач (шибер) Ф80мм. улица „Римска“ 3, со прекинато водоснабдување денеска ќе бидат корисниците од улиците „Римска“, „Дрезденска“, „Њуделхиска“, „Панче Пешев“, „Наум Евро“, „Алжирска“, „Каирска“ и дел од улиците „Анкарска“, „Атинска“, како и објектите ОУ. „Војдан Чернодрински“ и градинката „Мајски Цвет“, во општина Карпош.   

ЈП Водовод и канализација – Скопје најави дека водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности

Остани поврзан