• четврток, 26 декември 2024
МИА Општински пул

2 февруари 2024 

Делчево - Во чест на македонскиот револуционер Гоце Делчев, Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево утрово изложи дела по повод 152 години од неговото раѓање.

Делата се поставени во холот на библиотеката.

-Сите наши читатели кои ја посетуваат библиотеката ќе имаат можност да ги разгледаат и да прочитаат дел од овие книги. Исто така изложени се и дел од неговите мисли „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, „Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“ и други, истакнаа од библиотеката.

Официјалното одбележување на 152-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев кој е патрон на градот Делчево, ќе се одржи пред неговиот споменик во центарот на градот.

Крива Паланка - По повод 2 Февруари - Светски ден на читањето, Литературниот клуб „Калин“ при Центарот за култура во Крива Паланка и Библиотека „Кочо Рацин“ организираат кампања „Читаме гласно - говориме јасно“.

-Кампањата почнува денес и ќе трае до крајот на февруари. Можат да учествуваат сите предучилишни установи, ученици од основните училишта во Северна Македонија со нивните ментори, јавни личности и најважните личности кои непосредно влијаат на создавање љубов кон читањето и развој на говорни вештини кај децата, родителите. Сите родители, наставници, воспитувачи и негуватели, баби и дедовци, мајки и татковци, сите љубители на читањето, месецов, во знак на Светскиот ден на читањето, имаат задача да им читаат на глас на дечињата, како клучен метод за развивање читачки навики, информира Даниела Петровска, координатор на литературниот клуб„Калин“.

Охрид - Со низа настани, свечености, културни збиднувања во рамки на Манифестацијата „Прличеви беседи“ и оваа година Охрид ќе го чествува ликот и делото на великиот поет и преродбеник, охридскиот Хомер – Григор Прличев.

Со Манифестацијата „Прличеви Беседи“ се одбележува годишнината од смртта на Прличев кој се упокои на 6 февруари пред 131 година.

Оваа година чествувањата за Прличев започнуваат утре, со поетскиот караван: „Добри гости“- Серија книжевни гостувања низ Македонија, со почеток во 18 часот во кафе-барот „Шила“ во Охридската чаршија.

В понеделник на 5 февруари од 11:45 часот ќе биде поставена изложба на ликовни дела од колекцијата на НУЦК „Григор Прличев“ во изложбениот салон, додека од 12 часот ќе се одржи централната свеченост – посветена на поетот Славе Ѓорѓо Димоски кој е годинешниот лауреат на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“. Во рамки на свеченоста ќе биде презентирана неговата наградена поема „Денес“, а ќе биде и врачена и Повелбата за најдобрата поема.

Скопје - Поради промена на затворач ф-600 мм на крстосницата булевар „Александар Македонски“ со „16-та Македонска Бригада“ на 4 февруари (недела) прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците улиците „512“, „515“, „516“, „520“,  „Ист Гејт Мол“, објектот на Топлификација, објектот на Општина Гази Баба, хотел „Континентал“, булеварот „Александар Македонски“, ул. „808“, „Скопска Пивара“, „Алкалоид“, „ЈСП“ и „Кока Кола“.

Како што информираат денеска од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје намален притисок на водоснабдувањето ќе имаат корисниците на дел од булеварот „Киро Глигоров“, дел од населба Автокоманда, Хиподром, Маџари,Ченто, Трубарево и Стајковци. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со работните активности.

Делчево - Мостот во близина на таканаречениот Потпорен ѕид, кој е дел од патот Делчево – Македонска Каменица и магистралата А3, е безбеден за сообраќај, информираа од подружницата на „Македонија пат“.

На овој  мостот, како што додадоа, регистрирано е оштетување на дилатацијата заради што ќе бидат преземени соодветни мерки за  решавање на проблемот.

-На овој мост имаме проблем со дилатацијата, која е оштетена. Откако ќе биде избран изведувач ќе биде изработена нова, а дотогаш уште еднаш напоменуваме дека мостот е безбеден за сообраќај, истакнаа од „Македонија пат“.

Струмица - Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ вечер (18:30 часот), во просториите на Europe House Струмица организира промоцијата на стихозбирката „Прости песни“ од Александра Спасеска.

Промоцијата ќе ја води Митко Гогов, а стихови ќе чита актерката Александра Стојановска.

-Благодарен сум што Европската куќа во Струмица по втор пат ги отвора вратите за дел од активностите на Контекст-Струмица, така по 15. издание на Роднокрајните поетски средби, годинава ја започнуваме со промоција на дебитантската збирка поезија „Прости песни“ на Александра Спасеска. „Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ на Александра Спасеска е колекција од стихотворби кои таа со доза на умереност ги споделуваше со љубителите на поезијата и блогерите повеќе од една декада, а јас уште од самите почетоци ја мотивирав да ги собере и стави во една книга. Конечно 2023 година Александра ја создаде оваа колекција поетско небо и укоричена ја сподели со заинтересираните читатели. Станува збор за сериозен автор со зрел стил на изразување, кратка и симплифицирано во формата на зборокреација, „Прости песни“ наиде на огромен интерес и прием кај поетољупците. По излегувањето од печат на второто издание и по неколку промоции во државата, среќни сме што оваа стихозбирка ќе биде претставена пред струмичката публика, рече Гогов.

 

Остани поврзан