• вторник, 12 ноември 2024
МИА Општински пул

18 октомври 2024

Охрид – Во Охрид во тек се градежни и реконструктивни активности на неколку локации. Фекална и атмосферска канализација се поставува на краци од улиците „Дејан Војвода” и „Македонски Просветители”, со изведба на нови приклучоци за сите објекти.

Согласно проектот предвидено е да се изградат и нови тротоари со камени плочи, нови рабници и ќе се постави ново осветлување. После завршувањето на посочените активности на двете улици ќе биде поставен нов асфалтен слој.

Како што е посочено од Општина Охрид, вкупната вредност на зафатот изнесува околу 14 милиони денари.

Истовремено се одвиваат и градежни активности за уредување на коритото на реката „Грашница“. Се работи за потегот на сливот во Охридското Езеро во населбата „Воска“.

Штип - Општина Штип распишува Јавен повик за доделување на ученички стипендии и еднократни парични награди на ученици кои постигнале особени достигнување на државни и меѓународни натпревари, се вели во денешното соопштение од кабинетот на градоначалникот на Општина штип, Иван Јорданов.

Во него се наведува дека општината повикот го распишува трета година по ред, а право на учество имаат сите редовни ученици од основното и средното образование, или лица кои завршиле средно образование пред не повеќе од една учебна година и освоиле најмалку прва, втора или трета награда на државно ниво натпреварувајќи се во претходната учебна година низ организираниот систем на натпревари (општински, регионални и државен) понекој наставен предмет. Потрено е и да се исполнат и општи услови.

-Да се жители на Општина Штип, да се редовни ученици во некоео од основните или средните училиште во државата освен за лицата кои претходната учебна година го завршиле средното образование, се вели во соопштението од Општина Штип.

Македонска Каменица - Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски денеска изврши увид во градежните работи на старата градска црква Св.Илија. На оваа црква во моментот како што информираше Атанасовски се работи на изградба на помошните објекти кои се во завршна фаза. 

-Во рамки на денеска спроведените теренски активности, извршив увид во градежните работи за изградба на помошните објекти од 220 m² кај нашата стара градска црква „Свети Илија“ во Македонска Каменица. Претходно, целосно беше завршена изградбата на помошните објекти со површина од 120 м², во манастирот „Свети Архангел Михаил“ кај Аџиско маало во село Саса, информираше Атанасовски.

Според него станува збор за  мошне важна инвестиција во подобрувањето на условите на локалното население при одржувањето на народни собири на отворен простор, како и зачувување на културното наследство и развојот на религиозниот туризам.

Тетово -  Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами одржа прес-конференција на која информираше за кои проекти ќе се користат средствата кои Владата во висина од 500 милиони евра ги позајми од Унгарија и ги дели на локалните самоуправи. Касами рече дека согласно индикаторот глава на жител на Општина Тетово и се предвидени 3,8 милиони евра.

-Истите се предвидени за изградба на два проекти во подобрување на снабдувањето со вода односно изградба на нов цевковод од Попова Шапка до резервоарот над Тетово и вториот проект е за мрежа за снабдување со вода во населбата Вонвардарска.  Третиот проект е за изградба на нов училиштен објект за средното текстилно училиште, информираше Касами.

Според објаснувањето на Касами, најголем приоритет бил објект за училиштето, за што се потребни пет милиони евра. Во договор со Владата е одлучено сега да се издвојат 2,5 милиони евра, а остатокот од средства предвидени за наредна година.

За поставување на нов цевковод што ја носи водата од планинските извори близу Попова Шапка до Тетово било одлучено поради загубата на количините вода и дотраеноста на тој систем утврдени во студија.  

Струмица - Вечер во Струмица, во Центарот за култура „Антон Панов“, ќе биде отворена изложбата на графики од Трајче Блажевски на која авторот ќе се претстави со триесетина уметнички дела - графики изработени во периодот 2017-2024 година.

-Да се патува по 45-годишната творечка траекторија на д-р Трајче Блажевски претставува деликатна и многу сложена авантура. Неговата обемна био-библиографија на извесен начин, сама по себе, априори претставува доволна индикација дека станува збор за еден од најактивните и најзначајни македонски графичари кој повеќе се презентирал на интернационалната отколку на домашната ликовна сцена, ќе напише ликовната критичарка Конча Пиркоска во каталогот за изложбата на Блажевски.

Вевчани  - Општина Вевчани повторно се пласира во групата на 100 најуспешни дестинации во светот во конкуренција од над 200 апликанти, кои развиваат и практикуваат одржлив туризам на повисоко ниво.

Годинава, како што појасни градоначалникот Спасе Кочовски, се разгледувале 15 критериуми, а во следната фаза ќе бидат земени во предвид уште 15 нови, за искачување на повисоко ниво.

- Процесот продолжува додека конечно не добиеме сертификат, односно да станеме зелена дестинација во светот, истакна Кочовски.

Во оваа фаза, појасни, Општината покажала дека се грижи за природата, има соработка со локалната заедница, бизнисот, невладиниот сектор, ја зачувува културата и традицијата, се грижи за здравјето и безбедсноста на населението, управува со отпадот, го промовира туризмот и воведува одржливи пракитики.

Струмица - „Струмица безбеден град“, нова населба во „Турско маало“ трета фаза и реконструкција на Домот на култура во населеното место Банско, се трите приоритетни проектни иницијативи кои добија најмногу бодови од учесниците на годинашниот Буџетски форум во Општина Струмица, кој синоќа заврши со одржувањето на втората сесија во просториите на Младинскиот центар.

Од вкупно предложените шест проектни иницијативи од страна на граѓаните од урбаните и месните заедници, претставниците на невладиниот и бизнис секторот и општинската администрација, проектната иницијатива за „Струмица безбеден град“ доби најмногу 94 бодови, нова населба во „Турското маало“ трета фаза доби 76 и иницијативата за реконструкција на Домот на културата во Банско доби 62 бодови.

За градоначалникот Костадин Костадинов Буџетскиот форум е благодет за општина Струмица.

Виница - Општина Виница го почна проектот за изградба и реконструкција на поголем број улици во градот и населените места во општината, за што ќе инвестира 45 милиони денари што ги обезбеди од сопствениот буџет.

Од Општината истакнуваат дека се работи за рекордна инвестиција со која значително ќе се подобри сообраќајната инфраструктура и ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот.

-По неколку децении вложуваме големи средства со кои веќе се реконструирани улиците „Стив Наумов“, „Раде Кончар“, „Даме Груев“, „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и „Љупчо Сантов“, а на дел од улиците „Крушевска Република“, „Борис Кидрич“ и „Бел Камен“ е поставен нов асфалтен слој. Исто така, реконструирани се две крстосници на улиците „Љупчо Сантов“ и „Моша Пијаде“, како и кругот во Територијалната противпожарна единица – Виница, кој беше во многу лоша состојба, а извршена е поправка и на поголем број ударни дупки, истакна градоначалникот Миле Петков.

Дебар - Во посета на Бигорскиот манастир беше Неговото Преосвештенство Епископ Липљански г. Доситеј, викар на Патријархот српски г. г. Порфириј.

- Во отсуство на Старецот на Обителта, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, со негов благослов, ценетиот архиереј и неговата придружба беа достоинствено пречекани од манастирскиот економ Архимандрит Доситеј и од присутните браќа во Манастирот, информираа од Бигорскиот манастир.

Додаваат дека по свеченото иподохи и многулетието во храмот, драгиот гостин бил примен во големиот синодикон, каде што разговарал со Архимандритот Доситеј за животот во манастирот. 

Исто така, отец Доситеј го запознал со главните содржини на манастирот, вклучувајќи ја Книгохранителницата, каде високиот гостин се запишал во книгата за впечатоци.

Берово - На иницијатива од членовите на Здружение на пчелари на Малешевијата „МЕДЕН ДАБ” од Берово, денеска во двете основни и во средното училиште во Берово, се одбележа Денот на малешевскиот мед- 18 Октомври. 

Во рамки на настанот на учениците им беше поделен меден појадок и проспект за значењето на медот во исхраната и им беа презентирани, начинот на производство на мед и придобивките од оваа здрава намирница.  

- Исто така, учениците имаа можност да се запознаат со важноста на пчелите, за биодиверзитетот и можноста за развој на економијата во локалната заедница, информираа од гимназијата „Ацо Русковски“.

Остани поврзан