• вторник, 26 ноември 2024
МИА Општински пул

25 октомври 2024

Крива Паланка - Државните прваци од женскиот кошаркарски тим во баскет, 3х3 од кривопаланечкото средно општинско училиште "Ѓорче Петров", Крива Паланка под менторство на професорот по спорт и спортски активности, Ведран Белешковски и пингпонгарот Александар Јакимовски учествуваат на Светската Гимназијада во Манама, Бахреин што официјално беше отворена вчера вечер.

-Првпат ученици од нашата гимназија имаат можност да учествуваат и да се натпреваруваат на Светска Гимназијада, која оваа година се одржува во Бахреин и на која учествуваат над 5000 спортисти од 70 држави. Благодарение на нивните извонредни резултати и постигнувања во изминатите години, дел од кошаркарската женска екипа,  Невена Стефановска, Нена Георгиевска, Мила Илијевска и Антонија Тодоровска ќе се натпреваруваат во категорија 3х3 баскет, предводени од професорот Ведран Белешковски. Како државен средношколски првак во пинг-понг, нашиот ученик Александар Јакимовски е исто дел најуспешните спортисти кои оваа година ги бранат боите на нашата држава.Им посакуваме успешен настап на сите наши натпреварувачи кои се гордост на училиштето и се дел од спортистите кои од денес до крајот на месецот ќе учествуваат на ова престижно светско првенство во организација на Интернационалната федерација на училишни спортови, изјави директорката на училиштето СОУ "Ѓорче Петров, Крива Паланка, Елена Ѓорѓиевска.

Струмица - Со изградба на уште еден нов парк кај Детската градинка „Виножито“ на површина од 13 илјади метри квадратни, Општина Струмица ќе спроведува една од мерките против загадувањето на воздухот. Овој проект доби најмногу на синоќешната втора Форумска сесија од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој Општината го спроведува со Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP).

Според заменичката градоначалник Елена Маѓеровска Паликарова, на простор од 28.000 метри квадратни, во близина на градинката „Виножито“ веќе се подига прекрасен парк, а и со изгласувањето на оваа мерка ќе се искористи празниот плац да се урбанизира со нов парк.

-Овој парк кој ќе содржи урбана опрема-клупи, „паметни“ клупи со ПВ панели и приклучоци за полнење на мобилни телефони,  инфраструктура за отпад, паметно осветлување со ЛЕД светилки, пешачка патека, велосипедска патека и делови за рекреација на младите и делови за рекреација на повозрасните граѓани. Се планира на оваа површина да се насадат околу 300 веќе израснати садници, изјави Маѓеровска Паликарова.

Скопје - Поради дефект ф-100 мм на ул. 1/107 во Батинци, денеска од 10:00 часот прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Батинци.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со санација на дефектот. дма

Македонска Каменица, 25 октомври 2024 (МИА) - Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски денеска изврши теренски активности за контрола на тековно одржување и утврдување на засилена динамика за доуредување на постоечките јавни површини во централното градско подрачје на Македонска Каменица. Во придружба на  директорот на Јавното претпријатие Камена Река, Влатко Димитровски, потенцираа дека со овие активности на Јавното претпријатие ќе се создадат поуредени и повеќе привлечни јавни простори за граѓаните и посетителите на Македонска Каменица.

-Планираме изградба на нови јавни простори на повеќе локации во урбаната и приградските средини, развиени согласно потребите и очекувањата на нашите жители. Сакаме да градиме функционални и современи простори, каде преку нови содржини за сите возрасни генерации, ќе ги подобриме условите за живот и ќе ја поттикнеме социјалната интеграција на населението, истакна Атанасовски.

Најави продолжување со активностите за развој на инфраструктурата и уредување на сите јавни површини во градот, со цел Македонска Каменица да биде уште подобро место за живеење на сите граѓани.

Битола - Министерството за култура на Индија во рамки на меѓународна изложба на уметност за деца, а на која учествуваше и Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“, на младите битолчани им додели десет медали.

Престижниот културен настан посветен на детското сликарство беше организиран по повод 77 годишнината од независноста на Индија, а со учеството на нашите членови на тамошната изложба, продолжи континуитетот од 30 години претставување на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“-Битола во таа држава, истакна Славчо Неделковски, претставник на студиото.

-Оваа година од испратените 30 детски ликовни творби на слободна тема од исто толку членови на Детското ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” Битола со високи награди се здобија 10 наши ученици. Со златен медал – прво место во својата возрасна категорија се здобија Леа Стерјев (16) и Андреј Миленковски (12). Со сребрени медали во својата возрасна категорија се здобија Aна Полизовска (15), Матеј Јаневски (11), Јана Талеска (10)  и Давид Атанасовски (8), а Бронзени медали се доделени за нашите ученици Миа Мицевска (14 ), Анастасија Димитријовска (13), Ана Марија Спировска (12) и Томислав Атанасовски (11). Овој огромен успех е потврда на нашата посветеност и мисијата на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола кон промоцијата на своите ликовни таленти како и нашиот град Битола и Македонија, посочи Неделковски и додаде дека со одлука на организаторот упатена е посебна покана за лично доделување Диплома за оддавање почест Елена Хаџи Антоновска, претседателка на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“-Битола да присуствува на отворањето на ликовната изложба во Њу Делхи, Индија.

Остани поврзан