• вторник, 26 ноември 2024
МИА Општински пул

30 октомври 2024 

Скопје - Започна со изградба најголемиот мега парк на територија на општина Гази Баба кои се простира на површина од 10.000 метри квадратни во новата населба Хиподром 2, објави градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски во видео обраќање на социјалните мрежи.

Продолжува, вели градоначалникот Стефковски во објавата на својот фејсбук-профил, грижата кон животната средина, а дополнително со изградбата на паркот, според него, се создава простор на кој граѓаните ќе имаат можност да спортуваат и рекреираат. 

Тој додава дека покрај зелената површина и урбаната опрема во паркот ќе бидат засадени нови садници дрвја, а ќе се изгради и спортски терен за кошарка, како и фитнес зона на отворено.

-Ова не е прв голем парк кој општина Гази Баба го гради. Изминатиот период нови зелени паркови се изградија во Триангла и Ченто, вели градоначалникот.

Штип - Осмоноемвриското признание на Општина Штип годинава ќе биде доделено на 12 граѓани и здруженија. Кирил Панајотов од Општина Штип информира дека признанијата се доделуваат за нивниот придонес за развој на градот во текот на годината. Пилотите, Драган Јовановски и Методка Стојанов кои учествуваа во гасењето на пожарите на планината Серта, но и на сите пожари во земјава се носители на Осмоноемвриското признание.

-Следно е Здружението за социјална инклузија и доживотно образование, НЕЦИ, Стојан Арсов за афирмација на спортот. Носители се и Стојан и Марија Димкови за заштита и афирмација на правата и вредностите на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Иван Костевски за афирмација и постигнувања на меѓународни натпревари, Кирил Кузманов го добива осмоноемвриското признание во сферата на музиката, Виктор Велинов за афирмација на спортски клубови, Мишко Џидров во сферата на високото образование и професор Методи Хаџи-Јанев во неговата сфера во безбедноста. Добитник е и Јасминка Чалева Лазовска за афирмација на градот и Ликовното студиот Колорес, вели Панајотов.

Осмоноемвриската награда се доделува на секои пет години, а признанието секоја година. Признанието се добива за тековни активности во изминатата година. Добитниците признанијата ќе ги добијат на свечена седница на Општина Штип на 8 ноември.

Гостивар - Гостиварската локална самоуправа демантира дека вчера се случил физички напад врз две жени во просториите на општина Гостивар и побараа објективно да се известува за настанот. Нападот се случил во непосредна близина на општинската зграда.

- Општина Гостивар ја демантира веста на порталот „Pa Censurë“ и други портали, дека вчерашниот случај кој беше пријавен дека се случил во општина Гостивар се случил и во зградата. Предметниот случај нема никаква врска со општина Гостивар и бараме од медиумите објективно да известуваат. Во целост ги демантираме написите кои излегоа во јавноста, стои во соопштението на службата за информирање на општина Гостивар.

Оттаму посочуваат дека таков настан имало во делот на зградата во која се сместени подрачни единици и управи на министерствата, кои се во непосредна близина на седиштето на општина Гостивар.

Скопје - Општина Центар додели 33 стипендии на учениците од основните училишта за постигнатите резултати на државните и меѓународни натпревари, со цел да ги поддржи и мотивира за понатамошен напредок во науката, техниката и посебните вештини.
„Го препознаваме талентот кај нашите млади и инвестираме во развивање на нивните способности. Вложувајќи во нивниот потенцијал, вложуваме во прогресот и иднината“ истакна градоначалникот Горан Герасимовски, кој лично им ги врачи стипендиите на учениците на свечената приредба организирана во ООУ „Киро Глигоров“ по повод Денот на општината.

Стипендиите, во износ од 3.000 и 3.500 денари месечно, ќе се исплаќаат до крајот на учебната година.

Скопје - Во населбата Стопански Двор во општина Ѓорче Петров денеска официјално беше означен почетокот на градбата на нова детска градинка која ќе има капацитет за згрижување на над 100 деца, на површина од 415 квадратни метри на приземје и 483 квадратни мерки на прв кат. Проектот е со вредност од 60 милиони денари и е финансиран од Владата.

Објектот ќе се гради по најмодерни стандарди и ќе опфаќа заедничка занимална, повеќенаменски простор, просторија за изолација и просторија за индивидуална работа, гардеробер, кујна, санитарни простории и отворена занимална. Дечињата на возраст од 0 до 2 години ќе бидат сместени во две групи на приземјето на градинката. Првиот кат е предвиден за поголемите дечиња кои дневните програми ќе ги поминуваат во 4 занимални, односно вкупно 6 занимални заедно со јаслите, поделени на два ката.

-Секогаш кога се почнуваат вака убави работи, за мене претставува посебен ден и посебен момент и чест да бидам дел од сето тоа. Овде во општина Ѓорче Петров веќе во неколку наврати во последниве недели отпочнуваме вакви активност, капитални објекти, како што е и оваа детска градинка. Тука нема да се застане, ќе се продолжи во периодот којшто следи, изјави премиерот Христијан Мицкоски по поставувањето на камен-темелникот со кој се означи почетокот на градбата на објектот.

Тој нагласи дека како Влада ќе работат ваквите објекти да станат реалност и во другите делови од државата.

Неготино - Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска посети клубови за младински активизам и дебата во Неготино, во Неделата на медиумска писменост. 

Настанот беше во организација на Младински образовен форум и Американското подвижно катче, а во соработка со регионалното здружение за заштита на природата „Ековита“ од Неготино. 

- Целта е да се запознае со младинскиот активизам  и активностите и дебатите што се водат во ваквите дебатни клубови во државата, појасни Ристо Савески, претседател на Младински образовен форум. 

Како што беше кажано, подвижното катче всушност нуди различни активности и ресурси поврзани со американската култура, што се доближува до младите во земјава. 

Гостивар - Доколку не се исполнат барањата на УПОЗ, решавањето на предметите за експропријација на имоти низ кои поминуваат коридорите 8 и 10 ќе бидат блокирани, ова го најави првиот човек на синдикатот Трпе Деаноски. Протестот кој започна денеска и се однесува сите подрачни единици, велат, е одраз на незадоволство од неисполнетото барање за покачување на додатокот на плата.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски на прес-конференција по средбата со членовите на синдикалната организација напомена дека доколку платите не им се покачат платите ќе стапат во штрајк. Тоа, според него, ќе значи и застој во решавањето на предметите поврзани со експропријацијата на парцели низ кои минуваат, автопатските сообраќајници кои се градат.

Деаноски најави дека протестите кои ќе траат по два часа во текот на денот и нивна цел е да се прифати единствено барање за исплата на додаток на плата во висина од 30% на платата.

Куманово - Општина Старо Нагоричане доби два проекти за изградба на патишта преку владината поддршка за подобрување на инфраструктурата, соопштија денеска надлежните од општината.

-Добивме два проекти кои се однесуваат на изградба на патишта, едниот во маало во село Младо Нагоричане и вториот е пат од Старо Нагоричане до манастирот во Забел, изјави заменик-градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.

Двата проекти значително ќе ја подобрат поврзаноста на селата во руралната општина од северниот дел на земјава.

- Наскоро, општината ќе ги распише тендерите, додава Цветановски.

Едниот од патните правци е во населено место, вториот обезбедува поврзување од село Старо Нагоричане до средновековниот манастир кој многу често е посетуван од домашни и странски туристи.

Кочани, 30 октомври 2024 (МИА) – Со слоганот „Сакаме чист воздух – не сакаме отпад од други општини“ граѓани и екоактивисти од Кочани трет ден го блокираат сообраќајниот пристап за возилата за транспорт на отпадот до комуналната депонија кај селото Бели.

Од надлежните општински и државни органи тие бараат да се спречи исфрлањето и палењето на отпадот на депонијата, на која освен од Кочани се депонира отпад и од соседните општини Виница и Зрновци. Главната причина за протестот и блокадата е загадувањето на воздухот и околината на локалитетот Тупанец, каде што е лоцирана депонијата.

-Нашето единствено прашање е зошто некој дозволува граѓаните да се трујат и да го загрозуваат своето здравје. Сметаме дека има начини да се реши проблемот, со обезбедување на влезот и околината на депонијата за да не им се дозволи на неовластени лица да влегуваат и да го палат отпадот. Ќе останеме на блокадата додека не се најде соодветно решение за сите нас, истакна Моне Ѓорѓиев, учесник на протестот.

Куманово - Наскоро ќе се распишат тендерските постапки за избор на економски оператори за реализација на трите проекти кои ги доби општина Куманово, преку владината поддршка за општините, соопштија денеска надлежните.

-Договорите се завршени, средствата се одобрени за три проекти како што претходно беше информирано, тендерските постапки ги распишува општината, Владата ги финансира, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Инфраструктурно уредување на зоната во Речица, изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа и изградба на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ се трите проекти кои ќе ги спроведе општината преку владиниот повик за развој на општините.

Битола - Пелагонија и Преспа се брендови како географски поими во Македонија и пошироко, и затоа мислам дека врзувањето на производните продукти кои произлегуваат од овој регион со овие именки и географски поими како брендови ќе даде многу повеќе во промоција на самите производи на домашниот и надворешниот пазар, истакна заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

На форумот за унапредување на економскиот и општествениот развој на регионите Пелагонија и Преспа што се одржа во Битола, Ристески посочи дека зголеменото производство овозможува нови инвестиции и работни места.

-Ние можеме да го промовираме и зголемуваме производството на овие производи од регионот со нови инвестиции и нови работни места. На овој начин ние ќе имаме и еден вид згрижување на сите фирми што постојат во регионот и се занимаваат со прехрана и производство на прехранбени производи, но и заеднички настап на пазарите во, и надвор од Македонија. Промоцијата на органски квалитетна, вкусна и здрава храна значи и индиректно помагање на развојот на зелената економија како висок тренд на балканските простори и пошироко, нагласи заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Струмица - Локалниот совет за превенција на денешната седница донесе повеќе заклучоци за надминување на проблемот со узурпирањето на тротоарите во населбата „Карпош“, кои се зафатени од градежни компании и не им овозможуваат на пешаците да се движат по нив. Во однос на аеро загадувањето побарано е Општина Струмица да склучи договор со акредитирана лабараторија која ќе ги испита пријавите од инспекциските служби за степенот на загадувањето што го предизвкуваат граѓаните или правните лица кои користат несоодветен огревен материјал.

Според Ѓорги Аризанов, секретар на Локалниот совет за превенција, на денешната седница е договорено да се засилат контролите од страна на МВР за да не може да се узурпираат тротоарите од страна на градежните компнании кои изведуваат работи во населбата „Карпош“, а една пешачка патека постојано да биде слободна за движење на пешаците, посебно на учениците.

-Ќе зачестат и контролите од општинските инспекциски служби, а комуналното претпријатие да учествува во расчистувањето на сметот во оваа населба, рече Аризанов.

Остани поврзан