МИА Општински пул
- МИА Општински пул

24 март 2025
Кавадарци - Возило се преврте на кружен тек близу социјалната зграда во Кавадарци. Од Секторот за внатрешни работи Велес за МИА индформираа дека полициска увидна екипа е на местото на настанот и се работи за утврдување на околностите поради кои дошло до сообраќајната незгода. Во сообраќајката нема повредени.
Во друга сообраќајка во Кавадарци синоќа околу 23 часот, биле повредени четири лица. Оваа информација утрово ја потврди за МИА, доктор Антоан Паракеов, раководител на Итната медицинска помош во Кавадарци.
- Како итна медицинска помош бевме на лице место веднаш штом го добивме повикот за сообраќајна несреќа, директен судир на две возила на раскрсницата кај Брушански мост во градот. Четирите повредени лица ги пренесовме во Општата болница во Кавадарци, појасни докторот.
Кавадарци - Четири лица биле повредени синоќа околу 23 часот во сообраќајка во Кавадарци, при судир на две возила на крстосницата кај Брушински мост.
Информацијата утрово ја потврди за МИА, доктор Антоан Паракеов, раководител на Итната медицинска помош во Кавадарци.
- Како итна медицинска помош бевме на лице место веднаш штом го добивме повикот за сообраќајна несреќа, директен судир на две возила на крсосницата кај Брушански мост во градот. Четирите повредени лица ги пренесовме во Општата болница во Кавадарци, изјави Паракеов.
Неготино - Општина Неготино обезбеди специјални контејнери за собирање на текстилен отпад, информираше денеска неготинскиот градоначалник Горан Стојанов.
- Со цел за подобрување на условите и напредок во прибирањето и депонирањето на отпадот, Општина Неготино меѓу првите во Македонија презеде активности за справување со посебните текови на отпад, да ја подигне свеста на населението за реупотреба и селекција на отпад и да обезбеди поголема достапност за граѓаните за депонирање на текстилен отпад. За таа цел, Општина Неготино во соработка со компанијата Еко-текс груп од Скопје, обезбеди специјализирани контејнери за собирање на текстилен отпад во кои граѓаните ќе можат се она што не им е потребно од текстил, да го депонираат во овие контејнери кои се доделени на ЈП Комуналец, соопшти Стојанов.
Тој истакна дека поставувањето на контејнерите за текстил е завршено и истите се поставени на пет локации во градот и тоа кај градскиот Музеј, пред Црвен крст, во населбата Саат-кула, пред 11- катницата и кај автобуската постојка на улицата ,,Маршал Тито" кај Вет шоп.
Дебар - Монашкото братство при Свештената бигорска Обител, предводено од Неговото Преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, упати најтопли честитки до г. Јован, новоизбраниот Архиепископ на Албанската автокефална православна црква (ААПЦ), или како што е неговата титула поглавар на Тирана, Драч и на цела Албанија.
-Го молиме Семилостивиот Господ да го укрепи и просветли во неговата возвишена и одговорна пастирска мисија, да му подари духовна сила, мудрост и љубов, за да ја води доверената му света Црква по патеките на Евангелието. Нека неговото архиепископско служење биде благословено и плодоносно, а неговото име запишано меѓу достојните архипастири на Светата Православна Црква. Во духот на братската љубов, се радуваме на неговиот избор и се молиме за него, за неговото стадо и за целата Православна Црква во Албанија. На многаја и благаја лета, стои во честитката.
Неговото Високопреосвештенство Јован (Јоан) Пелуши (68) Синодот на ААПЦ, го избра на 16 месецов. Го наследи архиепископ Анастасиј Јанулатос, кој почина на 25 јануари во болница во Атина а во периодот од 33 години по падот на комунизмот, беше на чело на албанската црква.
Архиепископ Јован, по смртта на г. Анастасиј, беше привремен вршител на оваа должност а претходно 27 години беше митрополит на Корчарската митрополија.
Битола - Хедли фонд за културно наследство во Југоисточна Европа објави повик за непрофитни организации и јавни институции музеи, библиотеки, архиви и галерии, за поддршка на проекти насочени кон зачувување, промоција и одржливо користење на културното наследство.
Покрај македонските, право на аплицирање имаат организации и институции од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Србија и Словенија, изјави за МИА, д-р Ирена Ружин, вработена во НУ Завод и Музеј-Битола.
- Хедли фондот за културно наследство во Југоисточна Европа е посветен на зајакнување на организациите кои работат во областа на културното наследство. Целта е да се обезбеди наследството да остане жив и динамичен дел од заедниците, поттикнувајќи иновации, одржливост и регионална соработка. Во таа смисла, Фондот поддржува регионална соработка, ангажирање на заедницата и одржливо управување со културното наследство, поврзувајќи ги традиционалните знаења и вештини со современите технологии. Финансирањето е наменето за проекти што нудат иновативни пристапи за заштита на наследството и активно ги вклучуваат локалните заедници. Особено се ценат проекти што поттикнуваат регионална соработка и долгорочни подобрувања во секторот на културното наследство, истакна Ружин.
Фондот поддржува мали проекти до 5.000 евра и поголеми иницијативи до 10.000 евра. Вкупниот буџет за овој повик изнесува 66.000 евра, а сите избрани проекти треба да започнат со реализација во 2025 година. Рокот за аплицирање е 9 мај 2025 година.
Скопје - Општина Центар распиша Јавен повик за доделување на поединечни субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди, е-тротинети и дополнителна опрема. Центарци ќе можат да добијат субвенција од 30% од цената на превозното средство, но најмногу до 3.000 денари, како и субвенција за дополнителна опрема (детски седишта и кациги) до 1.000 денари, соопшти Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски, ги повикува жителите на Центар да го искористат овој повик и да изберат алтернативен, еколошки превоз. Тој информира дека повикот е отворен од 24 март 2025 година, а барањата ќе се обработуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.
- Возењето велосипед не е само начин на превоз, туку и здрав животен стил. Со секој поминат километар со велосипед или е-тротинет, придонесуваме за почист воздух, помалку метеж и поздрав живот. Нашата цел е да го поттикнеме користењето на овие превозни средства и да изградиме модерна, одржлива општина. Ги повикувам центарци да аплицираат за субвенција и да придонесеме за помал сообраќаен метеж во централното градско подрачје. Поддржуваме здрави и одржливи транспортни навики, истакнува Герасимовски.
Заинтересираните граѓани треба да поднесат барање со потребна документација: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка во оригинал и истата да ја достават во архивата на Општина Центар, барака бр.6, од 09.00 до 15.00 часот. Правото на субвенција е еднократно.
Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат резултатите од испитувањата направени на 203 примероци земени од 47 мерни места во градот.
-Секторот за санитарна контрола во периодот од 17 до 21 март зема 203 примероци за физичко-хемиска и 203 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 47 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, се вели во денешното соопштение од ЈП „Водовод и канализација“.
Скопје - Без струја утре од 9 до 13 часот ќе бидат корисниците од место викано Бразда во село Зелениково, во општина Зелениково, а од 9 до 16 часот селата Побожје, Бродец, Брест, Танушевци и Малино во општина Чучер Сандево.
Прекините во снабдувањето со електрична енергија ги најави РЦУК-Скопје по известување од ЕВН Македонија.