• вторник, 12 ноември 2024
МИА Општински пул

9 октомври 2024

Куманово - Заврши 27-тиот Меѓународен фестивал „Денови на комедија 2024“ во Куманово. Кумановскиот театар вчера традиционално ја затвори фестивалската програма со премиерата „Како што сакате“ во режија на Срѓан Јаниќиевиќ.

Жирито на МТФ, претседател, Александар Ивановски и членовите Катерина Момева, Петар Андоновски, Ева Камчевска и Стефан Јакимовски за најдобра претстава ја прогласија „Пар – распар“ на Театар комедија, Скопје, наградата за најдобар режисер ја доби Куштрим Бектеши за „Итроштините на Патук“ во изведба на Тетовскиот театар.

Скопје - Поради предизвикан дефект од трето лице на ул Франклин Рузвелт бр 60, денеска без вода ќе останат корисниците на дел од ул Франклин Рузвелт и потегот од Булевар Партизански Одреди до ул Орце Николов.

Како што известуваат од ЈП Водовод и Канализација, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување на интервенцијата.

Охрид - Во Охрид денеска и утре ќе се одржува гастрономско-едукативен настан во организација на Факултетот за туризам и угостителство - Охрид, во соработка со македонската асоцијација на шефови на кујни Гастромак и Општина Охрид.

Овој настан, како што најавија од Факултет за Туризам и Угостителство - Охрид, на локалната гастрономска сцена ги носи познатите имиња од светската и балканската гастрономија како Изток Легат (Словенија), Уве Мишел (Германија), Стево Карапанџа, Драгица Лукин (Хрватска), Дон Давид (Русија), Вуко Митровиќ (Црна Гора), Жељко Невен Бремец (Хрватска), Хамид Хаџиќ (БиХ) и Асан Даутовиќ (Македонија).

Скопје - Како резултат на соработката помеѓу Лаб дизајн маркет и Big SEE од Љубљана, македонските дизајнери и занаетчии кои се застапени во скопскиот маркет викендов групно ќе се претстават на интернационалниот настан „BIG Design Ljubljana 2024“.

Од 10 до 12 октомври улиците во центарот на Љубљана, Словенија, ќе се трансформираат во интерактивен изложбен простор. Како дел од меѓународно познатиот фестивал „BIG Design Љубљана“ ќе бидат прикажани дизајни од еден од најкреaтивните региони во светот - југоисточниот дел од Европа. Значајни имиња во светот на дизајнот ќе дојдат во Словенија за да бидат дел од овој настан кој ја прославува креативноста.

Скопје - По повод државниот празник „11 октомври – Денот на македонското востание“, реномираниот хор „Менада“ од Тетово ќе настапи во ерменската катедрала „Сурп Асдваѕаѕин“ во Бејоглу, Истанбул, како дел од годишната програма на Македонскиот
културен центар, во соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија.

Настанот ќе и понуди на истанбулската публика ретка можност да ја доживее уметноста на овој традиционален македонски ансамбл.

Скопје - Свеченото отворање на годинешното издание на МФФ Киненова, на 15 октомври ќе биде во знакот на македонскиот филм.

-Оваа година повторно сите светла ќе ги впериме во македонската филмска продукција и недвосмислено ќе придонесеме кон афирмација и меѓународна промоција на македонскиот филм. Овогодинешното фестивалско издание на МФФ КИНЕНОВА 2024 ќе биде отворено со првиот македонски долгометражен анимиран филм ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА, на нашиот драг колега и посветен режисер, Гоце Цветановски, вели Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот.

 

Остани поврзан