5 јуни 2024
Скопје - На Светскиот ден на животната средина се одржа заедничка еколошка акција во која учествуваа Општина Кисела Вода, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, градинките и училиштата од овој дел на градот, заедно со тимот на „Не биди ѓубре”, предводен од актерката и екоактивист Ирена Ристиќ.
Од локалната самоуправа информираа дека се чистеа јавните површини низ целата општина, а на повеќе локации беа засадени дрвца и цвеќиња. Настанот беше заокружен со музичка манифестација во паркот „Македонија" каде настапија дечињата двете градинки од Општина Кисела Вода, а присутни беа и нивните родители кои задно со нив чистеа и садеа цвеќиња.
-Денес, кога на глобално ниво се одбележува Денот на животната средина, заедно со оргaнизацијата „Не биди ѓубре” спроведовме заедничка акција за чистење. Наша позиција беше трим патеката, додека на други позиции работеа тимови од администрацијата, градинките и училиштата. Едновремено на повеќе локации беа засадени зимзелени дрвца и цвеќиња, а нашите најмлади oд градинките го одбележаа денот и со приредба во паркот „Македонија”, изјави Ѓорѓиевски.
Куманово - Мотоклубот „Мечки“ Куманово по 16-ти пат го организира „Рок фестивалот“ на спортскиот аредором Аџитепе во Куманово, претстојниот викенд, соопштија денеска организаторите од клубот. Дводневниот фестивал ќе се одржи на 7 и 8 јуни годинава (петок и сабота). Влезот за посетителите е слободен.
-Мотоклубот го организира „Беарс фестивалот“ на познатата локација Аџитепе. Почнуваме во петокот, после 19 часот со музичка програма продолжуваме во сабота од утринските часови со програма наменета не само за моторџиите, напротив за сите посетители од најмали до најстари. Дневната програма годинава е збогатена со интересни содржини, нека остане мало изненадување. Ќе има и хуманитарна активност со здружението „Ајде да шириме љубов“, изјави Игор Тимчевски од мотоклубот.
Во петок ќе настапи прилепскиот бенд „Крос роад блуз бенд“, („Crossroad Blues Band“) како и „Прљави инспектор Блажа и Кљунови“ и кумановскиот бенд „Д Солушн бенд“, (Solution).
Охрид – Светски познатиот уметник од Литванија, Џулијан Рахлин, еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија ќе го отвори годинешното 64. Издание на најголемата и најпрестижна културно-сценска манифестација во земјата – Фестивалот „Охридско лето“.
Како што беше итакнато на денешната прес-конференција на која беа презентирани деталите од фестивалската програма, рахлин претсавува уметник кој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрална интерпретација.
-И оваа година зачекоривме со голема возбуда, но и со стремеж да го зачуваме реномето на најпрестижна културно-сценска манифестација. Предизвикот да се биде домаќин на уште едно незаборавно издание на фестивалот „Охридско лето“ нѐ обврза да понудиме квалитет со кој на сцената по 64 -ти пат ќе одекне магијата на бројните светски музички гласови и творечкиот дух на врвните театарски претстави, истакна директорката на манифестацијата, Наташа Поповиќ.
Кочани – Општина Кочани беше домаќин на првата регионална работилница во рамки на проектот „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион“, чија цел е да се воспостави соработка меѓу клучните локални субјекти кои се одговорни за животната средина.
За реализација на проектот се обезбедени 7,5 милиони евра од фондовите на ЕУ, договорен орган од македонска страна е Министерството за финансии, а главни корисници се Министерството за животна средина и општините од двата плански региона.
-Се работи за продолжување на веќе почнатата поддршка за воспоставување регионален систем за управување со отпадот, во согласност со „Аки комуните“ законодавството на ЕУ. Главна цел е општините да добијат поддршка при воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад, за што веќе ги усвоија документите, а сега треба да почне практичното спроведување на овој план. Клучни активности се подигање на јавната свест, јавноста да се информира за системот, а ќе се ажурираат локалните системи за управување со отпадот затоа што законодавството на национално ниво веќе е ажурирано. Ќе има и конкретни активности за јакнење на капацитетите на општините и на јавните комунални претпријатија, за да им се помогне во воспоставувањето и во функционирањето на заедничкото претпријатие за управување со отпад, коешто веќе е основано и сега треба да стане функционално, истакна Теофанис Лолос, директор на регионалниот проект за управување со отпадот.
Прилеп - Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ вечер, од 20 часот, на матичната сцена ќе ја изведе претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел. Ова е прва соработка на театарот со американскиот режисер Блондел од Калифорнија.
Режисерот Блондел шест недели е присутен и работеше со ансамблот на шекспировиот текст кој се смета за последно дело на славниот драмски автор, а кое ја содржи целата богата сложеност на животот.
-Ако имаме среќа да преживееме доволно долго, преживуваме бури: се вљубуваме, изневеруваме или сме изневерени, вршиме или трпиме насилство, вербано, физичко, емоционално, претрпуваме загуба, се прашуваме што нѐ чека. Бурата го содржи сето ова и уште повеќе. За Шекспир, преку волшебникот Просперо, тајната на животот е да се запамети, а потоа да се прости. Соработката со екипата е прекрасна. Јас работам на свој начин: знам што мислам, сакам да слушнам што мислат актерите за процесот на создавањето на претставата, изјави на прес-конференција режисерот Џон Блондел.
Кавадарци - Еколошка акција беше реализирана денеска во Кавадарци, се чистеше отпад крај Тиквешко Езеро, во делот на село Брушани. Со тоа беше одбележан светскиот ден за заштита на животната средина. Настанот беше во организација на регионалното еколошко друштво „Еко - живот", во соработка со кавадаречката локална самоуправа.
- Освен еко активисти волонтери во нашата организација и претставници на Општината, во овие еколошки активности учествуваа и претставници на невладиниот сектор и членови во невладини организации, средношколци од гимназијата и електро - машинското училиште, основци од основното училиште „Димката Ангелов Габерот", луѓе од јавното комунално претпријатие и од месната заедница. Со ова се грижиме за природата и поттикнуваме на еколошки иницијативи, со цел унапредување на животната средина, рече Роберто Паризов, претседател на „Еко - живот".
Тој нагласи дека станува збор за традиционална еколошка акција, што се организира во соработка со Општината.
Скопје - Отпочна реализацијата на капиталниот проект за изградба на фекална канализација за дел од населено место Кадино, во општина Илинден. Во рамки на проектот ќе се гради примарна мрежа со припадни краци на фекалната канализација за дел од населеното место Кадино во вкупна должина од околу 3500 метри, информираат денеска од Општина Илинден.
Оваа мрежа на фекална канализација преку препумпен уред и потисен цевковод ќе се поврзе со веќе изградената пречистителна станица во н.м. Кадино.
Како што информира градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, фекалната канализација ќе ги опфати домаќинствата кои немаат фекална канализација, се наоѓаат во еден од најниските делови на населеното место и припаѓаат во источниот и јужниот дел од н.м. Кадино.