• петок, 08 ноември 2024
МИА Општински пул

Скопје - Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски синоќа, заедно со својата сопруга и дел од неговиот тим ја организираше традиционалната забава по повод завршувањето на учебната година за учениците со попреченост од основните училишта во Кисела Вода, учениците од ОУРЦ ,,Д-р Златан Сремец” и Здружението на родители на деца со церебрална парализа.

-Ова е втора година по ред, а е забава по повод завршувањето на учебната година за учениците со попреченост од основните училишта во Кисела Вода, учениците од ОУРЦ ,,Д-р Златан Сремец” и Здружението на родители на деца со церебрална парализа.

Македонска Каменица - Здружението ,,Надеж Норе" од Македонска Каменица го одржа завршниот настан од проектот „Младите можат". Проектот има за цел да се даде придонес кон идентификување и решавање на локални проблеми со користење на пристапот заснован на права. 

Тодор Цонев координатор на проектот од специфичните цели од самиот проект ги напомена препознавањето на младинските потреби и предизвици и нивно решавање и како и формирање на младински Совети во Македонска Каменица и Виница.

-Предвидените резултати кои ги поставивме на почетокот на проектот не успеавме да ги исполниме во целост, исполнивме околу 70 посто од нашите предвидени резултати . Во општина Виница дојдовме при крајот, овие денови ќе се отвори Младинска канцеларија на Младинскиот совет со поддршка од општината. За жал во Македонска Каменица стасавме некаде околу 30 посто исполнивме, донесовме статутарна одлука, изменет е статутот и сега чекаме Општината да преземе мерки и да побара од Советот да се донесе една одлука која ќе значи формирање Младински Совет на Македонска Каменица, истакна Цонев.

Скопје - Општина Ѓорче Петров за краток период заврши со реализација на два значајни спортски проекти од кои придобивки ќе имаат сите жители на општината.

Задниот дел од дворот на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ доби сосема нов спортско-урбан лик со изградба на новото фудбалско игралиште со подлога од вештачка трева и со димензии 20х30м. Игралиштето ги исполнува сите услови за рекреација и одржување на школската настава по физичко образование.

Завршено е и мини-фудбалското игралиште кај стадионот во Ѓорче Петров на кое најмногу ми се радуваат најмладите жители. Граѓаните од овој дел на Ѓорче Петров имаа навистина голема потреба од вакви игралишта, бидејќи населбата изобилува со млади.

Скопје - На 21 и 22 јуни, во петок и сабота по повод верскиот празник Задушница, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во градот.

-Имено, од 06.00 часот утре (21.06.2024) и задутре (22.06.2024) сообраќајот кон Градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатуваат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробишта Бутел, а за излез од гробиштата, десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“, информираат од МВР. 

Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во околината на гробишта Камник и Ѓорче Петров.

Струга - Во Основниот суд во Струга денеска почна главната расправа против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за незаконско назначување директори во основните училишта, во селата Подгорци, Лабуништа, Велешта и „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Трите предмети за незаконско поставување директори, каде е инволвиран само Мерко, судијата Јордан Јованов ги спои во еден, додека за училиштето во Велешта ќе се води одвоен предмет, каде покрај злоупотреба на службена должност направено е и кривично дело фалсификување, и обвинети се четири лица. Рочиштето за предметот во Велешта беше одложено.

Скопје - ЈП Комунална хигиена-Скопје во изминатиов период континуирано спроведува  машинско миење на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со употреба на автоцистерни. Овој вид на одржување на хигиената на сообраќајните површини се одвива во доцните ноќни часови, односно во рамките на третата оперативна смена, кога е намалена фреквенцијата на возила и пешаци, информираат од јавното претпријатие. 

Согласно Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на градот Скопје, активностите за машинско миење со автоцистерни, велат од претпријатието, се реализираат седум дена во неделата, исклучиво во летниот период, на булеварите и на улиците што се во надлежност на Градот Скопје.

Струга - Студиото за танц БАХ со годишен концерт во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во вторник ќе одбележи јубилеј 30-години постоење.

На концертот, како што информира Тања Бах, кореограф и идеен творец, ќе настапат сите сто членови на студиото, а ќе гостуваат и танцови студија од Скопје и Куманово.

Публиката ќе има можност да проследи дваесет и пет точки на нашите членови и пет од гостите, а на филмско платно ќе биде прикажан и филм посветен на сите искуства, успеси и предизвици што БАХ ги имаше од своето основање до денеска. Идејата беше годинава пред публиката во Струга да претставиме повеќе стилови и сега кога е се подгтовено, можам слободно да кажам дека ќе изгледа токму како што замисливме, изјави Бах.

Вевчани - Околу 30 уметници од земјава и странство ќе учествуваат на 13. Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања 2024“ што од 22 јуни до 6 јули ќе се одржува во ресторанот „Виа игнација“ во Вевчани.

Ефимија Угриноска Кукоска, организатор на колонијата информира дека и годинава учеството го потврдила разнолика група талентирани уметници од целиот свет. Меѓу уметниците се: Доне Милјаноски, Зоран Јакимоски, Томе Мишев, Синиша Кашавелски, Петар Попчев, Данчо Ордев, Владимир Темков, Трајче Блажевски, Ангел Миов, Фехим Хушковиќ, Глигор Васков, Ване Костуринов, Љупка Василева од Македонија, Далас Атент и Робин Шварцман од САД, Нина Русева од Бугарија, Кристоф Бартник и Барбара Бартник од Полска, Миролјуб Сретеновиќ, Миливоје Штуловиќ, Ивана Живиќ, Даниела Радовиќ Хес, Каќа Ѓорѓевиќ, Ѓорѓе Станиќ, Тодор Јовановски од Србија и Самела Белјази од Албанија.

Штип - Меѓународен шаховски турнир за слепи лица ќе се одржи во Државниот студентски и ученички интернат „Браќа Миладиновци“ во Штип, најави денеска на прес-конференција претседателот на Здружение на слепи лица- Штип, Драги Витанов. На натпреварот ќе учествуваат членови на здруженијата од земјава, но и од Србија и Бугарија.

-Здружението на слепи лица на град Штип работејќи по Програмата за оваа година, во план е од 1 до 4 јули да реализираме шаховски меѓународен турнир во поединечна конкуренција за слепи лица. Меѓународен е турнирот, затоа што на турнирот ќе присуствуваат и слепи лица од Србија и од Бугарија. До сега имаме пријавено 12 шахисти и верувам дека тоа ќе биде конечниот број, бидејќи до 20 Јуни беше времето за пријавување на турнирот и битно е дека турнирот ќе биде многу јак, бидејќи тоа се шахисти во врвот на нивните натпреварувања, вели Витанов.

Остани поврзан