• четврток, 03 октомври 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

   1 октомври 2024

 

Скопје - Од мострите храна земени од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, од испитуваниот примерок - бомбици, најдено е стафилококус ауреус и ентеротоксин, информираше попладнево директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.

- На 27 септември, ИЈЗ доби телефонска дојава од страна на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), за постоење сомнеж за труење во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром. Екипи од ИЈЗ, составени од тим од епидемиолог од Одделот за епидемиологија, лаборант од Одделот за микробиологија, веднаш излегоа на терен и беа земени мостри, четири брисови од работни површини и садови, како и мостри од оброците подготвени и послужени во кујната. Исто така, беа земени примероци од четири вработени во кујната од раце, нос и грло. ИЈЗ работеше и сабота и недела за да можеме да бидеме брзи и да дадеме релевантни резултати, нагласи Андоновска.

По добиените резултати, таа била информирана од страна на микробиолозите, дека од мострите храна, од испитуваниот примерок - бомбици, најдено е стафилококус ауреус и ентеротоксин позитивен, од сите брисови што се земени од површините и од садовите, само на еден сад било најдено зголемен број аеробни меозфилни бактерии што, нагласи Андоновска, укажуваат на нехигиенски услови.

- Брисевите од раце на сите вработени ги задоволуваат хигиенските стандарди. Брисевите од грло и нос на вработените се негативни. По добиените резултати, ИЈЗ ги препрати веднаш овие резултати, согласно законските позитивни процедури, до Министерството за здравство (МЗ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), подвлече Андоновска.

Во петокот, директорот на училиштето, Александар Филипчев, во изјава за медиуми, рече дека од 360 ученици кои се хранат во целодневна настава, околу 140 се со исти или слични симптоми.

- Во раните утрински часови одреден број од наставниците пријавија зголемен број отсутни ученици со исти симптоми. Како училиште веднаш ја затворивме кујната, го спречивме топлиот оброк, дел од учениците од целодневна настава беа испратени дома бидејќи не може да останат долго време без топол оброк. Од 360 ученици кои се хранат во целодневна настава, околу 140 ученици се со исти, слични симптоми, изјави Филипчев.

Подвлече дека случајот е пријавен до сите надлежни институции и дека е извршен вонреден инспекциски надзор.

Ќе постапиме согласно законската регулатива, одговори тој.

Прилеп - Добро е зголемувањето на пензиите, но мора да се спроведат мерки за стабилизација на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување чиј дефицит ќе расте наредните години и ќе се надополнува од централниот буџет, предупредува Димитар Николоски, професор по пазар на трудот при прилепскиот Економски факултет, анализирајќи ги состојбите со зголемувањето на пензиите од 5000 денари.

-Буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување низа години бележи дефицит кој се покрива од централниот буџет.  Дефицитот очекуваме да расте во наредните години, со оглед на предвиденото линерано зголемување на пензиите, овој месец и во март наредната година. Секако дека тоа негативно се одразува и на долгорочната одржливост на приходите на Фондот, бидејќи, на некој начин, се зголемува самиот дефицит и е потребно преземање соодветни мерки со цел тој дефицит, на некој начин, да биде стабилен во идниот временски период, вели Николоски.

Постојат повеќе начини со кои би можело тоа да се превенира. Еден од нив е зголемувањето на границата за пензионирање, бидејќи тоа е една од мерките кон која прибегнаа поголемиот број земји од ЕУ. Но, кај нас, во Македонија, смета Николоски, сѐ уште постојат други неискористени потенцијали со кои може да се интервенира за да се подобри ликвидноста на Пензискиот фонд., а меѓу нив се активацијата на пазарот на трудот со што Македонија е на самото дно и формализирање на неформалната економија.

-Македонија е една од земјите во Европа која има најниска стапка на активност и постои широк простор за примена на таканаречени активациски мерки со кои би се активирал таканаречениот „заспан трудов потенцијал“, пред сѐ, од редот на таканаречените ранливи категории на население. Од друга страна, како земја во развој се соочуваме со релативно висока стапка на неформална економија и зголемувањето на формалната вработеност би можело да дојде преку дополнителни мерки за формализација на неформалните бизниси со што би се проширила основата за прибирање приходи во самиот Фонд за пенсиско и инвалидско осигурување и на тој начин да се зголеми неговата одржливост на еден подолг временски период, анализира Николоски.

Николоски потенцира дека за стабилизирањето на Фондот не се доволни проекциите за 2025 година со 7,5 проценти поголеми плати и 3,2 насто со зголемени вработувања.

-Тоа не е доволно за да се обезбеди една целосна ликвидност на самиот Фонд, така што еден извесен процент од околу 28 насто од приходите се предвидени да се надополнат од централниот буџет, изјави Димитар Николоски, професор на прилепскиот Економски факултет и експерт за пазарот на трудот

Прилеп - Претставници од повеќе здруженија на пензионери од Македонија во Прилеп го изразија задоволството од зголемените пензии за 2 500 денари сега и за уште 2 500 денари со мартовската пензија.

Според Васил Пиндеров од Здружението на пензионери од Валандово, ова е историски момент за пензионерите, особено со оние околу 220 000 од вкупно 330 000 пензионери со примања до 20 000 денари.

- Ова е сон за пензионерите, особено за сите оние со минимални пензии.  Добија по 5000 денари и пригатија и пензионерите со поголеми примања да се приклучат. Навистина е голема помош за стандардот и затоа треба да бидеме заедно за сите барања, изјави Пиндеров од прилепското Здружение на пензионерите.

Верче Јанческа, претседател на Извршниот одбор на пензионерите што протестираа вели дека не случајно се собрани во Прилеп од каде што на трети август лани почнаа нивните протести и барања за линеарно зголемување на пензиите. Смета дека се остварени повеќе цели.

- Успеавме да го смениме законот од процентуално, за линеарно зголемување на пензиите. Рековме дека ќе добиеме и лекови на позитивната листа, листата да ја прошириме и тоа го остваривме, рече Јанческа.

За Делчо Максимоски од Здружението на пензионери од Охрид, битно е што се работи на измени на Законот за пензионери.

-Благодарност до Владата што најде решение за нашите проблеми и она што е најбитно за нас е изработката на новиот Закон за пензионери со што ќе се решат сите суштествени проблеми и прашања на пензионерите, изјави Максимоски.

Инаку, пензионерите пригодно приготвиле и колач за зоглемувањето на пензиите.

Куманово - Кумановските средни училишта формираа паралелки со по 25 ученика, информираа денеска надлежните од секторот за образование. Гимназиите „Гоце Делчев“ и „Сами Фрашери“ годинава запишаа ученици за по една паралелка помалку, додека во средните стручни училишта се запишаа помалку ученици во профили од трет степен.

- Согласно законот, по претходно позитивно мислење од Министерството за образование и наука и изјаснување од Советот на општината може да се формираат паралелки под 25 ученика. Училиштата имаат поднесено барање со уредна документација и имаат добиено позитивно мислење од МОН. Факт е дека имаме помалку ученици, изјави раководителот на секторот за образование, Александар Јовановиќ.

Куманово е најголема општина во државата, но сепак трендот на миграција не го одминува градот. Според податоците на секторот има училишта и паралелки со по 35 ученика, како што е насока за информатика, медицина, графички дизајн. Административната постапка годинава доцни поради согласноста од ресорното мнистерството.

- Намален е бројот на ученици во основните и средните училишта и три фактори се клучни пад на наталитет, општинска миграција и миграцијата кон западноевропски земји која е во тренд последниве години. Нормално е дека ќе има намалување при упис на учениците во средните училишта. Согласно законската регулатива училиштата имаат право да поднесат барање до ресорното министерство за формирање на паралелки под 25 учениците, сепак имаме и со 35 ученика, изјави Јовановиќ.

Значително намален интерес имало за профили од трет степен во средните стручни училишта. Според податоците на секторот во одредени училишта во некои насоки имало само по двајца запишани ученици во првиот уписен рок.

- Има паралелки каде нема интерес, учениците не ги бираат особено паралелките од трет степен. Училиштата уредно си поднесоа барање до МОН кое си даде свое видување ги одобри паралелките и се изгласани на седница на советот. И за прв пат има намалување една паралелка во гимназиите „Гоце Делчев“ и „Сами Фрашери“ по една во стручните „Наце Буѓони“ и во „Перо Наков“, изјави Јовановиќ.

Скопје - По повод Меѓународниот ден на старите лица, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ја посети, Донка Подунавац пензионерка од населбата Пролет и корисничка на проектот „Нега на стари лица во домашни услови“. Герасимовски и го врачил новото решение и поразговарал со неа околу проектот и во кој дел истиот би можел да се надгради.

- Искрено сум многу среќен што слушам од ваша страна многу позитивни коментари за проектот и вклучените во него. Ова ни е дополнителен мотив да бараме начин да го подобриме и надградиме истиот со цел да опфатиме и поголем број на домаќинства на кои им е потребна помош. Морам да напоменам дека досега немаме ниедна поплака што причинува особено задоволство пред се затоа што излегуваме во пресрет на наши баби и дедовци кои се нераскинлив дека од нашите животи. Сакам да напоменам дека проектот има простор за уште 21 корисник и ги повикувам жителите со полни 62 години кои имаат потреба да аплицираат од 1 до 15 во месецот. Верувајте дека станува збор за проект кој е незаменлив за нашите повозрасни сограѓани, потенцирал Герасимовски, соопштија од Општина центар.

Герасимовски информирал дека проектот вклучува 90 корисници жители на општината, а во моментов се пријавени 69 лица кои бесплатно во своите домови ги користат услугите од негувател или физиотерапевт и социјален работник. Притоа Герасимовски истакнал дека заинтересираните жители кои сакаат да станат корисници на проектот не мора лично да доаѓаат во општината за да ги достават документите, туку може општинска екипа да ги посети во домовите, да ги земе документите и пријави во име на жителите.

Инаку, корисници на проектот може да бидат жители на Општина Центар кои се корисници на пензија или на социјална помош и кои немаат повисоки примања од 35 000 денари месечно. Притоа корисник на ова право може да биде само еден член на семејството, освен ако се приложи извештај специјална медицинска состојба за која е потребно вклучување на посебна нега и третман за второ лице. Општина Центар напоменува дека корисник на овој проект не може да биде лице кое користи нега во домашни услови од друг субјект давател на иста услуга како Црвен Крст на Република Северна Македонија или друг субјект.

Штип - Почна новата академска 2024-2025 година за студентите, а се одржа и првиот час за бруцошите на сите факултети и академии при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип.  По тој повод на првиот академски час присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која им посака на студентите и на професорите успешен старт на новата академска година.

-На студентите работа им е да учат, да се посветат на знаењето, да бидат љубопитни, да истражуваат. Но, и да ги почитуваат и слушаат своите професори. Работа на професорите е сто проценти да се посветат на своите студенти, да ги подучуваат, да им помагаат во откривањето на научните вистини, во истражувањето и остварувањето на целите на младите луѓе, кои ќе го посветат сопствениот живот на одредена струка, за која се определиле, вели Јаневска.

Таа посочи дека работа на државата е да ги поддржува и студентите и професорите, со цел да бидат мотивирани и едните и другите преку подобри плати за наставниот кадар, а за студентите преку подобар студентски стандард, стипендии, нови и реновинари студентски домови. Министерката за образование и наука, Јаневска порача дека целта е младите да останат во државата, да студираат на домашните Универзитети и да дадат придонес за сопствената држава.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски изјави дека академската година почнува за околу 1.500 бруцоши, од кои 350 се странски државјани.

-Универзитетот оваа година почнува со некаде околу 1.200 студенти наши државјани и околу 350 странски државјани. Тоа се бројки кои по сите аспекти се задоволителни за нас. Се надевам дека ќе продолжиме да им нудиме високо квалитетно образование и да помагаме во професионалниот развој и во сите други активности, вели Мираковски.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека со зголемување на бројот на студенти на УГД се зајакнува развојот на градот.

-Ќе се зголемува бројот на студенти на УГД и во нашиот град, а со тоа ќе се јакне развојот на нашиот град, но ќе се зголемува и квалитетот на високото образование со што се повеќе млади луѓе, едуцурани полни со знаење, искуство, ќе излезат на пазарот на трудот и да генерираат развој во нашето општество, изјави Јорданов.

 Своето задоволство не го сокрија и студентите на УГД, но и бруцошите кои започнуваат со студирање на овој универзитет. 

Битола - Во програмата на владата за периодот 2024-2028 година, младите и образованието, посебно високото образование се во фокусот на министрите и во тој дел планираме проекти што ќе го подобрат статусот на младите и секако студентите во општеството, истакна заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски.

На првиот академски час на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Јанкуловски најави законски измени со кои на редовните студенти ќе им се овозможи да имаат право на работа без да го изгуват статусот на вонреден студент.

-Планираме да го зголемиме процентот на учеството во апликативната наука од сегашните 0,3 да стигнеме до 1 процент, планираме ослободување од плаќање на персоналниот данок од доход на оние компании кои што ќе вработуваат млади до 29 години, а во наредните четири години планираме да вработиме до 500 најдобри студенти што ќе покажат значајни резултати на јавните универзитети, а се со цел да ги зајакниме административните капацитети на државата. Работиме на законски измени со кои на реовните студенти ќе им овозможиме да имаат право на работа со скратено работно време, а со цел да не го губат статусот на редовно студирање и истовремено да работат со цел да заработуваат. Редовно ќе ги исплаќаме студентските ступендии и средствата за студентски оброк, и постепено ќе го зголемуваме тој износ, нагласи Јанкуловски.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ годинава го зголеми процентот на запишани студенти во прва година, а ќе овозможи и четврт уписен рок, истакна ректорот Игор Неделковски.

-Се надеваме дека и оваа генерација ќе биде извор на многу успешни професионалци во своите професии и столб за равој на регионот и државата. Ние како Универзитет, задоволни сме од интересот за студирање во оваа година бидејќи ја достигнавме за нас таа магична бројка од 1000 нови студенти и споредено со минатата година имаме раст на бројот на запишани студенти. Сепак во наредниве денови ќе има четврт уписен рок во сите универзитетски единици. Порачувам, рече ректорот Неделковски, студентите да бидат посветени и да стекнат вештини што ќе ги применат во својот професионален живот и секако да ја искористат можноста што ја нуди универзитеската асоцијација КОЛОРС во која битолските студенти стануваат дел од 120.000 студенти на КОЛОРС.

Пригодни обраќања на првиот академски час што се одржа на Технички факултет во Битола имаа градоначалникот Тони Коњановски и деканот Митко Костов.

Делчево - Во рамки на проектот ,,Направи разлика", Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип, денеска во Делчево организираше  Младински форум, на кој беа презентирани постигнатите резултати од втората година од реализација на проектот „Направи разлика".

Акцент на денешниот настан, како што истакна Невенка Лонгурова Гинова, директор на фондацијата се стави и на нивната работа, обуките што ги проследија, стекнатите вештини, настаните за прибирање средства и реализираните иницијативи.

-Во рамки на Младинскиот форум во Делчево го споделуваме тоа што го реализиравме минатата година и секако ги слушнавме нивните идеи, за тоа на што да се посветиме следната година. Го презентиравме и новиот повик за учество на Младинска банка, кој концепт иако се вика Младинска банка, не е финансиска институција, туку е еден вид вложување на младите, кои преку учество на обуки ќе ги идентификуваат потреби и проблеми и ќе презентираат решенија, како да се решат преку имплементација во пракса, истакна Лонгурова Гинова.

Проектот „Направи Разлика“ во Делчево се предвидува и активност за „Опремување и осветлување на Градскиот парк во Делчево.

-Во моментот како дел од овој проект имаме поставено неколку клупи во централното градско подрачје, но ќе се постават и на други локации. Исто така како дел од проектот имавме и работилница за здрава храназ со учество на ученици и лица производители на органски здрава храна, додаде Лонгурова Гинова.

 „Младинска галерија", „Турнир во шах и табла" - „Јога час" беа само дел од активностите кои членови на Младинската банка од Делчево ги презентираа пред присутните млади во рамки на денешниот форум.

Проектот е со период на реализација од 22.08.2022 до 20.08.2027 година и со истиот ќе се опфатат сите млади и заинтересирани граѓани кои сакаат активно да се вклучат во креирањето на подобра иднина за идните генерации, со фокус кон создавање услови за ефективно учество во донесување и имплементирање на предлози и одлуки, решавање на најголеми предизвици и проблеми, предлагање на иницијативи и заедничка стратешка работа за нивно успешно решавање и реализирање

Проектот „Направи разлика", финансиски е поддржан преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), а истиот е имплементиран од Фондацијата за развој на локалната заедница Штип, во партнерство со Ротари клуб Штип и Ротари клуб Кочани и Виница. Истиот има за цел да ја подобри средината за развој, предводен од заедницата. 

Куманово - Куманово наскоро ќе добие сувенирница, сместена во една од просториите во занаетчискиот дом, соопштија денеска од регионалната занаетчиската комора. Подготовките за отворањето привршуваат. Занаетчиите, особено старите занаети ќе можат да ги изложат своите ракотворби и да го презентираат градот пред домашните и странските туристи.

- Се надеваме дека активностите ќе завршат пред празникот 11 Октомври. Наскоро ќе може да организираме и занаетчиски саем и ќе ги субвенционираме старите занаети. На овој начин општина Куманово служи за пример-како локалната самоуправа треба да се грижи за старите занаети, да придонесе за нивниот развој, изјави претседателот на ЗКРСМ и на регионалната занаетчиска комора, Агрон Фазлији.

Од ЗКРСМ најавија дека во секој град ќе се отвора по една сувенирница која ќе понуди локални производи карактеристични за секоја општина поединечно.

- Нашите ракотворци ќе имаат можност да се презентираат. Таргетирани се сите ракотворци од Куманово кои подготвуваат автентични продукти за Куманово и ќе го презентираат градот, низ децениите и годините. И во останатите градови ќе се презентира сликата од соодветното подрачен, додека во главниот град ќе има сувенирница која ќе претставува мозаик од цела Македонија, изјави Фазлији.

Занаетчиите го добиле просторот на трајно користење од општината. Занаетчискиот дом, во централното градско подрачје, објект кој е изграден со донации од еснафот и на овој начин се враќа на користење на занаетчиите од градот.

Занаетчиите ќе ја користат просторијата каде беше сместен фризерницата „Боро Менков“. Домот на занаетчиите е изграден по иницијатива на занаетчиите, а пуштен во употреба 1930 година. Објектот е еден од најрепрезентативните, белег на Куманово. Изграден во периодот помеѓу двете светски војни, кога Куманово бил претежно занаетчиски град.

Скопје - Без вода утре од 9:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улица „Македонија“.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради менување на вентил  ¾ на ул. „Македонија“16.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со санација на дефектот.

Кочани – Локалната самоуправа на Зрновци ги продолжува активностите за комунално уредување на јавните површини, што се дел од годишниот план за работа.

Во соработка со комуналното јавно претпријатие „Водна кула” во изминатите неколку денови механизацијата е ангажитана за расчистување на нараснатата вегетација и земјената површина на просторот од градинката „Бисерчиња“ до мултинаменското спортско игралиште во Зрновци.

-Како дел од активностите за изградбата на сообраќајниот пристап и паркинг просторот пред детската установа, во моментот се уредува тротоарската површина во должина од околу стотина метри од десната страна на улицата. Планирано е на овој потег да се направи современо партерно уредување со поставување урбана опрема, како и да се изврши канализирање со помошни канали за наводнување, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Од Општината информираа дека по завршувањето на изградбата на тротоарската површина на улицата „Илинденска“, од влезот во Зрновци до излезот кон Мородвис, во тек се подготвителни работи за санирање на оштетувањата на коловозот што беа направени со градежните активности. 

Станува збор за сечење на постоечкиот асфалтен слој покрај работ на коловозот во должина од околу 1.600 метри, по што ќе следи комплетно асфалтирање на новата, проширена површина од улицата. Реконструкцијата е во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта и ЈП Македонијапат.

Со реализација на проектот „Изградба на тротоар на улица Илинденска", чија вредност е околу 6 милиони денари, значително се зголемува безбедноста на пешаците, а истовремено се уредува главниот сообраќаен влез на општина Зрновци. 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан