• вторник, 12 ноември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

24 септември 2024 

Битола - СВР Битола до Основните јавни обвинителства во Битола, Прилеп, Ресен и Кичево поднесе кривични пријави против осум лица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „предизвикување на општа опасност“ сторени во периодот од 15 јуни до 23 септември.

СВР Битола до ОЈО Битола поднесе кривична пријава против Г.А. (75) од  Битола затоа што на 17.08.2024 запалил оган во просторот помеѓу дворот и градината до неговата куќа во селото Облаково, битолско, со намера да го изгори сметот, со што предизвикал пожар. СВР Битола поднесе кривична пријава и против Л.М. (53) од Битола затоа што на 10.08.2024, додека заварувал со апарат за заварување и сечел со брусалка, не го обезбедил местото и од искра предизвикал пожар на сува трева на гробиштата во село Кременица, битолско.

ОВР Крушево, до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава против В.Ш. (56) од село Пуста Река, крушевско, затоа што во дворот истурила пепелник од шпорет со жар, при што настанал пожар на сува трева, кој зафатил и плевна и борова шума над селото Пуста Река.

Скопје - Општина Илинден со засилено темпо работи на изградба и реконструкција на спортските терени во повеќе населени места. Деновиве беше пуштено во употреба новото детско и кошаркарско игралиште во населено место Бучинци. Во рамки  на детското игралиште поставени детски реквизити, лулашка, лизгалка, клацкалка, клупи, канти за отпадоци за почиста и поубава средина, партерно уреден простор со павер елементи. Дополнително во рамки на детското игралиште изградено е кошаркарско игралиште со бетонска подлога, кош и партерно уреден простор. 

 Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека децата и младите од Бучинци добија ново катче каде можат да го поминуваат слоборното време во игра, забава и спортски дух. 

Новото детско и кошаркарско игралиште претставува континуитет на успешните проекти на општина Илинден, нов уреден простор за рекреација и забава на најмладите во општината. Во наредниот период ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места. 

Кавадарци - Професорот Димитрија Ангелков и пет ученици од Кавадарци произведоа 30 прочистувачи за воздух. 

- Заедно со пет ученици средношколци, под мое менторство, произведени се 30 квалитетни антиполен карбон прочистувачи за воздух, наменети за во училишни  училници. Проектот AERO2 е за задоволување со прочистувачи на потребите на училиште,  преку проект UPSHIFT од здружение на граѓани ЛЕАД. Даваме пример како да имаме побезбедна училишна средина, исто така, пример за да можат тоа да си го направат учениците и во своите домови. Да бидат безбедни, а притоа да немаат големи трошоци за купување прочистувачи од комерцијална продажба. Филтрите што ги користиме во нашите прочистувачи се германски, антиполен и карбон антибактериски, појасни  Ангелков, иноватор кој има добиено бројни признанија и награди за иноваторство. 

Ангелков кој е професор доктор по електротехнички науки, подвлече во изјава за МИА, дека загадувањето на воздухот е сериозен глобален проблем и дека токму поради тоа е многу важно, користењето на вакви апарати.

Крива Паланка - Почнаа градежните активности од проектот „Земја на легендите“ со кој партерно ќе се уреди културно-историскиот локалитет кај училиштето во село Градец, кривопаланечко.

Проектот се реализира во партнерство помеѓу Општина Крива Паланка и Град Лесковац во рамки на ИПА – Програма за прекугранична соработка помеѓу Србија и С.Македонија, во областа на мобилизирање културни и природни ресурси за заеднички развој и одржливи туристички производи и дестинации.

Проектот е вреден околу 200 000 евра, од кои речиси со половина од средствата во Крива Паланка со околу половина од средствата ќе се реализира фаза-1 од проектот, инвестициски активности на локалитет Градец: партерно уредување, поставување урбана опрема, детско игралиште, објекти и тремови во дворот на училиштето, достапни за лицата со попречености, информираат од службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Кавадарци - Започна реконструкцијата на ученичкиот дом ,,Крсте Петков Мисирков’’, информираат попладнево од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Реконструкцијата, како што појаснуваат, опфаќа комплетно реновирање на собите, тоалетите, кујна, ходници и на влезни партии.

Се работи за инвестиција на Општина Кавадарци во висина од 5.500.000 денари, се додава во соопштението, додека изведувач на работите е фирмата ,,Јоска транс" од Битола. 

Скопје - Без вода утре од 9:00  часот ќе бидат дел од корисниците на улиците „Ловќенска“ и „Леринска“.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради водоводен приклучок од ф 100мм на улица „Леринска“ бр.51.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности. 

Скопје - Граѓаните немаат доверба во надлежните институции коишто треба да се справаат со нелегалната сеча на шумата, како и во судовите и обвинителствата, кои се надлежни за санционирање на прекршителите на Законот за шуми, покажа истражувањето на Здружението „Рефорд“ во рамките на проектот „Борба против нелегални шумски активности” што го спроведува ЗГ Рефорд, во соработка со US Forest Service, во периодот од 01.03.2024 година до 10.03.2024 година.

Сашо Петровски од Здружението на граѓани „Рефорд“ при денешната презентација на резултатите од истражувањето посочи било испитано јавното мислење за нелегалните шумски активности кај корисниците на производи од дрво и сопствениците на приватни шуми. Теренската анкета беше спроведена како структурирано интервју со 515 испитаници во осум општини од осум плански региони на Република Северна Македонија. Посочи дека алрмантни се бројките за нелегалната сеча на шумите. Неформалните податоци на ФАО говорат дека годишно на нелегално се сечат околу 500.000 метри кубни дрво, или тоа се дрва наредени во должина од 500 километри, а со висина од еден метар, како од Скопје до Ниш.  

Пехчево - Општина Пехчево во соработка со Општинското основно „Ванчо Китанов“ од Пехчево, Едукативниот центар за зачувување на природата - село Негрево и Мрежата за искуствено учење, денес го одбележа Денот без автомобили - 22 Септември. 

Учениците во придружба на полициски службеници од ПС од општа надлежност Берово и ЈЗУ Здравствен дом „Д-р Иван Георгиев“,  како што изјави Елица Јовевска од Општина Пехчево реализираа повеќе активности, кои се одвиваа на плоштадот ,,Св Петар и Павле" и во централното градско подрачје. 

-Со оглед на тоа што временските услови претходната недела не беа добри, одлучивме денес да го одбележиме овој ден. Учениците од ООУ ,,Ванчо Китанов" возеа велосипеди по булеварот Равен. Потоа на учениците - ученици во акцијата од страна на претставници од Едукативниот центар, Мрежата за искуствено учење и ООУ „Ванчо Китанов“ им беше одржана кратка презентација за заштитата и зачувувањето на природата и зошто во сообраќајот треба повеќе да се користат велосипедите, а не автомобилите, истакна Јовевска.

Кочани – Драстично зголемување на бројот на сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди и смртни последици евидентирало Одделението за внатрешни работи од Кочани во првите шест месеци од оваа година. 

Во споредба со истиот период лани, порастот во просек е двојно повисок, а загрижувачки е фактот што бројот на загинати учесници во сообраќајот на територијата што ја контролира Одделението е за три пати поголем.

- Во извештајниот период од страна на овластените службени лица регистрирани се вкупно 75 сообраќајни незгоди, во кои настрадале 43 лица, односно три се загинати, 16 се здобиле со тешки, а 24 со лесни телесни повреди. Поради загрозување на безбедноста на јавниот сообраќај, во текот на првото полугодие од 2024 година,  поднесени се 12 кривични пријави за сторени исто толку кривични дела, а издадени се 1.844 налози за наплата на глоба, се истакнува во писмениот извештај од Одделението за внатрешни работи.

 

Остани поврзан