• петок, 08 ноември 2024
МИА Општински пул

19 јуни 2024 

Куманово - Кумановскиот театар освои награда за колективно уметничко остварување на 34-тиот Фестивал во Враца, Бугарија, информираа денеска од НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово. На Фестивалот за малите театарски форми во Враца, Театар Куманово освои награда за колективно уметничко остварување за претставата „Драма изгубена во времето“.

-Жирито во состав на истакнати театарски критичари и експерти: Калина Стефанова, Аве Иванова и Владимир Петков одлучи наградата за комплетно уметничко достигнување за претставата да ја додели на Театар Куманово. Жирито ја образложи одлуката со фактот што претставата како целина достигнала одлична комуникација со публиката и совршената драматуршка вклопеност на целокупното дејство, информираа од театар Куманово.

Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, кои се осомничени дека вчера, пред Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза”, осомничените во група ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство врз едно лице, информираат од ЈОРСМ.

Полицијата вчера информираше дека привела десет лица, меѓу кои тројца малолетници, поради физичка пресметка поради нарушени меѓусоседски односи која настанала на подрачјето на Карпош, а потоа продолжила и на Ургентниот центар во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Скопје - Поради најавените горештини, Црвениот крст на град Скопје информира дека подготвил акционен план што опфаќа теренски активности во насока на справување со топлинските бранови.

- Согласно искуствата од претходните години, мобилни екипи составени од лекар или парамедик ќе патролираат низ градот Скопје, ќе се дистрибуира вода, флаери со совети, ќе се мери притисок на граѓани кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи, ќе биде обезбеден и транспорт до најблиската медицинска установа или до домот на лицето, се наведува во соопштението.

За активностите во наредниот период, како што е најавено, ангажирани ќе бидат 20 волонтери од Тимот за одговор при катастрофи, а шест возила ќе патролираат низ градот.

Скопје - Граѓаните кои имаат заостанат долг за собирање и транспортирање комунален отпад кон ЈП Комунална хигиена-Скопје од денеска до 31 јули годинава ќе можат да го платат без пресметана камата за заостанато плаќање. 

-ЈП Комунална хигиена-Скопје ги известува своите корисници- физички лица од домаќинствата (тужени и редовни) коишто имаат заостанат долг за собирање и транспортирање комунален отпад преку заедничката сметка со ЈП Водовод и канализација-Скопје, дека од денеска - 19 јуни 2024 година, заклучно со 31 јули 2024 година, имаат можност истиот да го платат без пресметана камата за задоцнето плаќање. Наплатата на овие заостанати долгови ќе се одвива преку наплатните пунктови на ЈП Водовод и канализација-Скопје, освен тужбата којашто датира од 2007 година, се вели во денешното соопштение од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

Дебар - Во гимназиите „28 ноември" во Дебар и „АТА" во Центар Жупа, како и во останати средни училишта во државава,  утре почнува првото пријавување од првиот уписен рок во прва година.

Во двете образовни установи средното образование имаат можност да го продолжат 340 завршени основци, од нив 272 во Дебар и 68 во Центар Жупа.

Од вкупната бројка, 102 ученика се за  паралелките со настава на македонски наставен јазик, две во Дебар и една паралелка во село Могорче. На албански наставен јазик се 170 ученици, во пет паралелки сите во Дебар, изјави за МИА, Рамадан Имери директор на дебарската гимназија „28 ноември“.

Свети Николе - Земјоделците од Светниколско ја одложија денешната блокада на експресниот пат Штип-Велес кај местото викано „Овче Поле“, поради тоа што немаа вода за наводнување. Драги Павлов за МИА вели дека водата за наводнување од Хидросистемот „Брегалница“ утринава пристигнала до земјоделските површини во селата Мустафино и Ерџелија.

Директорот на Водостопанство „Брегалница“, Благојчо Богатинов во изјава за МИА потврди дека е пуштена водата за наводнување до селата Мустафина и Ерџелија во Општина Свети Николе. Но и понатаму останува проблемот како да се задоволат потребите на земјоделците во Кочанско и Светиниколско, бидејќи во моментов потребно е полнење со вода на нивите под ориз.

Струга - Рачни изработки на лицата со попреченост, корисници на Дневниот центар за лица со посебни потреби ЦФДК- Струга в петок ќе бидат изложени во Паркот на поезијата во рамките на проектот „Креативна инклузија“.

Менаџерот на дневниот центар Бурим Мемети информира дека членовите со помош на нивните едукатори дизајнирале и изработувале разни производи од платно, кои ќе бидат достапни за продажба.

- Вредните раце на нашите корисници со помош и поддршка на нивните едукатори и обучувачот, дизајнираа и изработија платнени ташни, маици, несесерчиња, навлаки за перници и други производи кои ќе бидат достапни за продажба. На овој настан ќе ни дадат поддршка и нашите пријатели, кои се големи поддржувачи на инклузијата и креативноста, вели Мемети.

 

 

Остани поврзан