• четврток, 26 декември 2024
МИА Флеш
12 јули 2021  Скопје – Потребна е натамошна поддршка за домаќинствата и компаниите кои се најмногу погодени од пандемијата додека цврсто да се воспостави самоодржливо закрепнување. Тоа треба да се одвива паралелно со забрзано спроведување на структурните реформи со цел да се изгради отпорна економија и да се поттикнат конкурентноста и инклузивниот раст. Ова е еден од заклучоците донесени  на денеска одржаниот Годишен дијалог за економските политики на претставниците на земјите-членки на ЕУ, Западен Балкан и Турција, Европската комисија и на Европската централна банка, врз основа на Програмите за економски реформи за 2021–2023 година. Дијалогот има за цел да ги подготви Западен Балкан и Турција за идното учество во координирањето на економските политики на ЕУ (т.н. Европски семестар), а заклучоците се состојат од заеднички усвоени препораки со цел да им помогнат на земјите опфатени со проширувањето на ЕУ да го зајакнат економскиот и социјалниот развој.

Скопје – Институциите на ЕУ дадоа висока оцена за остварувањето на Народната банка на заедничките заклучоци од минатогодишната Програма за економски реформи. Истовремено, монетарното олабавување остварено од Народната банка во текот на корона-кризата е оценето како соодветно, соопшти денеска Народната банка.

Во заедничките заклучоци од годинешниот економско-финансискиот дијалог помеѓу ЕУ и земјите кандидатки за членство било истакнато дека во сиот досегашен тек на корона-кризата, финансиската стабилност е зачувана, а истовремено и дека одлуките и мерките на Народната банка придонеле за ублажување на ефектите на кризата врз граѓаните и компаниите.

Скопје – Сведокот Александар Василевски  – Нинџа, според одбраната на обвинетиот Спиро Ристевски, кажувал „Џејмс Бондовски” сценарија.  Адвокатот Гоце Ристевски, во своите завршни зборови во случајот „Организатори на 27 април”, рече дека не може да сфати како обвинителството кое располага со неколку изјави на овој сведокот не може да ја воочи контрадикторноста на овој сведок од исказ до исказ. – Прв исказ кој Нинџа го има дадено пред ОЈО ГОКК е на 14.06.2018 година по неговото пријавување од бегство. Тоа е најсвеж исказ на овој сведок и судско правило дека овој исказ има најголем кредибилитет. На прашање на одбраната зошто во неговинот исказ на 14.06.2018 година има изјавено дека протестите пред ДИК биле организирани од Кирил Божиновски, а на главната расправа пред овој суд изјавува дека протестите пред ДИК се организирани од организациониот секретар Спиро Ристовски и Кирил Божиновски, сведокот одговора дека е сигурен, рече адвокатот Ристевски. Охрид – Министерките за култура на Северна Македонија и на Албанија, Ирена Стефоска и Елва Маргарити, денеска во Охрид во име на националните комисии на УНЕСКО потпишаа заедничка изјава со која двете држави се обврзуваат заеднички да работат на отстранување на сите наследени и тековни предизвици, забрзано спроведување прецизни активности за заштита на Охридскиот Регион како светско природно и културно-историско наследство заштитено од УНЕСКО. – Станува збор за ново поглавје во односите меѓу двете држави во насока на заедничко управување со споделеното културно-историско и природно наследство на Охридскиот Регион, за преземање конкретни чекори за негова заштита… Свесни сме од итноста и одговорноста за потребата од заштитата на прекуграничното и светско наследство, затоа потпишавме заедничка изјава преку која се обврзуваме искрено, конкретно да работиме за да придонесеме за решавање на проблемите. Работиме на механизмите за ублажување на заканите и на начините како правилно да се одговори на утврдените ранливости, рече, меѓу другото, министерката Стефоска. Таа истакна дека се работи на решавање на проблемите напластени со децении, а неделувањето со години наназад, рече, ни се удира од глава на сите. Скопје – По големиот број пријави од граѓани, вчера Државен инспектор за животна средина (ДИЖС) во присуство на раководителот на инспекторатот на Град Скопје изврши детална проверка на погоните во Титан Цементарница Усје, за откривање на причините за емисиите на прашина, кои се случија во изминатиот ден. По проверката беше утврдено дека заради технички проблеми, емисиите настанале во постројката за производство на клинкер, при што се случило истекување на материјал од циклон во текот на интервенција за негово одглавување. Од ДИЖС информираат дека се настанати фугитивни емисии на прашина, што содржат варовник и лапорец, суровини што се користат за производство на клинкер. Скопје – Безрезервната поддршка што Европската Унија и ја дава на Северна Македонија во процесите на развој и интеграција, посветеноста на Владата за понатамошното унапредување на реформските процеси, политиките на дијалог и стратешките цели на државата, биле дел од разговорот за време на средбата на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби со евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир. Груби му ја изразил на амбасадорот Гир определбата на земјава на патот кон интеграцијата и важноста на посредувањето на Европската Унија во надминувањето на спорот со Бугарија, како и му изразил благодарност за досегашната заложба за изнаоѓање решение што ќе биде во интерес на двете страни, стои во соопштението од Кабинетот на Груби. Скопје  – Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 1.749 тестирани, а регистрирани се пет нови случаи со Ковид-19 и тоа три во Тетово и два во Скопје. Регистрирани сe шест оздравени пациенти и тоа од два од Велес и по еден од Скопје, Прилеп, Тетово и Пехчево. Не се регистрирани починати пациенти, соопшти Министерството за здравство. Направени се 1.749 тестови преку: ИЈЗ-27, ЦЈЗ Скопје-0, ЦЈЗ Битола-0, ЦЈЗ Прилеп-0, ЦЈЗ Тетово–0, ЦЈЗ Куманово–11, Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби-0, Судска медицина-0, лабораторија болница Козле-0, УК Пулмологија со алергологија 0, ГОБ 8-ми Септември-0, Институт за микробиологија–1, МАНУ-0, Жан Митрев (Филип Втори)-143, Авицена-75, Биотек-93, Систина-48, лабораторија Лаор-0, Синлаб-52, Ремедика-0, Плодност–0, Генеа–0, Никоб лаб-258, ВФВ Медикал-18, ЈЗУ и ПЗУ (рапид тест) – вкупно 1.028.  Скопје – На покана на Фондацијата Андреас Папандреу во соработка со регионот на Атика и градот Атина, од денеска вицепремиерот за европски прашања  Никола Димитров учествува на меѓународен симпозиум Сими, кој по 23-ти пат се одржува во Грција. Како што соопшти СЕП, на првиот панел на кој учествуваше Димитров, насловен „Што е иднината на Европа без Балканот?“ вицепремиерот Димитров се осврна на актуелните предизвици во пристапниот процес на Северна Македонија и влијанието врз политиката на проширување и кредибилитетот на Европската Унија. Скопје – Бензините од полноќ поскапуваат за 0,5 денари, додека дизелот останува со иста цена, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Согласно одлуката на Регулаторната комисија, се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,28 отсто во однос на Одлуката од 05.07.2021 година. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 денар за литар. Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат и остануваат на исто ниво како што биле утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 05.07.2021 година. Скопје – Стопанската комора препорачува производителите и откупувачите да го почитуваат Законот за тутун и тутунски производи за да се обезбеди оптимален квантитет и квалитет на тутунот и на тој начин да се спречат проблемите што настануваат при откупот, какви што имаше со минатогодишната реколта кога вишоците од 4.000 тони тутун беа откупени по просечна цена од само 48 денари за килограм. – Сите мора да се држиме до правилата и ако постои Закон сите мора да го почитуваат. Мора да постои баланс помеѓу производителите и откупувачите, бидејќи компаниите се ограничени согласно потребите на светскиот пазар и ги обврзуваат одредени законски прописи. Оптимално производство во земјава согласно светската побарувачка е од 20 до 25.000 тони годишно. Се под тие количини, или, пак, над нив ќе биде проблем за откупувачите и производителите, рече Васко Ристовски од Стопанската комора на денешната прес-конференција. Скопје – Собраниската Комисија за финансирање и буџет откако ја заврши расправа за ребалансот на Буџетот за 2021, на денешното заседание започна дебата и гласање за поднесените 222 амандмани, од кои 153 поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Денеска е шестиот ден од десетте планирани за расправа во Комисијата за финансирање за ребалансот на Буџетот за 2021. Собраниската Комисија на самиот почеток од седницата прифати амандман на ребалансот со којшто се бараше дополнители два милиони денари за Комисијата за заштита од дискриминација, што го поднесоа тројца пратеници од владејачкото мнозинство. Не беше прифатен амандман на опозицијата, да се предвидат 300 милиони денари за интервентен фонд за земјоделство.  Љупчо Димовски од СП рече дека дека амандманот се поднесува по осми пат и дека доколку постоеше ваков интервентен фонд немаше да има потреба од ковид мерки за нив. Потсети дека овој интерветен фонд е ветување на власта. Скопје  – Законот за бесправно изградени објекти е во нацрт верзија, веќе се комплетира и деновиве ќе биде доставен до Владата на усвојување. Во оваа правна рамка нема да биде ставен објект кој што е во заштитено подрачје, а аспектот на проширување ќе е за граѓаните со ниски примања, за да не плаќаат давачки кон општините, информираше денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Министерот посочи дека очекува сите засегнати и заинтересирани страни да земат активно учество во разгледување на текстот на Законот, заради тоа што, како што рече, направени се сериозни дополнувања и подобрувања. – Законот за бесправно изградени објекти е во нацрт верзија, веќе се комплетира и и деновиве ќе биде доставен до Владата на усвојување по што ќе оди по редовна постапка. Направивме сериозни дополнувања и подобрувања на квалитетот на Законот после сите опсежни консултации кои ги имавме и со Асоцијација на архитекти и со Комора на овластени инжинери и архитекти, со дел од политичките партии кои што дадоа свои сугестии, изјави Бочварски во одговор на прашање, кој денеска беше во работна посета на Кочани. Скопје – Во поликлиниката во Шуто Оризари каде е отворен нов пункт за вакцинација од изутрината се вакцинирани 40 луѓе. Има интерес, тоа е добро и верувам дека ќе продолжи и натаму. Отворањето на новиот пункт во населбата Шуто Оризари е со цел да се зголеми опфатот со вакцинација. Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче по посетата на пунктот. Тој рече дека денеска почна теренската вакцинација, а возила со мали фрижидерчиња согласно веќе направиот распоред од изутрината ги вакцинираат граѓаните со вакцина на „Синовак“ во оддалечените рурални места, селата итн. и сето тоа е паралелно на процесот на вакцинација кој редовно се одвива во рамки на здравствените домови. Скопје  – Главната расправа за случајот  „Титаник“ која беше закажана за утре се одлага за 24 август, а утре ќе се одржи расправа со завршни зборои за предметот „Тендери“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје. – Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот ја информираме јавноста дека главната расправа за предметот со КОК бр. 7/18 од обвинителството означен како „Титаник“, насрочена за 13.07.2021 година, се одлага со оглед да истовремено е насрочена и расправа по предметот со КОК бр. 64/17 од обвинителството означен како „Тендeри“ по кој постапува истиот судечки совет и за која расправа е предвидено да се започне со давање на завршните зборови. Следната расправа за предметот „Титаник“ е насрочена за 24.08.2021 година во 10:00 часот за што веќе се известени странките во постапката, стои во соопштението од Основен кривичен суд Скопје. Скопје - Од петок ќе почне вакцинација на деца над 12 години со „Фајзер“, чии родители/старатели од денеска до четврток ќе се пријават на веб-страницата vakcinacija.mk. Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека откако ќе се види заинтересираноста со регистрирањето на сајтот, ќе се закажуваат термини за вакцина по распоред, бидејќи една вијала содржи шест дози. – Затоа што вакцината на „Фајзер“ еднаш кога ќе се отвори, мора да се вакцинираат шест лица бидејќи во вијалата има шест дози и ако се јави едно или две деца, голем е ризикот одреден број вијали да се фрлат, а тоа не сакаме да се случи. Родителите ќе може до четврток да ги регистрираат децата и од петок ќе почне апликацијата на вакцините, рече Филипче по посетата на Поликлиниката во Шуто Оризари каде што е отворен нов пункт за вакцинација. Атина – Неопходен е премин во третата фаза од нашата стратегија за вакцинирање, па така, до утре, премиерот ќе ги соопшти одлуките на Владата што се однесуваат на задолжителна вакцинација во конкретни области, како и рамката за работа на затворените делови, рече портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина. Според првичните официјални најави од пред две седмици, од 15 јули ќе биде дозволена работа и во внатрешните делови од угостителските објекти, а сопствениците ќе треба да одлучат дали ќе бидат „чисти“ односно само за вакцинирани или пак „мешани“. Грчките медиуми пишуваат дека поради зголемениот број нови случаи, не е исклучена можноста, да има промени на првичната одлука, па сите затворени простори да бидат „covid free“, односно само за вакцинирани. Софија  – „Има таков народ“ го предлага Николај Василев за премиер. Слави Трифонов денеска објави дека ИТН ќе преземе одговорност за владата и ќе предложи независен кабинет, бидејќи партиите што протестираат немаат мнозинство заедно за да формираат коалициска влада. За вицепремиер и министер за надворешни работи, ИТН го номинира Ради Најденов, дипломат, за заменик премиер и министер за внатрешни работи – Николај Радулов. За министер за финансии предлогот на ИТН е Марија Бојчинова, за министер за економија Љубомир Дацов, за министер за образование Наталија Митева, Красимир Ненов – министер за енергетика, Велислава Петрова – за министер за здравство, за министер за регионален развој и јавни работи – Михаела Лашова, Христо Алексиев – министер за транспорт, информатичка технологија и комуникации, Ивајло Кожухаров – министер за туризам, Пламен Абровски – министер за земјоделство, храна и шумарство, Теодора Генчовска – министер за одбрана, Лилија Иванова – министер за труд, социјална и демографска политика, за министер за култура – Станислава Армутлиева, Петар Илиев – министер за правда, Радостин Василев – министер за млади и спорт, министер без ресор за ромски прашања Антониа Валентинова. Вилнус – Министерката за внатрешни работи на Литванија, Агне Билотаит најави отворање на нов камп за илегални мигранти кои пристинуваат од Белорусија. Претходно, литванските власти ја обвинија Белорусија дека поттикнуваат илегална миграција во Литванија. Според податоците на ливанската Гранична служба годинава 1.676 мигранти од Белорусија илегално влегле во Литванија, од кои 1.057 во јули, а околу половината мигранти се ирачки државјани. Кишињев – Прореформската партија која се залага за приближување на Молдавија кон Европска Унија и борба против корупцијата победи на вчерашните предвремени парламентарни избори. Според Изборната комисија на Молдавија, партијата Акција и солидарност (ПАС) на претседателката Маја Санду освои речиси 53 отсто, додека за Прорускиот блок на социјалистите и комунистите (БЕСЦ) гласаа 27 проценти. На предвремените парламентарни избори што вчера се одржаа само уште една партија го помина цензусот и влезе во Парламентот, што брои 101 пратеник. Пекинг - Кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија соопшти денеска дека објавило предлог тригодишен план за развој на секторот, кој би бил специјализиран за заштита од хакерски напади. Вредноста на секторот може да надмине 250 милијарди јуани (38,6 милијарди долари) до 2023 година, проценува Министерството. Во текот на викендот, Кинеската управа за кибернетички простор предложи регулатива со која се повикуваат сите технолошки компании со над еден милион корисници, а со тоа и огромно количество на податоци, да поминат безбедносни проверки пред да бидат наведени на странските берзи.  

Тагови

Остани поврзан