• четврток, 26 декември 2024
МИА Флеш
26 август 2021  Штип -  Поминаа роковите за забелешки и увид на Предлог-законот за постапување со бесправно изградените објекти. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски вели дека е завршен рокот за постапката за овој закон, кој беше прикачен на ener.gov.mk. -Имаа можност сите граѓани, сите засегнати институции, невладини организации да ги дадат своите дополнителни забелешки на овој закон. Ние, во текот на наредните денови во Министерството за транспорт и врски ќе ги разгледаме сите забелешки темелно и веднаш потоа ќе го доставиме законот до Влада, каде што ќе се дискутира дополнително, а веднаш потоа од Влада ќе биде доставен и до Собранието, изјави Бочварски во одговор на прашање при обиколката на социјалната зграда во Пробиштип. Скопје - Досега бројката за згрижување авганистански цивили е 750 лица, таа бројка флуктуира меѓутоа секогаш е во рамките на можностите коишто Владата ги проценува дека ние можеме привремено да ги згрижиме тие луѓе се додека не се процесуираат нивните документи за нивната конечна дестинација, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.  Првите бројки со коишто комунициравме беа барања од страна на меѓународни организации, наши партнери за привремено згрижување на авганистански цивили, жени, деца, луѓе коишто беа во функција на нашата мисија 20 години во Авганистан, мисија за која што ние се гордееме дека бевме заедно со партнерите во овој период. Како се зголемува бројот на барања групата во рамки на Владата прави проценка во која што се имаат предвид сите аспекти и логистички, и безбедносни и здравствени и сите можни аспекти за коишто имаат надлежност институциите коишто се присутни во таа група и врз основа на тоа ги потврдуваме или не ги потврдуваме барањата, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во МНР со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Прилеп – Околу 60 милиони денари се вложени во активни инвестиции во образовната инфраструктура во Прилеп, нагласи министерката за образование и наука Мила Царовска. Таа  денеска ги посети гимназијата „Мирче Ацев“ каде се реконструира училишната зграда и основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ каде вои тек е изградбата на спортска сала.

Според Царовска, Прилеп е една од општините која се наоѓа на инвестициската агенда на Министерството за образование и наука и тековните инвестиции кои треба да завршат наредниве месеци нема да бидат последни, зашто буџетот наменет за унапредување на образовната инфраструктура постојано расте, а Владата одвојува сé повеќе средства транспарентно и подеднакво се распределуваат на сите општини.

Тетово - Заменикот-министер за здравство Или Хасани деновиве учествува на сите состаноци кои ги има кризниот штаб за Општина Тетово, а на средба со новинарите истакна дека нови дополнителни мерки за градот и регионот не се потребни, сметајќи ги како контрапродуктивни.

Тој ја оценува состојбата како влошена, а неговото присуство и ангажман во Тетово е во насока на уште поголемо зголемување на вакцинираните луѓе. Скопје – Донација од нова компјутерска опрема од 74 компјутери, 52 принтери и 50 скенери што ќе бидат распоредени во Секторите за внатрешни работи и полициските станици, која ќе овозможи поефикасно следење и контрола на малото и лесно оружје во државата, денеска промовираа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан и заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф. Донацијата, чија цел е непречено и поефикасно функционирање на информацискиот систем на МВР, се реализира како дел од проектот „Подобрување на националните пракси за контрола на мало и лесно оружје и градење на отпорни заедници“, кој УНДП го имплементира со финансиска поддршка на Германската амбасада во Скопје.

Тетово - Градоначалничка Теута Арифи бара во тетовскиот регион првите три недели од новата учебна година да бидат онлајн, а потоа учениците да почнат да одат во училиштата. Причината е поради високите бројки на заболени од Ковид, а барањето е испратено до Кризниот штаб на Владата, Министерството за образование и Комисијата за заразни болести, чија одлука се очекува утре.

-Претставници од Клиничка болница велат дека освен што има болни од Ковид лица над 18 години, исто така, веќе има и точки низ регионот каде што има и заболени деца. Така ние веќе го имаме пикот и сметаме дека во овие три недели децата треба да бидат надвор од тие движења и да стопираме можни инфекции. После три недели да се вратат со физичко присуство. Бараме и другите оштини да не поддржат, бројките зборуваат дека тука сме сите, изјави Теута Арифи по денешната средба на општинскиот кризен штаб.

Скопје - Издавањето на новите лични карти се одвива нормално и досега се издадени 13.000 од овие лични документи, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. – Издавањето тече нормално, испечатени се повеќе од 13 илјади досега, се работи, така што ние очекуваме најмногу две недели да трае целиот процес на печатење на оние коишто практично чекаа на одобрување и на печатење, меѓутоа, секако доколку успееме да го забрзаме тој процес и тоа ќе го направиме. Ние сме во постојан ангажман на вработените и според новиот начин на работа, така што ќе направиме се што е можно побрзо да ги добијат и оние лица коишто чекаа на одобрување, меѓутоа секако и редовно да тече издавањето на новите, рече Спасовски на новинарско прашање во врска со надминувањето на проблемот што го имаа околу 40 000 граѓани со истечени лични карти заради блокирањето на новиот Закон за лични карти од страна на Левица со голем број амандмани. Скопје - Без разлика дали наставата ќе биде со физичко присуство или настава на далечина,  Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска соопшти дека нема да ги пуштат своите деца во училиште да учат од новите програми. -Нашите деца нема да учат содржини за кои ние родителите не сме информирани и не сме дале согласност. Нашите деца нема да учат исклучиво и само од дигитални учебници, лаптопи, таблети и телефони, туку од учебници, изјави овластениот претставник  на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ Драгана Спасевска и додаде дека родителите мора да имаат право на избор.

Прилеп – Сите училишта се подготвени за старт на учебната година на 1 септември. Ќе започнеме со физичко присуство и перманентно ќе ја следиме ситуацијата, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска денеска во Прилеп каде изврши увид во реконструктивните зафати во гимназијата „Мирче Ацев“ и изградбата на спортската сала во основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со ставовите на две здруженија од кои едни бараат онлајн настава и право на избор на секој родител, а други настава со физичко присуство, Царовска рече дека ги почитува сите мислења, но дека ќе се спроведе владината одлука за почеток на наставата со физичко присуство.

Скопје – Во 15 наши дипломатско-конзуларни претставништва на Република Северна Македонија ќе бидат поставени базни станици со што ќе се олесни и забрза процесот на издавање патни исправи за нашите исленици. Досега за издавање пасоши на барање од наши државјани кои живеат во странство мобилни екипи од МНР со опрема заминуваа во амбасадите, ги земаа податоците и вршеа фотографирања, потоа се враќаа во земјава каде во МВР ги обработуваа податоците, ги изработуваа пасошите, па повтопрно од МНР ги носеа обработените документи и ги издаваа на апликантите со што времето за издавање на патните документи беше во просек четири до шест месеци. За оваа цел четири пати во годината тимови на МНР патуваа во ДКП-та. Министерот за надворешни работи Бујар Османи на промоцијата  на новите базни станици по ДКП-а на која присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, оцени дека тоа ќе претставува револуција во услугите што ги дава државата кон дијаспората, бидејќи граѓаните нема да мораат да доаѓаат во земјава еднаш во годината туку постојано, секој работен ден за тоа ќе можат да одат во ДКП-ата, а пасошите наместо за неколку месеци ќе ги добиваат за неколку недели. Скопје - Македонските државјани кои ќе се затекнат на граница од 1 септември натаму, а не се вацинирани или немаат ПЦР – тест ќе мора да одат во седумдневна изолација, но властите најавуваат дека би можело повторно да се разгледа оваа мерка. Министерот за здравство денеска најави дека ќе се размисли за тоа дали може вакви тестови да се прават на самата граница при влез во државата. Меѓутоа тоа, како што рече, најмногу зависи од кадарот, бидејќи тие се ангажирани за вакцинацијата на граѓаните. Скопје - Со заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), благодарение на посветеноста на претходните и актуелните генерации лектори и професори, на странските универзитетски центри, творештвото на Блаже Конески се перципира, вреднува и истражува како синоним за македонската култура, е главната констатација на тркалезната маса „Блаже Конески во наставата по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети“, што се одржа виртуелно, во рамките на 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ. На тркалезната маса беше посочено дека преку наставата по македонистиката, странските слависти и македонисти, не само што се запознаваат со творештвото на великанот, туку продолжуваат и со негово истражување, со интерпретации и толкувања на неговата поезија, како и со нови преводи. Беше истакната дека во периодов, како резултат на присуството на делото на Конески во наставата, на странските универзитети се спроведуваат неколку значајни проекти коишто му се посветени токму нему, како истражувачки, така и преведувачки, а веќе се планираат и нови, коишто ќе следат по големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Конески. Скопје - Протоколите за лекување на лицата со Ковид-19 се донесени уште минатата година, а ревидирани се во март годинава, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во врска со забелешките на лекарите дека нема протокол за овој бран на Ковид-19. -Тоа сето е согласно сите препораки за лекување на овие пациенти. Тоа е протокол кој важи на територија на цела држава, во сите болници. Во сите болници ја има целата терапија, скапиот лек „Ремесвир“ кој што го набавивме уште за време на претходниот бран е насекаде дистрибуиран и во сите ковид центри го има. Што значи дека протоколот е унифициран, рече Филипче. Скопје - Пунктот за вакцинација во малата сала во СЦ Борис Трајковски од рано утрото започна со работа. Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат може да го направат тоа без закажан термин. Во останатите поликлиники во Скопје и во сите други пунктови низ државата продолжува да се одвива вакцинација и ревакцинација на граѓаните. -Еден дел од тимот лекари и медицински сестри и волонтери од Црвениот крст од повеќе пунктови во здравствените домови во Скопје од денеска функцинираат и работат тука со цел да се зголеми пристапот до вакцините имајќи го предвид големиот интерес што го има кај граѓаните по воведувањето на новите мерки и препораки, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Атина - Меѓународните прашања од заеднички интерес со акцентот на случувањата во поширокиот регион, Источниот Медитеран, Северна Африка, Балканот, но и Блискиот исток, со фокусот на Авганистан, биле темите за кои разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателот на комитетот за надворешни однос во Сенатот на САД Роберт Менендез, јави дописничката на МИА од Атина. Според информациите од кабинетот на Мицотакис, на средбата било потврдено високото ниво на односите меѓу двете земји, но и можностите за нивно дополнително проширување и продлабочување. Атина - Под слоганите „Здравството штрајкува“; „Не за задолжителната вакцинација“; „Не за отпуштања и принуден одмор“; „Пари за болниците“ грчката Федерација на вработени во државните болници одржаа протест пред Министерството за здравство на Грција и во центарот на Атина за да го изразат нивното незадоволство за задолжителната вакцинација на здравствените работници, јави дописничката на МИА од Атина. Од Федерацијата истакнуваат дека не се против вакцинацијата, туку не се согласуваат со мерката на грчката Влада што од 1 септември стапува во сила за задолжителна вакцинација на здравствените работници, а во спротивно предвиден е принуден, неплатен одмор. Белград -  Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му го предаде на српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, нацрт -законот за заштита на српскиот јазик и кирилицата, што треба да го усвојат собранијата на Република Србија и на Република Српска на Денот на националното единство на 15 септември, јави дописникот на МИА од Белград. Вучиќ објави на Инстаграм дека бил домаќин на Додик и дека со него водел „суштински разговори за иднината на целиот регион“. Брисел - Земјите од Европската унија кои ќе одлучат да користат дополнителна трета доза вакцина против Ковид-19 може да се соочат со правни проблеми, бидејќи Европската регулаторна агенција за лекови (ЕМА) се уште не препорача дополнителна доза на вакцината, соопшти денеска Европската комисија. ЕМА постојано сугерираше дека се потребни повеќе податоци пред да се одобри употребата на зајакнувачката вакцина. Рига - Пограничната служба на Летонија спречи влез на 101 мигрант од Белорусија во изминатите 24 часа, објавија денеска локалните медиуми. – Почнувајќи од 10 август, запревме 645 лица илегално да ја преминат границата, соопшти граничната служба. Министерката за внатрешни работи на Летонија, Марија Голубева изјави дека ситуацијата на границата е тензична. Техеран - Иранскиот претседател Ебрахим Раиси денеска најави  порешителна борба со Ковид-19 и подобрување на економската состојба, во телевизиски говор по првата седница на неговата влада, на која ги осуди состојбите што се „недостојни за Иран“. -Сегашната ситуација во земјата не е достојна за големиот ирански народ и мора да се промени безусловно, рече Раиси, оценувајќи дека „земјата сериозно доцни во некои сектори“. Вашингтон - Портпаролот на талибанците, Забихулах Муџахид за Њујорк тајмс изјави дека повторно ќе биде забранета музика во Авганистан. – Музиката во исламот е забранета, но се надеваме дека ќе можеме да ги убедиме луѓето да не прават такви работи, наместо да вршиме притисок врз нив, истакна Муџахид.

Тагови

Остани поврзан