• петок, 08 ноември 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 27 август 2024 (МИА) - Во Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, во присуство на неговиот татко Ќ.М.(45), бил извршен службен разговор со малолетник од с.Сарај, скопско и со неговиот чичко Б.М.(40) од Сарај. Имено, на 10.08.2024 околу 14.00 часот, Б.М. го снимал својот малолетен внук додека на автопатот Велес – Скопје, од клучка Кадино до клучка Арачиново, без возачка дозвола управува товарно возило „мерцедес“ со полуприколка со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Сарај, по што снимките ги споделил на социјални мрежи. Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата во координација со Секторот за компјутерски криминал, инспектор по малолетници од ЕВР Гази Баба, а по претходна консултација со јавен обвинител за малолетници, ќе преземе мерки според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и тоа: против Б.М. по член 317 став 14, против правното лице по член 317 став 12 и став 13 и против малолетникот по член 225 став 9. За настанот е известен и Центарот за социјални работи. 

На 26.08.2024 во 19.25 часот во Виница, полициски службеници од Полициската станица Виница го лишиле од слобода Г.Н.(49) од Виница. Според пријавеното, околу 17.15 часот во Виница тој им се заканувал на З.Ѓ.(36) и В.С., двајцата од Виница, по што се обидел со остар предмет да го нападне З.Ѓ.. За настанот бил известен јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 26.08.2024 во 17.25 часот, полициски службеници од Полициската станица Свети Николе го лишиле од слобода С.Ѓ.(23) од Свети Николе, постапувајќи по претходна пријава дека околу 14.00 часот физички ја нападнал неговата 32 - годишна вонбрачна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 26.08.2024 во 14.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека во подземна гаража на ул.„Лазар Трповски“ во Скопје настанал пожар во возило комбе „форд транзит“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Скопје, кое не се возело повеќе од две години. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Увид бил извршен. 

На 26.08.2024 во 17.06 часот во СВР Скопје, Р.Ќ.(26) од Скопје пријавил дека од заталкано зрно од огнено оружје бил оштетен таван и под од една соба во неговиот дом на подрачјето на Бит Пазар. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 26.08.2024 во 14.30 часот во СВР Скопје, А.К.(39) пријавила дека на 23.08.2024 околу 20.00 часот во с.Петровец, скопско, по претходно нарушени односи, била физички нападната од М.К., двете од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 26.08.2024 во 07.41 часот во СВР Скопје, Ј.В.(27) пријавила дека на подрачјето на Кисела Вода, по претходна расправија, била физички нападната од И.В.(31), двете од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 26.08.2024 во Полициската станица Кочани било пријавено дека на 25.08.2024 во Кочани, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.С. и З.В.. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 26.08.2024 во 09.41 часот во СВР Скопје било пријавено дека во аптека на подрачјето на општина Аеродром, едно лице со закана кон вработената одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 26.08.2024 во 13.50 часот во Полициската станица Аеродром, М.Н.(41) од Скопје пријавил дека од местото каде престојувале се оддалечиле седум лица на возраст од 25 до 41 година од Непал, кои работеле во приватна фирма во Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата. 

На 26.08.2024 во 10.36 часот во СВР Скопје било пријавено дека во домот на подрачјето на Бит Пазар од членови на семејството била пронајдена почината Љ.Б.(45) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата било дадено на обдукција. 

На 26.08.2024 во Полициската станица Гази Баба, В.Е.(69) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечила неговата ќерка И.Е.(26) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 26.08.2024 во 17.25 часот во ОВР Кичево, М.Б.(57) од Кичево пријавил дека на ул.„Рудничка“ во Кичево бил каснат од куче скитник. 

На 26.08.2024 во 23.10 часот во СВР Битола, С.К.(52) од Австралија, со привремен престој во Битола, пријавил дека на ул.„Филип Втори Македонски” во Битола бил каснат од  куче скитник . 

На 26.08.2024 во 10.05 часот во СВР Тетово, Ц.Н.(79) од тетовско Фалише пријавила дека во селото била касната од куче скитник. 

На 26.08.2024 во 17.35 часот во СВР Тетово, М.Ц.(71) од Тетово пријавил дека на ул. „Фуштанска“ во Тетово бил каснат од куче скитник. 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Г.А.(19) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за девет кривични дела „тешка кражба“ и три кривични дела „кражба“.  Пријавениот, заедно со неговиот малолетен брат, во периодот од 04.05. до 17.08.2024,  со употреба на сила и погодни предмети влегувале во објекти на подрачјето на општините Гевгелија и Богданци и ги извршиле делата.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ш.Л.(22) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 01.08.2024, пријавениот упатувал закани кон неговата мајка и неговиот брат. 

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против И.Б.(65) од Врапчиште, А.Б.(51) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“, „посебни случаи на фалсификување исправи“, „измама“, „употреба на јавна исправа со невистинита содржина“ и „поднесување лажни докази“ и против А.Н.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластувања“ и „несовесно работење во службата“. По пријава од група граѓани - законски наследници на имот на починат сопственик Ф.К. и по преземените мерки е утврдено дека првопријавениот станал незаконски сопственик на имотот. Имено, второпријавениот во јануари 2019 година не извршил застапување на неговиот коминтент Ф.К. и изготвил полномошно помеѓу првопријавениот и Ф.К., кој бил заверен од третопријавениот со негов службен нотарски штембил и печат. Со овие дејствија, второ и третопријавените му овозможиле на првопријавениот документацијата да ја употреби во судска постапка пред Основен суд Гостивар.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против двајца малолетници поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „одземање на моторно возило“. На 06.08.2024 од паркинг просторот во населба Ново Делчево, пријавените одзеле патничко возило „мерцедес“, сопственост на Ф.Ѓ. од с. Разловци. Додека го управувале, го оштетиле возилото, по што го вратиле на истото место. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.И.(32) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“ и Р.К.(51) од с.Гургурница, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. На 18.06.2024, М.Н. од с.Палатица, тетовско, пријавил дека првопријавениот на второпријавениот, му продал земјиште, сопственост на неговите предци, по што второпријавениот на тоа земјиште изградил викенд куќа без да поседува одобрение за градба.

Фото: МИА архива

Остани поврзан