• среда, 18 декември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против С.Н.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 и против 23 други лица од повеќе градови од државата поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање“ по член 261 од Кривичниот законик.

МВР денеска соопшти дека пријавениот С.Н. -  соработник за финансиски прашања во Службата за општи и заеднички работи во Владата,  во периодот од ноември 2021 година до април 2022 година, кој бил ангажиран за изработка на пресметките на плата на вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја злоупотребил својата службена положба на начин што при изработка на пресметките за плата на 23 –те лица, сите вработени како Шумски полициски службеници, во сите обрасци за плата, во графата „празнични часови“ внесувал поголем број на празнични работни часови, иако знаел и имал увид дека лицата немале воопшто или имале значително помал број празнични работни часови. Останатите пријавени лица, иако знаеле дека паричните средства кои им биле незаконски исплаќани за работа на празник се прибавени со сторување на кривично дело, парите ги присвоиле за себе. Исто така, иако биле должни, до министерството не пријавиле поголем месечен прилив, ниту побарале вишокот прилив да биде вратен, односно да биде извршена корекција на примената месечна плата. На тој начин, пријавениот С.Н. им овозможил на другите 23 лица да се стекнат со противправна имотна корист од околу 1.548.040 денари, за кој износ го оштетиле државниот буџет.

На 15.12.2024 на автопатот А1, во близина на село Прдејци, гевгелиско, полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Гевгелија го лишиле од слобода Р.Џ(43) од Струмица. При преглед на патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени марихуана, кокаин и опиум. Лицето било задржано во Полициската станица Гевгелија, за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и по документирање на случајот против Р.Џ. ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 15.12.2024 на магистрален пат А4, клучка Ињево, радовишко, полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Радовиш ги лишиле од слобода С.У.(40), О.А.(20), Р.О.(36) и Ш.Ф.(20), сите од Радовиш. При преглед на С.У. била пронајдена марихуана, а марихуана била пронајдена и при преглед на возилото „форд“ со гевгелиски регистарски ознаки, во кое се превезувале лицата. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок. 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против А.Ш.(60) од струшкото село Велешта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. На катарстарска парцела во државна сопственост во атарот на струшкото село Подгорци, која ја закупил под концесија за одреден временски период, спротивно на Законот за градење и без решение издадено од надлежен државен орган, пријавениот неовластено изградил помошен објект и го засадил земјиштето. По истекот на рокот за важност на концесијата, пријавениот не го вратил во првобитна состојба за што бил должен и продолжил да го користи.  

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Б.М.(40) од струшкото село Горно Татеши поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа куршуми различен калибар.

Во периодот од 13 до 15 декември 2024 година, полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, во водите на Охридското езеро, самостојно и во соработка со Државниот инспекторат за земјоделие, извршија повеќе контроли по Законот за рибарство и аква култура. Притоа, на потегот Пештани - Радожда, припадниците на Езерската полиција, пронајдоа и одзедоа 15 рибарски мрежи во должина од над 200 метри, 50 парчиња уловена разновидна риба во вкупна тежина од околу девет килограми. како и друг риболовен алат и прибор. 

На 15.12.2024 во 00.40 часот во СВР Скопје, С.Б.(55) од с.Волково, скопско пријавил дека на подрачјето на Центар бил физички нападнат од женско лице, која со нејзиното патничко возило го оштетила неговото патничко возило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Денеска (16.12.2024) во 01.00 часот во СВР Скопје, Е.О.(40) од с.Батинци, општина Студеничани, пријавил дека на 15.12.2024 околу 23.00 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 15.12.2024 во 15.58 часот во СВР Скопје, В.Д.(32) од Скопје пријавил дека околу 15.30 часот во угостителски објект на подрачјето на Карпош, по претходно недоразбирање, бил нападнат од едно лице, кое употребило и остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 15.12.2024 во 15.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Благој Давков“ во Скопје има машко лице, најверојатно со психички проблеми, кое тропало по вратите на становите и ги вознемирувало станарите. Веднаш се упатени полициски службеници на местото на настанот, а кога ги видело полициските службеници, лицето се качило на дрво на висина од 15 метри. По одредено време, лицето доброволно се симнало. Утврдено е дека станува збор за Д.Б. и по укажаната помош на лице место од екипа на Итна помош, лицето е пренесено во здравствена установа. 

На 15.12.2024 во 12.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Михаил Цоков“ во Скопје била пронајдена почината Г.Ф.Д.(58) од Велика Британија. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата било предадено на обдукција. Извршен бил увид од увидна кипа на СВР Скопје.  

На 15.12.2024 во 13.00 часот во Полициското одделение Сарај, Н.С.(72) од с.Сарај, скопско пријавила дека од семејниот дом се оддалечила нејзината ќерка М.С.(50). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето. 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.Б.(27) и А.Х.(21), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 29.11.2024 во продажен објект на подрачјето на Центар во Скопје, пријавените со закана од огнено оружје одзеле пари и ваучери.

СВР Штип поднесе кривична пријава против В.Џ.(39) од Пехчево и Е.Џ.(37) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 18.11.2024 на ул.„Ванчо Прќе“ во Штип, пријавените физички го нападнале М.Ј. и му нанеле тешка телесна повреда.

ОВР Крива Паланка поднесе кривична пријава против Б.П.(52), Р.М.(43) и Л.М.Н.(32), тројцата од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 01.08.2024 во угостителски објект во Крива Паланка, поради нерасчистени должничко - доверителски односи, пријавените физички го нападнале С.В. од с.Радибуш. 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.С.(34) од с.Ново Село, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Во с.Ново Село, струмичко, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Е.С.(20) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 20.05.2023 во Кочани, полициски службеници извршиле преглед кај пријавената, при што бил пронајден и одземен кокаин.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен поднесе кривична пријава против Е.А.(51) од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 06.12.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана, семки и дробилка и други предмети. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Н.И.(26) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“. На 12.12.2024, пријавениот упатил закани кон еден и физички нападнал друг полициски службеник кој извршувал службени дејствија. 

СВР Штип поднесе кривична пријава против Ф.Е.К.(21) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 13.04.2024 во Штип, пријавениот со остар предмет се заканил на Д.С.. 

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Гевгелија поднесе кривична пријава против Ќ.А.(18) од Авганистан поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. На 11.12.2024 на локалниот пат с.Богородица – с.Стојаково, полициски службеници го пронашле пријавениот, кој од Република Грција прифатил група од седум мигранти, по што пеш ги пренел во државата. Од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје на пријавениoт му е изречена мерка притвор во траење од осум дена.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ч.Б.(62) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Во текот на април 2024 година, пријавениот изградил објект без да поседува соодветна документација. цр/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан