„Матица македонска“ донира книги за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир
- Издавачката куќа „Матица македонска“ праќа во Измир, Турција, голема донација од книги, свои изданија на македонски јазик, за македонските иселеници Турци што доминантно потекнуваат од историското Горно Врановци - местото на кое пред 82 години е објавен првиот број на првиот македонски дневен весник, „Нова Македонија“.
Скопје, 11 февруари 2026 (МИА) - Издавачката куќа „Матица македонска“ праќа во Измир, Турција, голема донација од книги, свои изданија на македонски јазик, за македонските иселеници Турци што доминантно потекнуваат од историското Горно Врановци - местото на кое пред 82 години е објавен првиот број на првиот македонски дневен весник, „Нова Македонија“.
Акцијата е во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, која „Матица македонска“ ја почна пред неколку дена по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги - 14 Февруари за да го поттикне дарувањето како чин на развивање на љубовта кон книгата и како влог за овозможувањето пристап до книги за децата во светот.
- Во Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир членуваат иселеници кои се отселени во 1957 година и сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, како и нивните потомци - до најмладите генерации родени таму во 21 век. Нивна желба е и новите генерации да го научат и да зборуваат, да читаат и да пишуваат на јазикот на земјата од која потекнуваат - македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Затоа „Матица македонска“ во големата донација од книги вклучи дела од историски значајни македонски автори и современа македонска поезија и проза, но во најголем дел дела од македонската книжевност за деца со цел и децата во Измир со корени од Македонија да го совладаат македонскиот јазик преку убавиот пишан македонски збор. Со оваа донација во Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир ќе може да се оформи посебен библиотечен фонд за деца со дела на македонски јазик - соопшти „Матица македонска“.
Издавачката куќа ги повикува сите институции, општествено одговорните компании во државата и други издавачки куќи, како и поединци, да се вклучат во иницијативата за донација на книги овозможувајќи пристап до книги до сите читатели, особено до младите генерации. хс/дма/
Фото: „Матица македонска“