• петок, 27 декември 2024

Летна програма за мали научници во Градска библиотека Неготино 

Летна програма за мали научници во Градска библиотека Неготино 

Неготино, 14 август 2024 (МИА) - Локалната библиотека „Страшо Пинџур“ Неготино реализира летна детска програма со активности за мали љубители на истражувањето и на природните науки, информираше денеска директорката Катерина Данаилова. 

- Истражувањето на природните феномени и насочување на вниманието на младата популација кон нешто интригантно кое постои околу нас, од набљудување на вселената, до истражување на најмалите микроскопски честички и излегување од виртуелниот свет на интернетот и телефоните, што ги одвојуваат децата од реалноста, е мотивот на оваа програма што успеавме да ја реализираме со ЗГ„Ековита“, кои се исто така големи ентузијасти во делот на воведување на иновации и приближување до младата популација, појасни Данаилова. 

Во изјава за МИА, таа потсети дека во делот на програмата, беа реализирани астрономска работилница со професионални телескопи,  потоа беа  истражувани обновливи извори на енергија со користење на соларни уреди, како соларен готвач, децата приготвуваа чај и палачинки користејќи сончева топлина,  беше реализирана  и работилница со микроскопи и истражување на фосилни алги – диатомеи.  

- Уште еднаш докажавме дека Тиквешјата некогаш била едно огромно езеро. Неминовен беше и едукативниот настан со нутриционист,  учевме за употреба на рефтектометар, уред со кој се мери шеќер во овошјата, а програмата ја заокружуваме со следната еколошка работилница „Од семе до дрво“, при што членовите на библиотеката реално ќе учат  како се размножуваат дрвјата.  Самите ќе пробаат да засадат и  одгледуваат садници од зимзелени дрвја, а напредокот од процесот иако долгорочен, ќе биде набљудуван од страна на библиотеката,  децата ќе праќаат фотографии,  а резултатите секако ќе бидат  и наградени, како стимул и мал влог за приближување кон природата, подвлече Данаилова. 

Таа истакна дека интересот за овие настани кај децата е голем.

- Дел од настаните и ги повторуваме, што претставува вистинско задоволство и мотив како за нас така и за експертите ангажирани од страна на здружението „Ековита“, да продолжиме во оваа насока на неформална едукација, што секако води кон повисока социо-емоционална и општествена цел, додаде Данаилова. свд/мд/

Фото:„Ековита“

Остани поврзан