• четврток, 26 декември 2024

Левица: Супстандардни услови на воздухот во операционите сали поради заостанатата технологија во Клиничкиот центар

Левица: Супстандардни услови на воздухот во операционите сали поради заостанатата технологија во Клиничкиот центар

Скопје, 27 јули 2024 

Блокот на оперативните сали во зградата на хируршките клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се вон употреба од мај, годинава! Неисправност на системот за греење, вентилација и ладење иницијално беше посочена како причина за затворање на операционите сали, но по добивањето на резултатите од испитувањата на германската компанија Dräger, дознаваме дека условите на воздухот во операционите сали кои ги испорачува станицата за компримиран воздух се супстандардни!

Станицата за компримиран воздух е инсталирана во 1992 година, кога постоеле различни уредби од актуелните. Денес квалитетот на воздухот во операционите сали се мониторира според референтните вредности утврдени во Европската фармакопеја (Eu. Pharm. mon. Air, medicinal - 1238) каде добиените вредности од мерењето на германската компанија Dräger отстапуваат од референтните при мерење на содржина на вода (монографијата дозволува содржина на вода до 67ppm V/V од компресираните цилиндри за гас, додека е измерено 245 ppm V/V), а забележано е отстапување и од референтните вредности за маслени пареи (монографијата дозволува максимално 0.01 mg/m³ маслени пареи), а измереното ниво од 0.06 mg/m³ маслени пареи не би било прифатливо за операциони сали според овие стандарди.

Супстандардните услови на воздухот, особено повисоката содржина на вода (245 ppm наспроти дозволените 67 ppm) и повисокото ниво на маслени пареи (0.06 mg/m³ наспроти дозволените 0.01 mg/m³), можат да доведат до зголемен ризик од микробиолошка контаминација. Ова може да резултира со инфекции кај пациентите, особено кај оние со поголеми отворени рани или импланти.

Невозможноста да се одржи стерилноста на операционите сали поради лош квалитет на воздухот може да доведе до сериозни здравствени компликации за пациентите. Операционите сали мора да одржуваат високо ниво на стерилност за да се спречат постоперативни инфекции.

Левица апелира да се земат предвид овие сознанија при истражувањето на инцидентите со постоперативни инфекции јавени кај пациенти оперирани во Клиничкиот Центар и секој вклучен во занемарувањето на технологијата да сноси одговорност!

Бараме од Министерството за здравство со исклучително внимание и итност да ја набави новата станица за компримиран воздух, а квалитетот на воздух кој таа ќе го овозможи да биде во согласност со барањата на Европската фармакопеја, монографијата за медицински воздух, како и ISO 8573-1:2010 Стандардот за квалитет на компримиран воздух.

Покрај тоа, апелираме Државниот санитарен и здравствен инспекторат да провери дали работата на сите хируршки одделенија во државата се во согласност со ISO 13485:2016 Стандардот за медицински уреди: системи за управување со квалитет и ISO 14971- Стандардот за управување со ризик за медицински уреди!

Со почит,

Сектор за медиуми и односи со јавност на ПП Левица

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Левица 

Остани поврзан