• четврток, 26 декември 2024

Левица: Доколку не сака да заврши како СДС, ДПМНЕ да престане да го штити Гаши од одговорност

Левица: Доколку не сака да заврши како СДС, ДПМНЕ да престане да го штити Гаши од одговорност

Скопје, 9 август 2024

Еднаквоста и одговорноста пред законите кои Мицкоски ги ветуваше во предизборната кампања се претворија во фарса кога е во прашање одговорноста пред законите на собранискиот спикер Африм Гаши! Коалициониот партнер на ДПМНЕ, не побара ниту сто дена за да почне со газењето на Уставот, Законите и Деловникот на Собранието во повеќе наврати!

Поради ова Левица е децидна дека Африм Гаши повеќе нема интегритет да ја врши функцијата претседател на Собранието и поднесе интерпелација по основ на седум точки:
Повреда на секуларноста на државата;
Повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП личности;
Повреда на употребата на македонскиот јазик;
Повреда на правилата за употреба на државните инсигнии;
Повреда на начелото на инкомпатибилност на функциите;
Повреда на законските и етичките одредби за антинепотизам;
Повреда на низа деловнички одредби за нормална работа на пратениците!

Најавите и изјавите на ДПМНЕ дека нема да гласаат за Интерпелацијата за спикерот Африм Гаши поднесена од Левица, докажуваат дека наместо промена, народот доби замена, односно продолжување на полтронските политики.

ДПМНЕ наместо да научи и да не ги повторува грешките и понизниот однос на распаднатата СДС кон помалиот коалиционен партнер – тие жестоко и неаргументирано го бранат Гаши во очи на јавноста која е свесна за низата случувања кои се поистоветуваат со башибозлукот на претходната владејачка гарнитура.

Со цел да го спречиме самоволието и безредието и погазувањето на државата кое го воведува новиот собраниски спикер, потсетуваме дека како партија стоиме на располагање и даваме бланко поддршка на пратениците од ДПМНЕ за смена на Претседателот на Собранието и избор на нов човек, од нивната пратеничка група.

Левица го повикува Мицкоски и пратениците на ДПМНЕ да престанат да ги штитат антидржавните и косовски елементи во сопствената коалиција и Влада!

 

 ПП Левица

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан