• среда, 13 ноември 2024

Ковачевски: Со буџетот за 2024 година дополнителни 100 милиони евра за пензии

Ковачевски: Со буџетот за 2024 година дополнителни 100 милиони евра  за пензии

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека со буџетот за 2024 година за пензии предвидени се дополнителни 100 милиони евра повеќе од годинава, со цел понатамошно нивно зголемување согласно методологијата.

Ковачевски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и заменик - министерката за правда, Викторија Аврамовска - Мадиќ, денеска ги посетија градинката „Виножито“ и дневниот центар „ЕДУ Практика“ во Струмица.

На новинарско прашање за антикризните мерки и покачувањето на пензиите, премиерот истакна дека не е начин пред избори на пензионерите да им се ветува еднократно зголемување, туку, како што рече, ова е начинот кога во време на најголема криза се зголемени пензиите за толкав процент. Најави дека во наредната година ќе има поголеми покачувања.

 - Што се однесува до пензиите, оваа Влада покажа како се зголемуваат пензиите на системски начин и уште тогаш кажавме дека ќе донесеме решение, и го донесовме, за двапати годишно зголемување на пензиите согласно растот на просечната плата и согласно растот на трошоците на живот. Заради тоа имаме најголемо зголемување на пензиите во историјата на државата во изминатите година и половина, од 24 отсто. Само за споредба, ние имаме 50 отсто зголемена минимална пензија и 50 отсто зголемена просечна пензија во државата, нагласи Ковачевски.

Тој изјави дека антикризните мерки се во финална фаза на подготовка и со нив се опфатени околу 400 илјади граѓани, меѓу кои се и пензионерите со пониски пензии, и најави дека доколку утре на владина седница се донесат мерките ќе следува прес - конференција на којашто ќе бидат јавно објавени. сан/лв/

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан