• среда, 13 ноември 2024

Ковачевски: Имаме јасна преговарачка рамка, не е кажано дека има нови услови покрај уставните измени

Ковачевски: Имаме јасна преговарачка рамка, не е кажано дека има нови услови покрај уставните измени

Скопје, 19 декември 2023 (МИА) - Имаме јасна преговарачка рамка, не е кажано дека има нови услови покрај уставните измени, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ја изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел  дека услов за продолжување на европскиот пат на државава не се само уставните измени туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола.

- Таа не кажа дека има нови услови. Ние имаме многу јасна преговарачка рамка. Таа рамка има обврски за Европската Унија и за Северна Македонија. Ние, во Брисел, на последниот Самит на Западен Балкан со ЕУ и на последниот Европски совет, имавме најјасен заклучок досега од добивањето на кандидатскиот статус со ЕУ. Во параграфот стоеше, Република Северна Македонија успешно го заврши скрининг процесот, рече премиерот, на новинарско прашање.

Останува, нагласи тој, државата да ја исполни својата обврска за спроведување на амандманите на Уставот и веднаш без одлагање да биде закажана втората меѓувладина конференција. 

- Благодарение на тоа што истите политички партии  што го блокираа влегувањето во НАТО и го блокираат почнувањето преговори со ЕУ скоро две децении, не поддржаа одлука за европска интеграција на државата, ние имавме празен гол, пенал, и заради тоа Република Северна Македонија воопшто не шутираше, во фудбалски жаргон. Сметам дека таков чист параграф во однос на заклучоците на ЕУ никогаш Северна Македонија досега немала, подвлече тој. 

Што се однесува до другите односи што ние го имаме со Република Бугарија, појасни, тие се однесуваат на договорот за добрососедство и тие се на билатерално ниво за кое што постојат и меѓуресорски комисии и експертски комисии што работат. 

-Меѓутоа, преговарачката рамка се однесува на поглавјата, ние го завршивме скринингот исклучително успешно и преговорите се водат по тие поглавја. Погледнете ги заклучоците, таму многу јасно што стои, што Македонија треба да направи, за да веднаш, без никакво одлагање и дополнително закажување, биде свикана втората меѓувладина конференција. Сето друго е дневна политика што никому не оди во прилог, освен на оние што не сакаат да ја видат земјата интегрирана во Европската Унија, истакна Ковачевски,на настан по доделување изводи на досега неевидентирани лица во матичната книга на родените.

Бугарската вицепремиерка Габриел вчера изјави дека Бугарија нема билатерален проблем со Северна Македонија во однос на интергацијата во ЕУ и оти услов за продолжување на европскиот пат на Скопје не се само уставните измени туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола.

- Бугарија нема билатерален проблем со Република Северна Македонија. Бугарија, во име на заедничкиот европски интерес, и кажува на Северна Македонија што значи да се биде членка на Европската Унија. Имаме три меѓусебно поврзани инструменти и многу јасен став на Националното собрание. Условите кон нашата соседна земја не се само уставни измени, туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протоколи, кажала Габриел на состанок на собраниската Комисија за надворешна политика, прашана за европскиот пат на Северна Македонја, пренесе БТА.

Според неа, важно е Софија да види напредок во другите правци доколку има потешкотии со уставните измени. Габриел посочила дека се одржани два технички состаноци во јули во Софија и во октомври во Скопје, на кои е констатирано дека, за жал, нема напредок.свд/лв/

 

 

Остани поврзан