• сабота, 28 декември 2024

Кисинџер: Решението за две држави не е гаранција дека нападите нема да се повторат

Кисинџер: Решението за две држави не е гаранција дека нападите нема да се повторат

Цирих, 31 октомври 2023 (МИА) - Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер денеска изјави дека решението на израелско-палестинскиот конфликт со две држави не е гаранција дека нема да се повтори тоа што се случи во последните недели. Тој додаде дека поддржува мирно решение на ситуацијата на Блискиот Исток, но посочува дека тоа е далеку се додека во конфликтот е вклучена палестинската милитантна група Хамас.

-Јас сум за мирно решение, но ми се чини дека е далеку се додека Хамас е вклучен во конфликтот. Би сакал преговори меѓу арапскиот свет и Израел. Особено по овие настани, не гледам дека директните преговори меѓу Израел и Палестинците се навистина плодни, изјави Кисинџер во интервју за швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“.

Тој додаде дека „формалниот мир“ не гарантира воспоставување на „траен мир“.

-Искуството со Хамас покажува колку е тешко решението со две држави. Во 2005 година, израелскиот премиер Ариел Шарон го направи Појасот Газа квази-независен со цел да ја тестира можноста за такво решение. Сепак, тоа ја направи ситуацијата уште покомплицирана, рече Кисинџер.

Тој истакна дека состојбата во последните две години е многу полоша отколку во 2005 година. Смета дека Западниот Брег треба да биде ставен под контрола на Јордан, наместо да се стреми кон решение со две држави.

- Се надевам дека на крајот ќе има преговори како оние што можев да ги водам на крајот од војната во Јом Кипур. Во тоа време Израел беше посилен во споредба со околните сили. Потребна е поголема американска посветеност денес за да се спречи понатамошен конфликт, рече Кисинџер.

Тој посочи дека најдоброто сценарио за Блискиот Исток би било доколку Египет, Саудиска Арабија и другите арапски држави се подготвени да извршат притисок врз радикалните елементи и да наметнат мирно решение.

-Сепак, се плашам дека настаните од последните неколку недели ќе ги натераат да заземат порадикална позиција. Ова создава ситуација во која САД мора да ја балансираат рамнотежата на силите, изјави Кисинџер.

Зборувајќи за Русија, тој нагласи дека Москва, пред војната во Украина, генерално застанала на страната на Израел во конфликтот со Арапите.

-Кога Русија би интервенирала сега, би имала две опции: да застане на страната на Арапите или да дејствува како посредник, што би било чудно со оглед на војната во Украина, рече тој.

Запрашан дали сегашната криза отвора можност Кина да го нападне Тајван, Кисинџер вели дека тоа е „теоретски можно“. 

- Сепак, мислам дека Кина не е подготвена за таков конфликт. Според мене Кина треба да ги развива односите со САД, но мора да бидеме внимателни ставот на САД да не го оневозможи. САД треба да се помират со Кина, заклучи Кисинџер. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан