• среда, 13 ноември 2024

Кисела Вода го одбележа Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби

Кисела Вода го одбележа Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби

Скопје, 1 декември 2023 (МИА) -„Јас и мојот другар со попреченост“ беше насловена манифестацијата која ја организираше Општина Кисела Вода, во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3 декември.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето излагање ги поздрави присутните од сите здруженија на лицата со попреченост и потсети на големиот број мерки и активности кои Кисела Вода ги презема, интензивно работејќи на рушење на бариерите со кои овие лица се соочуваат.

- Во насока на обезбедување на еднакви можности за сите, во изминатите две години реализиравме серија проекти кои им го олеснуваат секојдневието. Имено, отворивме клуб за социјализација на децата со церебрална парализа во Расадник, чие финансирање е комплетно покриено од мене и мојот кабинет. Овозможивме и функционирање на Дневен центар за окупациска терапија за лица со попреченост над 18 години каде дониравме инвалидски колички. Општина Кисела Вода е првата и единствената општина каде лицата со попреченост заедно со старите лица добиваат бесплатен посебен транспорт за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга. Ова го реализираме заедно со Црвениот Крст, рече Ѓорѓиевски.

Тој информира дека неодамна, заедно со лицата со церебрална парализа бил одржан марш за видливост низ улиците на општината, биле доделени ваучери за физиотерапевтски масажи, вежби и диететски план од општествено одговорната компанија.

- Отворивме и Нега центар за обезбедување на помош во домашни услови за повозрасните и лицата со попреченост. Во Усје ја отворивме првата целосно инклузивна јавна детска градинка во Скопје. Го реконструиравме ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ и сега тоа е целосно инклузивно – со лифтови за деца со посебни потреби, тактилни патеки, пристапни рампи, специјални тоалети, соопшти градоначалникот на Кисела Вода.

Тој истакна дека локалната самоуправа изградила сензорни соби во сите основни училишта на територијата на општината.

- Кисела Вода е првата општина која вработи лице со Даунов синдром и јас и како градоначалник, но и како претседател на ЗЕЛС, упатив апел овој чекор да го следат и сите останати општини, но и институции од централната власт. Воедно, лицата со попреченост се вклучени во сите манифестации и свечености организирани од локалната самоуправа. Летово одржавме и фестивал на инклузија, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека сите овие мерки, се дел од заложбите Кисела Вода да биде целосно инклузивна општина.

Настанот продолжи со музички настапи и работилници од страна на Младински центар за активизам Крик во соработка со Здружението „Леон Кидс Плус“, Здружение на родители на деца и лица со церебрална парализа заедно со Здружението „Златни ангели“ и „Куќа на среќата“, додека учениците од основните училишта од Општина Кисела Вода се претставија со своите раскази и ликовни творби на тема „Јас и мојот другар со попреченост“. ир/цр

 

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан