• среда, 18 декември 2024

ИФФК „Браќа Манаки“ со отворено писмо до Агенцијата за филм, Министерството за култура и туризам и Владата

ИФФК „Браќа Манаки“ со отворено писмо до Агенцијата за филм, Министерството за култура и туризам и Владата

Скопје, 12 декември 2024 (МИА) - Раководството на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ со отворено писмо до Агенцијата за филм, Министерството за култура и туризам и македонската Влада, јавно бара исплата на финансиските средства предвидени за фестивалот.

Од ИФФК „Браќа Манаки“ нагласуваат дека повеќе од два месеца откако заврши јубилејното 45. издание на фестивалот кој се реализирал без ниту еден денар буџет од Агенцијата за филм, единствено на добра волја на сите учесници, соработници и партнери на Фестивалот, се соочува со опомени пред тужби поради неможноста да се исплатат долговите кон соработниците и ангажираните лица.

-Јубилејното 45. издание на Фестивалот со гордост можеме да кажеме беше едно од најуспешните изданија досега. Посетено од врвни имиња, лауреати, оскаровци. Кино салите и работилниците беа исполнети со публика, а придружната програма дополнително го надополни сјајот на Битола. Но, за жал, како резултат на агонијата која ја трпиме овие неколку месеци поради неисплаќање на обврските од страна на Агенцијата за филм, не можеме ниту да се израдуваме на сопствените успеси. Би сакале да истакнеме дека Фестивалот уредно ги има доставено сите претходни извештаи и било каква правна пречка за вакво самоволие апсолутно не постои. До овој момент, Агенцијата за филм веќе цели пет месеци одбива да изврши исплата на Фестивалот, соопштија од ИФФК „Браќа Манаки“.

Тимот на фестивалот потсетува дека по сознанието дека в.д.директорката на Агенцијата за филм е во оставка, бара Министерство за култура и туризам, Владата на РСМ и Управниот одбор на Агенцијата за филм итно да се пристапи кон исплаќање на сретствата планирани за финансирање на фестивали и манифестации за 2024 година.

-Надворешните соработници, иако свесни дека Фестивалот нема никаква вина за неисплаќањето, единствено решение гледаат во опомени и тужби. Ние, ангажираните лица, се соочуваме со притисокот од елементарна егзистенција, бидејќи меѓу нас има и такви кои комплетно живеат од проектите на кои вредно и посветено работат, а се исплаќаат исклучиво од Агенцијата за филм. Голем број од нас, филмски работници, не земаме плата на секој први во месецот, немаме здравствено и пензиско осигурување. Ние и нашите семејства живееме од овие сретства кои пет месеци без никакво писмено образложение и со многу празни ветувања сеуште не ни се исплаќаат, нагласуваат во отворено писмо од тимот на ИФФК „Браќа Манаки“.мт/са/

Фото: ИФФК „Браќа Манаки“

Остани поврзан