Велков за МИА: Изложбата „Темната страна на Римската историја“ е приказ на многу редок археолошки наод кој говори за значањето на Скупи
- Изложбата „Темната страна на Римската историја“ е приказ на една масовна гробница која што е пронајдена во градот Скупи. Станува збор за многу редок археолошки наод, кој говори за значењето на градот Скупи и воопшто на археолошкото богатство на нашата држава. Отворањето на изложбата во центарот на Европа е значаен настан, кој ќе ни помогне во развивањето на соработката со Германија во овој домен, изјави за МИА директорот на Музеј на Град Скопје, Панче Велков.
Франкфурт, 17 декември 2024 (МИА) - Изложбата „Темната страна на Римската историја“ е приказ на една масовна гробница која што е пронајдена во градот Скупи. Станува збор за многу редок археолошки наод, кој говори за значењето на градот Скупи и воопшто на археолошкото богатство на нашата држава. Отворањето на изложбата во центарот на Европа е значаен настан, кој ќе ни помогне во развивањето на соработката со Германија во овој домен, изјави за МИА директорот на Музеј на Град Скопје, Панче Велков.
Како што јави известувачот за МИА од Франкфурт, оваа изложба ќе биде отворена вечер во Археолошкиот музеј во Франкфурт и љубителите на оваа уметност ќе имаат можност да ја посетат следните шест месеци.
Отворањето на нашата изложба во Франкфурт е резултат на соработката меѓу Германскиот археолошки институт и Музејот на Град Скопје, кои неодамна потпишаа и меморандум за соработка.
-Оваа изложба како што кажува и самиот наслов, прикажува една темна страна од римската историја, поточно масовна гробница која што е пронајдена во Скупи. Навистина ова е многу редок археолошки наод, кој што зборува за значењето на градот Скупи и воопшто на археолошкото богатство на Македонија, за кое се уште многу не знаеме, бидејќи се уште немаме можности да ги истражие овие наоди и точно да ја утврдиме приказната и историјата на војници од висок ранг а на кои им биле отсечени главите, појасни Велков.
Како што додава, градот Скупи крие уште многу тајни, кои чекаат да бидат откриени.
Велков за МИА вели дека отворањето на нашата изложба во центарот на Европа, во Германија, претставува значаен настан за нас, кој ќе ни помогне во развивањето на соработката меѓу нашата држава и Германија во овој домен.
- Музејот на Град Скопје подолг временски период се обидува да стапи во контакт со институции кои би биле заинтересирани за македонската археологија, конкретно за Скупи. Конечно, имавме можност да се поврземе и да воспоставиме соработка со Германија, поточно на две нивоа - прво со Археолошкиот музеј во Франкфурт, кој што е градска институција, но и со Германскиот археолошки институт, со кој што почнуваме значајна соработка во областа на заштитата на археолошкото наследство, додаде Велков.бт/лв/
Фото: МИА