• среда, 18 декември 2024

Трио „Џентлмен“ со прв мини концерт во Градско

Трио „Џентлмен“ со прв мини концерт во Градско

Велес, 17 декември 2024 (МИА) - Во рамки на свеченоста по повод Денот на Општина Градско - 16 Декември, синоќа во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Градско прв мини концерт имаше триото „Џентлмен“ од Скопје. Тие ја воодушевија присутната публика со својата оперска изведба на познати македонски евергрини и хитови и староградски македонски песни меѓу кои „Се посврши Сербез Донка“,„Јовано, Јованке“, а завршија со велешката песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“. Изнудија долг и силен аплауз од публиката.

Трио „Џентлмен“ е формирано во 2015 година и е составено од членовите Дејан Стоев тенор, Кристијан Антовски баритон и Јане  Дунимаглоски тенор. Потенцираат дека од реакциите на публиката, силниот и долг аплауз се многу задоволни и од својот прв настап во Општина Градско.

-Песните ги прилагодуваме и аранжираме според нашето трио. Ова е специфично трио составено од акедемски едуцирани оперски басови и сета музика е направена на нашите гласови. Ние ги бираме песните на тој начин да има певливи репертоари, да има долги линии да ги преаранжираме и да одговараат на нашата изведба, појаснува Стоев.

Од триото „Џентлмен“ појаснуваат дека работат со оркестарски матрици направени специјално за нив и настапуват  со придружба на гитара на еден нивни член, како што беше на мини концертот  во Градско. Понекогаш настапуват и со цел оркестар на сцена.

Тие информираат дека учествувале на сите позначајни музички фестивали во земјава, а ова лето имале и настапи во Словенија, каде имале и мини турнеја каде биле одлично прифатени од публиката и како резултат на  тоа се повикани да настапат и следното лето. Информираат дека имаат контакти и за други настапи во други држави и секаде каде ќе бидат повикани да настапат.

Во следната 2025 година тие одбележуваат свој голем јубилеј, 10 години постоење и ексклузивно за МИА најавија свој голем јубилеен концерт на трио „Џентлмен“ во Скопје и уште десетина градови во земјава меѓу кои и во Велес. ад/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан