• петок, 27 декември 2024

Итно средба во Владата и заедничко креирање на измените на Законот за игри на среќа, бараат обложувалниците

Итно средба во Владата и заедничко креирање на измените на Законот за игри на среќа, бараат обложувалниците
Скопје, 8 февруари 2021 (МИА) - Ако ставиме клуч на врата, државата ќе загуби повеќе од 250 милиони евра, предупредија денеска сопствениците на спортските обложувалници. Испровоцирани од предлог-измените на Законот за игри на среќа кои веќе се изготвуваат во Министерството за финансии, а наскоро треба да бидат објавени и на ЕНЕР, обложувалниците побараа итна средба во Владата со цел креирање ново, поинакво и, како што рекоа, издржано решение, согласно европските стандарди, во насока на развој на компаниите, заштита на граѓаните и целосно регулирање на пазарот. Покачување на даноците и оддалечување на деловните објекти 500 метри од училишта и високообразовни институции, се само некои од измените што предизвикаа револт кај сопствениците на обложувалниците. Тоа, според нив, ќе значи целосно затворање на индустријата, но и згаснување на илјадници работни места, како и огромни загуби за државниот буџет. Измените на Законот, реагираат, се неевропски и со нив директно се загрозува егзистенцијата на речиси 8.000 семејства. Вкупно 8.000 лица преку ноќ ќе останат без работа, а негативни последици ќе бидат предизвикани и врз повеќе од 50.000 работни места во други стопански гранки, кои индиректно зависат од оваа индустрија. Дополнително, сметаат спортските обложувалници, носењето на овој закон значи ризик за отворање целосно илегален пазар на игри на среќа и „диви“ обложувалници. - Растојанието од 500 метри оддалеченост на нашите деловни објекти од училишта и високообразовни институции, според анализите кои ги направивме, значи затворање на 98 отсто од уплатно-исплатните места, односно гасење на цела индустриска гранка. Ова не е европски закон. Ниту една европска земја не ја ни разгледува можноста за забрани, туку работи на квалитетно регулирање на игрите на среќа. Ниту еден европски закон не предвидува одалеченост на објеките, бидејќи тоа нема никаков ефект врз навиките. Ние сме подготвени да прифатиме кој било од  законите во земјите членки на ЕУ, но ваков закон кој е нелогичен, неефикасен и има за цел затворање на индустријата нема да прифатиме, истакна на прес-конференција претставникот на Групацијата за спортски обложувалници при Стопанската комора на Македонија, Васко Илијевски. Тој додаде дека густата населеност во поголемите градови и близината на училиштата меѓу себе не остава простор за ниту еден објект за игри на среќа во урбаните средини. Ова е особено изразено во помалите градови кои се состојат од една главна улица и неколку споредни. -Во земјава, индустријата на игрите на среќа плаќа највисоки даноци во Европа. Зголемувањето на ионака највисоките даноци во Европа кои и сега ги плаќаме, со цел, како што се наведува, зголемување на средства во буџетот, воопшто не кореспондира со предлогот за оддалеченоста. Предлозите се сами по себе нелогични и контрадикторни. Зошто се покачуваат даноци ако практично планот е да се затвораат објектите? Кој ќе биде економскиот ефект од тоа и зошто без издржана економска анализа се пласираат вакви идеи и предлози, рече Илијевски, додавајќи дека е нејасно дали Владата со ваквото законско решение сака да направи целосно нерегулиран пазар. Групацијата бара да биде активно вклучена во изготвувањето на законските измени. Потсетува и дека во  изминатиот период постојано доставувала предлози за унапредување на сите аспекти од работењето на оваа индустријата, во интерес на сите чинители. Предлозите биле во делот на покачување на приходите на државата од игрите на среќа преку ефикасни европски модели на оданочување, поголема безбедност за играчите, повисоки казни за прекршување на законските одредби, поддршка на професионални организации и поединци, како и на развој на програми за едукација и превенција за одговорно приредување на игрите на среќа по примерот на земјите од ЕУ. -Бараме веднаш прием во Владата за да ги образложиме нашите предлози за закон по европски терк кој ќе гарантира безбедност на сите учесници во играта, поволна и фер бизнис клима и силен социо-економски придонес во земјата. Бараме стопирање на целиот процес на носење предлог-закон и вклучување на сите засегнати страни во подготовка на нов предлог-закон по европски терк, како и транспаренна дискусија што и доликува на земја со европски аспирации, рече Илијевски. мч/дма/  

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан