• сабота, 23 ноември 2024

Илјадници луѓе демонстрираа во Техеран против Израел за време на погребот на иранските војници убиени во израелските напади во Сирија

Илјадници луѓе демонстрираа во Техеран против Израел за време на погребот на иранските војници убиени во израелските напади во Сирија

Техеран, 5 април 2024 (МИА) - Илјадници Иранци демонстрираа денеска во главниот град Техеран против Израел за време на погребната церемонија на војниците од елитниот Корпус на Исламската револуционерна гарда убиени во израелските напади во Сирија оваа недела, јави ДПА.

Двајца генерали и пет членови на корпусот беа убиени во понеделникот во нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск.

Иран за нападот го обвини Израел, кој досега не го коментираше случајот. Сепак, многумина очекуваат иранската армија да возврати, забележува ДПА.

Шефот на елитниот корпус, генерал Хосеин Салами, рече дека „нема да има закана што ќе остане неодговорена“.

-Падот (на ционистичкиот режим) е многу можен и блиску до милоста на Алах“, рече тој, додавајќи дека САД веќе се „многу омразени од светот, особено во муслиманските земји“. Според него, постоењето на Израел во моментов зависи од поддршката на САД.

Денешните протести беа придружени со повици за одмазда и се одржаа на Денот на Ал Кудс (Денот на Ерусалим), кој традиционално собира стотици илјади поддржувачи на владејачките свештеници во Иран. Воведени во 1979 година од страна на тогашниот револуционерен водач на Иран, ајатолахот Хомеини, државно организираните настани секогаш се случуваат во последниот петок од светиот месец Рамазан.

Иран, кој долго време повикува на уништување на Израел, е особено лут од воената операција на Израел во Појасот Газа. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, од своја страна, го дефинираше Иран како најголем непријател на неговата земја, резимира ДПА. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан