• среда, 25 декември 2024

Гласачките места за локалните избори во Подгорица и Котор затворени, излезноста 56 отсто

Гласачките места за локалните избори во Подгорица и Котор затворени, излезноста 56 отсто

Подгорица, 29 септември 2024 (МИА) - Избирачките места за локалните избори во Подгорица, кои сочинуваат една третина од гласачкото тело во Црна Гора, се затворени.

Центарот за демократска транзиција ЦДТ објави дека, според нивните податоци, конечната излезност во Подгорица била 56,34 отсто.

Директорот на таа невладина организација Драган Копривица истакна дека се работи за податоци од 208 од вкупно 212 избирачки места, а недостигаат и податоци од институции каде се спроведуваат кривични санкции.

ЦДТ потсетува дека на локалните избори во 2022 година гласале 69,36 отсто од гласачите, дека излезноста во 2018 година била 64,43 отсто, а на парламентарните избори во 2023 година вкупната излезност била 58,68 отсто.

Покрај во Подгорица, локални избори денеска се одржуваат и во Котор, каде гласачките места исто така се навреме затворени. Општинската изборна комисија соопшти дека до затворањето на избирачките места гласале околу 55 отсто од гласачите.

Изборниот ден во Подгорица и Котор каде се одржуваат вонредните локални избори помина без безбедносни проблеми, соопштија од Управата на полицијата.

Аналитичарите посочуваат дека не се работи само за локални избори, туку дека изборите во Подгорица ќе се одразат и на статусот на владата и парламентарното мнозинство на ниво на Црна Гора, особено по годинашната реконструкција, кога во владата влезе прорускиот Демократски фронт (ДФ ) и партијата на националните Бошњаци, Бошњачката партија, која беше традиционален сојузник на Демократската партија на социјалистите (ДПС).

Ова се втори избори во Подгорица во последните две години, откако Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ ја загуби власта во главниот град по четвртина век владеење. паг/

Фото: МИА архива

 


 
 

 

Остани поврзан