Израел ја поддржува американската двонеделна суспензија на нападите врз Иран, но Либан е исклучен од примирјето
- Израелскиот премиер го поддржува потегот на САД под услов Техеран веднаш да ја отвори Ормуската Теснина и да ги запре нападите врз САД, Израел и земјите во регионот, се наведува во соопштението, пренесено од британските медиуми.
Ерусалим, 8 април 2026 (МИА) - Израел ја поддржува одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп на две недели да ги суспендира нападите врз Иран, но ова примирје не го вклучува Либан - објави денеска канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Израелскиот премиер го поддржува потегот на САД под услов Техеран веднаш да ја отвори Ормуската Теснина и да ги запре нападите врз САД, Израел и земјите во регионот, се наведува во соопштението, пренесено од британските медиуми.
Изјавата доаѓа откако Вашингтон објави двонеделна суспензија на нападите врз Иран со цел смирување на конфликтот и отворање простор за преговори. Израел исто така наведе дека ги поддржува напорите на САД да се осигури дека Иран повеќе не претставува нуклеарна, ракетна или „терористичка“ закана за САД, Израел и неговите арапски соседи.
Додаде дека Вашингтон го информирал Израел дека останува посветен на заедничките цели во претстојните преговори.
Иран денеска објави дека преговорите со САД ќе почнат в петок, 10 април, во Исламабад.
Двајца претставници на Белата куќа претходно потврдија дека Израел се согласил на двонеделно примирје и прекин на бомбардирањето на Иран, а пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој посредуваше во договорот, објави на „Икс“ дека договорот вклучува прекин на израелските операции во Либан.
Израелската офанзива во Либан досега одзеде најмалку 1.500 животи и расели приближно 1,2 милион лица. Либан беше вовлечен во конфликтот откога Хезболах лансира ракети кон Израел во знак на солидарност со Техеран два дена откако Иран ги нападна Израел и САД. Нападот предизвика нова израелска копнена и воздушна офанзива.сд/аб/
Фото:МИА архива