• четврток, 26 декември 2024

Изборен молк 

Изборен молк 

Скопје, 7 мај 2024 (МИА) - Од полноќ стапи во сила молкот во пресрет на вториот круг од Претседателски избори и Парламентарните избори кој завршува со затворањето на гласачките места на 8 мај во 19 часот.

На 8 мај, на вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство.

Се гласа на 3480 избирачки места, а избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да го посетат избирачкото место и да гласаат. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати. 

Денеска, ден пред изборите, први гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и, пријавените од дијаспората, но само за претседателските избори. 

Иако кампањата и подготовките за изборите се совпаднаа со велигденските празници, ДИК навреме го достави недоверливиот и доверливиот материјал до општинските изборни комисии.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ)  упати апел за известувањето на медиумите во тек на изборниот молк за двојните избори кој трае до утревечр во 19 часот.

-За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања, укажаа од АВМУ.

Според Изборниот законик, потсетуваат од АВМУ, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта. вг/

Фото: МИА Архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан