Во Делчево се одржа едукативно предавање за предизвиците во пчеларството
- Здружението на пчелари „Пијанечка Пчела 2“ вечерва во Делчево организираше едукативно предавање на повеќе теми од пчеларството меѓу кои „Пролетен развој на пчелните семејства и справувањето со болести“. На предавањето, како што истакна Јованчо Медарски, претседател на делчевското здружение, учествуваа експерти во областа кои ги запознаа пчеларите и со нови техники за производство на матици.

Делчево, 3 април 2025 МИА - Здружението на пчелари „Пијанечка Пчела 2“ вечерва во Делчево организираше едукативно предавање на повеќе теми од пчеларството меѓу кои „Пролетен развој на пчелните семејства и справувањето со болести“. На предавањето, како што истакна Јованчо Медарски, претседател на делчевското здружение, учествуваа експерти во областа кои ги запознаа пчеларите и со нови техники за производство на матици.
-Пред присутните свое излагање имаа долгогодишни пчелари и експерти во пчеларството. Имаме доста присутност од пчеларите и благодарни сме на екипата која не удостои да ни ги образложи проблемите во пчеларството. Тема на разговор беше и смртноста кај пчелите, која е исто така многу присутна. Иако официјални информации за причините за смртноста се уште нема, според анализите кои ги добиле колегите од Македонска Каменица, станува збор за ноземоза, болест која се појавува на секои 5 до 6 години во опасен вид, истакна Медарски.
Пчеларите на работилницата се запознаа и со ефективните методи за сузбивање на одредени појави кои се појавуваат во пчеларниците.
-Од почетокот на моето пчеларење од 2006 година се одлучив да работам на органски начин и гледав да детектирам да се открие кои се најефективните методи за отстранување на крлежот во органските принципи. Во моето пчеларство исто така применувам техники со употреба на рамка градежник. Се почнува од овој период и тоа втора и претпоследна рамка, до рамката со храна за пчелите. Таа почнува да го извлекува, а во тоа време дополнително се нанесува трутово легло, кое штом се затвори се отсекува од ветар и проверуваме дали има вароа, истакна пчеларот Ѓорѓи Хаџи Котаров.
Тој изрази надеж дека примената на методите на органско пчеларење ќе бидат присутни и кај помладите генерации, со што идните генерации ќе продолжат со производство на квалитетен органски мед.
На работилницата експертот Ѓорѓи Андонов ги запозна пчеларите на тема „Производство на матици за сопствени потреби“, а за предизвиците со климатските промени свој осврт имаше и пчеларот Горан Колев кој нагласи дека сушниот период во комбинација со наглите временски прилики е нешто на што исто така треба да се обрати внимание во наредниот период. вс/вј/
Фото: МИА