• среда, 18 декември 2024

Иван Антоновски ја повлече кандидатурата за претседател на Собранието на ДПМ

Иван Антоновски ја повлече кандидатурата за претседател на Собранието на ДПМ

Скопје, 23 јануари 2024 (МИА) - Писателот Иван Антоновски денеска соопшти дека ја повлекува кандидатурата за претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

-По јавно достапните информации дека според важечката регулатива, позицијата претседател на Собранието на ДПМ, правно, воопшто и не постои, искрено, бев во дилема дали е потребно повлекување на кандидатура за правно непостоечка позиција. Сепак, сметам дека имам морална обврска да се обратам до вас и да ве известам дека и формално го преземам овој чекор, затоа што ставовите и програмските определби од мојата кандидатура, всушност, беа одраз на тоа што голем дел од членството го чувствува и го изрази како потреба, се вели во соопштението на Антоновски.

Тој посочи дека со формалното повлекување на кандидатурата се надева оти ќе успее да спречи заедничките заложби за консолидација на ДПМ да бидат вовлечени во евентуални натамошни случувања што би немале правен легитимитет и дополнително би му наштетиле на Друштвото.

-Верувам дека потребата од заложби за модернизација и транформација на македонската писателска асоцијација и натаму е силна, иако, по сето она што го посведочивме во овој период, јасно е дека патот ќе биде уште подолг и потежок. Заложбите беа и се за нов систем на вредности, а не за продлабочување на веќе постоечките проблеми. И покрај сè, сакам да верувам дека ДПМ може да излезе од ќорсокакот во кој се наоѓа, а дали тоа ќе се случи зависи од секој од нас – членовите на ДПМ!, додава Антоновски. бт/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан