• среда, 25 декември 2024

Ивана Смилевска и Емилија Петреска од Радио МОФ добитници на наградата за најдобра новинарска сторија „Жан Моне“

Ивана Смилевска и Емилија Петреска од Радио МОФ добитници на наградата за најдобра новинарска сторија „Жан Моне“
Скопје, 27 мај 2021 (МИА) - Сторијата „Од Вива ла Дива до победа во Стразбур, колку државата е отворена за транс права“ изработена од новинарките Ивана Смилевска и Емилија Петреска од Радио МОФ е најдобрата новинарска сторија која ја освои годинешната награда „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”. - Исклучиво тешко е да се слушаат сведоштвата и со какви проблеми се соочуваат трансродовите лица, особено оние проблеми кои се сосема банални, како, одење до продавница или одење до банка. Многу ми е мило што ја добиваме наградата во момент кога, оваа година, нашата земја направи мало помрднување на сферата за трансродовите права и Владата го утврди законот за менување на полот во матичната книга, изјави Смилевска, која дополни дека се надева дека токму оваа награда ќе направи државата да слушне уште повеќе и да ги оствари правата кои транс родовите ги бараат од неа. На 18-тото издание на наградата „Жан Моне“ за најдобра репортерска фотографија беше избрана фотографијата на Арбнора Мехмети, објавена на „Мета.мк“ како дел од репортажата за работењето на Итната медицинска помош во услови на пандемија. - Додека стојам тука, би сакала да зборувам за состојбата на фотоновинарството. Се надевам дека оваа наша професија ќе преживее и понатака, затоа што, ако вака продолжува како што е тргнато сега, мислам дека за некоја година нема на кого веќе да ја доделите ова награда, рече Мехмети. Воедно беше доделена и награда за најдобра аматерска фотографија на тема „Заедницата - тоа сме ние“, а добитникот е Виктор Поповски. - Победничката фотографија ги опишува луѓето што ги гледаме постојано на улица, кои што просат, кои што целиот свој живот го поминуваат на тие улици, а ова е еден трагичен, но, сепак среќен момент затоа што се радуваат на едно обично мече. Така што, тоа ми беше поентата, тоа е нашето општество што нè опкружува и да не ги одминуваме тие луѓе, истакна Поповски во своето обрќање. Во доделувањето на наградите присуствуваше евроамбасадорот Дејвид Гир кој во своето обраќање истакна дека улогата на новинарите во општеството е од особено значење и дека е клучна поддршката на влста, но и на граѓаните за развивање на оваа професија. - Ова награда го прославува професионалното новинарство и фоторепортерство, но, и придонесот на граѓаните во оваа смисла. Професионалните медиуми може да направат огромен придонес за доброто во општеството расветлувајќи ја корупцијата, разоткривајќи ја злоупотребата и поттикнување дебата во општеството, новинарите и новинарството треба да се стремат кон највисоките стандарди во својата професија, меѓутоа тие не се единствените кои треба да го работат тоа, треба и Владата да овозможи околина во која ќе може новинарството да се се развива, а секако и граѓаните со својата поддршка. Оваа година може да се каже дека беше тешка за сите нас, всушност и самата ЕУ се соочи со многу предизвици, затоа, решивме дека темата за доделување награда во професионалната категорија ќе биде солидарноста на Европската Унија во време на пандемија, кажа амбасадорот Гир. Дарко Дуридански, претставникот на ССНМ пак, потенцира дека оваа награда најмногу придонесува кон вреднувањето на професионалното новинарство. - Овој настан има основна цел да го подржи односно вреднува професионалното новинарство, оваа награда е важна зарди поддршка на различните мислења, поддршка на различностите на слободата и правото на изразување, слободата на медиумите, истакна тој. Наградата „Жан Моне“ ја доделуваат Делегацијата на Европската Унија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. свс/ар/

Остани поврзан