• петок, 27 декември 2024

Завршени 60 инфраструктурни проекти од ТАВ програмата, се работи на 22

Завршени 60 инфраструктурни проекти од ТАВ програмата, се работи на 22

Скопје, 4 јули 2023 (МИА) - Реализацијата на проектите од ТАВ програмата е над 76 проценти и се одвива успешно според предвидената динамика. Од вкупно 82 започнати проекти во вредност од 49,7 милиони евра, до денеска се завршени 60 инфраструктурни проекти во разни општини низ државата, а тековно се работи на 22 други. За останатите 10 проекти овие денови ќе почне реализацијата, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи заедно со генералниот директор на ТАВ, Неџат Курт, изврши увид во градежните работи на мостот Љубљанска во Општина Карпош за кој се одвоени над 6 милиони и 200 илјади евра и ќе поврзе два дела од градот, поточно фреквентните улици „Илинденска“ и „Скупи“, мостот ќе ги поврзе меѓу себе и општините Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, и Шуто Оризари.

-Задоволен сум од динамиката со која се врши изградбата бидејќи долната конструкција на мостот е завршена и во моментот се работи на горниот дел. Веќе е завршено и бетонирањето на главните носачи, попречните носачи и плочата помеѓу крајниот столб и средниот столб и во наредниот период ќе се поставуваат скелиња за поставување на плоча помеѓу столбовите. По завршувањето на работите, ќе добиеме модерен мост со широчина од 24 метри со 4 коловозни ленти, со пешачки и велосипедски патеки од двете страни, едно вистинско архитектонско решение, кое граѓаните на Скопје и на Северна Македонија го заслужуваат. Очекувањата се работите на мостот да се финализираат кон крајот на оваа година, рече Битиќи.

Генералниот директор на ТАВ, Неџат Курт посочи мостот ќе биде голема придобивка за локалните заедници и оти ТАВ како аеродромски оператор, покрај аеродромското работење како главна дејност, со задоволство придонесува за развојот на локалната инфраструктура во Северна Македонија.

-Како еден од 90-те специјални проекти чија вкупна вредност е 49,7 милиони евра, мостот „Љубљанска” е од огромно значење бидејќи ќе поврзе два динамични дела на град Скопје и во исто време ќе додаде вредност и придобивка за локалните заедници и особено за граѓаните на град Скопје, рече Курт, и додаде дека тука нема да биде крајот на соработката со Владата на Северна Македонија во делот на подобрување на инфраструктурата.

ТАВ програмата се спроведува со пренамена на средствата што требаше да ги вложи ТАВ за изградба на карго аеродром во Штип. Со неа се спроведуваат проекти за изградба на водоводи, канализации, спортски сали, патишта и улици, градинки, домови за стари лица, младински центри. лв/ев/

фото: Влада, ТАВ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан