• среда, 13 ноември 2024

ЕК: Банкарската регулатива и супервизијата што ја спроведува НБ во согласност со највисоките европски стандарди

ЕК: Банкарската регулатива и супервизијата што ја спроведува НБ во согласност со највисоките европски стандарди
Скопје, 24 февруари 2022 (МИА) - Европската комисија (ЕК) донесе одлука со која оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка (НБ) е во согласност со високите стандарди на Европската Унија. Со Одлуката, како што велат од НБ, се потврдува дека банкарската регулатива кај нас, како и начинот на вршење на супервизија на банките е еквивалента на онаа којашто се спроведува во ЕУ. -Со ова нашата земја се вклучува на листата од само 26 земји во светот, меѓу кои САД, Канада, Јапонија и Нов Зеланд, коишто ги исполнуваат овие високи стандарди, посочуваат од НБ. За значењето на оваа одлука за Народната банка, како регулатор на банкарскиот сектор, но и во економијата во целина, како што посочуваат, беше разговарано на работната средба одржана помеѓу гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и евроамбасадорот Дејвид Гир. -Оценувањето беше спроведено од страна на Европскиот банкарски орган, при што во период од повеќе од една година беа проучувани домашната банкарска регулатива и супервизија од страна на европските експерти. Со оцената се утврдува дека домашната регулатива и супервизија овозможува одржување на стабилноста и интегритетот на финансискиот систем, ефикасна и соодветна заштитата на корисниците на финансиски услуги, соработка помеѓу различните учесници на финансискиот пазар, независност и ефикасност на супервизијата и ефикасно спроведување на меѓународните стандарди. Потоа, оцената на Европскиот банкарски орган беше усвоена од страна на Европската комисија, прецизираат од НБ. За НБ, добивањето позитивната оцена за усогласеноста на банкарската регулатива и супервизија со таа во ЕУ е потврда на постојаните активности на централната банка за усогласување со европските стандарди. -Добивањето еквивалентен третман е значајно од аспект на перцепциите на потенцијалните инвеститори и полесно и поефикасно поврзување на домашниот банкарски систем со меѓународните финансиски пазари. Позитивната оцена го олеснува пристапот на домашните институции до меѓународниот финансиски пазар, носи предности во водењето на монетарната политика на Народната банка и ја олеснува соработката со супервизорските органи во ЕУ, истакнуваат од НБ. Најавуваат дека и во иднина ќе работат на унапредување на регулативата во однос на банкарскиот систем и преку тоа, како што велат, на одржување стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем, којшто функционира во најдобар интерес на потрошувачите и целокупната економија. Одлуката од 1.10.2021 е објавена во службениот весник на Европската унија, и е достапна на следниот линк: https://eur-lex.europa.eu/legal-content/EN/TXT/PDF/?uri=CELEX:32021D1753&from=EN вј/лв/

Остани поврзан