ДУИ: Граѓаните се понижени и без европска перспектива
- Фатон Ахмети, член на високото раководство на Демократската унија за интеграција, на денешната прес-конференција рече дека граѓаните никогаш не биле попонижени, попотценети и без европска перспектива. Како што посочи, сето тоа се случува затоа што губитниците на претседателските и парламентарните избори влегле во Владата без легитимитет и без никакви услови.
Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Фатон Ахмети, член на високото раководство на Демократската унија за интеграција, на денешната прес-конференција рече дека граѓаните никогаш не биле попонижени, попотценети и без европска перспектива. Како што посочи, сето тоа се случува затоа што губитниците на претседателските и парламентарните избори влегле во Владата без легитимитет и без никакви услови.
- Денеска сме сведоци на блокирањето на евроинтеграцискиот пат, без јасна перспектива кога ќе се деблокира. Сведоци сме на најслабата застапеност и со најниски капацитети на Албанците во институциите, сето тоа без легитимитет. Од ВМРО ДПМНЕ потенцираа дека 75 отсто од институциите се условно кажано вратени од Албанците и оти губитниците од ВРЕДИ не добиле ништо. Никој не ја негираше оваа изјава, рече Ахмети.
Според него, негирањето на Охридскиот договор продолжил и во Уставниот суд, каде што, како што рече, била поништена етничката припадност за да се спречи принципот на правично и адекватно застапеност и да се отвори патот за поништување на Бадентеровиот принцип.
- Буџетот за Охридскиот договор и одбележувањето на Денот на азбуката беше осакатен и оставен во рацете на Стоилковиќ. Денеска, поразените на изборите, со џентлменски договор раководат со небитни институции. Албанскиот јазик е тргнат од употреба во 100-тина институции, а повторно заживеа иницијативата за укинување на законот за употреба на јазикот, рече Ахмети.
Обвини дека се вршат политички притисоци со закани за откази кон вработените во некои државни органи и ја обвини Владата дека се откажала од евроинтегративниот план. фф/бак/
Фото: МИА